Проф. д-р Катерина Тодороска: Препорачана книга од  д-р Мери Стојанова, насловена „Етнографија и антропологија на Македонците „Нашинци“ од македонско-албанското пограничје“

Дниве ми беа празник за душа, а причина за тоа е книгата напишана од колешката д-р Мери Стојанова, насловена „Етнографија и антропологија на Македонците „Нашинци“ од македонско-албанското пограничје“. Сакајќи барем малку да ви ја доближам содржината на оваа книга ќе се послужам со зборовите на авторот д-р Стојанова, напишани во воведот каде таа забележува дека „..Идејата да се пишува за границите, или поточно за македонските граници произлезе од самиот факт што тие како што е случај и со многу други граници на Балканот до сега речиси воопшто и не биле разгледувани во етнолошка и антрополошка смисла. Причината за ваквата ситуација можеме да речеме дека е сосема јасна. Тие со децении па и стоетија претставуваат своевиден генератор на кризи кој предизвикува бројни конфликти и кој во континуитет ја менува физиономијата на поедини територии и подрачја, предизвикува етнички и културни промени, па соодветно на тоа иницира постојана нетрпеливост. Оваа состојба на континуирани, негативни, причинско-последични врски, во најголем дел случаи нѐ доведува до ситуација осврнувајќи се само на „високите“ политики да забораваме на „обичните“ луѓе и нивните индивидуални и колективни судбини, нивните лични впечатоци и размисли…“.

Тргнувајќи од ваквата своја перцепција, д-р Стојанова ценела за потребно да се задржи на историската димензија од политички агол, како основа за нивна надградба со нејзините лични истражувања на терен сред „Нашинците“ во македонско-албанското пограничје. При тоа, треба да се спомне дека истражувањата се вршени во два предела т.е. во Мала Преспа и Голо Брдо, каде е и најголемата концентрација на македонското малцинство во Албанија. Определбата за тоа, авторот ја објаснува со фактот што темата со која се зафатила е исклучително сложена и обемна, но не мал придонес кон тоа ограничување имал и недостатокот на финансиски средства за продолжителни истражувања.

Врз основа на теренската работа, а во контекст на користењето на македонскиот јазик од страна на месното население д-р Стојанова заклучува дека „… македонското население и во двата предела активно се служи со македонскиот мајчин јазик, како во рамките на семејните заедници така и во рамките на пошироките општествено-социјални средини…. Користењето на мноштво заемки од албанскиот јазик е присутно и во двата предела иако во Голо Брдо тоа е позачестено. Тоа е особено видливо кај македонското исламизирано население во доменот на конфесионалната и родовата терминологија. Сепак и во двата предела независно од верската припадност на населението заемките многу често добиваат некој вид словенизирана варијанта така, прилагодувајќи се кон говорните прилики на локалното населние“.

Еден од значајните сегменти за разбирање на состојбите со македонското население во Албанија секако претставува и економската положба на населението. Во двата предела за кои говори д-р Стојанова се наоѓаат во мошне суров предел, каде имате чувство дека времето застанала многу години пред денешницава. Така, Втората светска војна е еден од значајните меѓници за миграциите на Балканот, а тоа неизбежно се однесува и на македонското население. Така, во текот на предвоениот, воениот, но и  поствоениот период, македонските жители од овие области мигрирало во различни правци во потрага по подобар живот. Соодветно на резултатите од истражувањето д-р Стојанова ги одредила и нејзначајните временски интервали во кои се забележани најмасовни миграции. „Миграциите во периодот пред 1948 год. се одликувале со индивидуални миграции кои биле привремени, надворешни и биле насочени кон некои од важните градски центри во рамките на турската империја, но и по нејзиното распаѓање како што биле Стамбол, Софија, Солун, Корча, Тирана, но и поблиските центри во Македонија: Битола, Дебар и др.

Миграциите во вториот граничен период заради затвореноста на албанските граници и минимизираните можности за ваков тип на движења се карактеризирале со внартешни миграции насочени од руралните кон урбаните градски центри, така што населението од Мала Преспа најчесто мигрирало кон Корча, а поретко кон Тирана, додека она од Голо Брдо кон Елбасан, Драч и Тирана. Третиот миграционен период кој започнал со мошне силен интензитет и кој сеуште трае е периодот на надворешната миграција кој започнал во 1991 год. Во него е подеднакво присутна како групната така и поединечната миграција, и таа најчесто е насочена надвор од границите на Албанија, кон Македонија, кон населените места во Грција каде живее македонско население со што драстично е олеснета вербалната комуникација, но и во Италија, па и во прекуокеанските земји. Во овој поглед индивидуалната миграција најчесто е периодична, додека пак групната или семејната миграција е во најголем број случаи трајна“.

За се ова и многу повеќе за обработуваната тема, читателот може да осознае со читање на книгата „Етнографија и антропологија на Македонците „Нашинци“ од македонско-албанското пограничје“, чиј автор е д-р Мери Стојанова, виш кустос во НУ „Завод и музеј – Битола“. Можеби е ненаминска забелешка, но ќе забележам. Ако д-р Стојанова со ограничени финансии успеала да добие вакви резултати, се прашувам колку информации, факти, артефакти и што уште не, може да открие македонската наука во пределите население со македонско население во Албанија? Ќе завршам со искрените честитки до авторот за одлично сработениот труд и препораката за нејзин прочит до сите заинтересирани за еден дел од македонската историја, култура, етнолигија или, само македонска опстојба.