Сојузот на здруженија од дијаспората со барање да се прогласи за неважечка репресивната времена спогодба со Грција

 

Сојузот на здруженија од дијаспората бара веднаш да се прогласи за неважечка репресивната Времена Спогодба со Грција, од 1995 година, со која на националистичкиот грчки режим му се дозволува да учествува во редефинирање на идентитетот на Република Македонија и македонскиот народ, вклучувајќи ограничување на правото на македонските граѓани, според слободна самоопределба да го изразуваат својот етноисториски идентитет. Секоја власт што учествува во легитимизирање и применување на таквата спогодба (невалидно ратификувана во име на Република Македонија од страна на режим што обезбеди специјално парламентарно мнозинство преку флагрантно фалсификувани избори) го поткопува суверенитетот на граѓаните на Република Македонија и му ги погазува на македонскиот народ меѓународно кодифицираните човекови права и слободи.

Времената Спогодба со Грција треба да се замени со нова понуда на добрососедски договор, за безбедносна, одбранбена, културна, економска и социјална соработка, врз основа на почитување на државните граници, државниот суверенитет и човековите права кодифицирани со Универзалната Декларација за Човекови Права на Обединетите Нации, Меѓународната Конвенција за Граѓански и Политички Права и Меѓународната Конвенција за Социјални, Економски и Културни Права.” – стои во соопштението на Сојузот на здруженија од дијаспората.