Средба на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија се одбележуваат 70 години од прогонството од нивниот роден дом

Петтата светска средба на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија ќе се одржи во Скопје на 30 јуни и 1 јули 2018 година во организација на Сојузот на здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН. Со Петтата светска средба на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија се одбележуваат 70 години од прогонството од нивниот роден дом, за време на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година.

Свечениот собир започнува на 30 јуни 2018 година (сабота) во 10.00 часот пред Споменикот на децата бегалци во Парк Жена Борец, карши Собранието на Македонија, каде што делегација на децата бегалци насилно прогонети од Егејскиот дел на Македонија и други делегации ќе положат свежо цвеќе. Свечениот собир ќе продолжи во 11.00 во Домот на АРМ со Изложба “70 години од прогонот на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија 1948-2018“ и во големата сала во 11.30 часот во Домот на АРМ со реферат за прогонот, поздравни говори и културно-уметничка програма.

Од Петтата светска средба на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија до претседателите, владите и парламентите на Македонија и Грција и до меѓународната заедница ќе биде упатена посебна декларација со пораки за “Крај на преговорите за името на државата Македонија и идентитетот на Македонскиот народ“, “Мир и љубов меѓу народите и државите во светот“, “Никогаш повеќе војна“ и “Простуваме но, не забораваме, бараме извинување и репарации!“

На 1 јули 2018 година (недела) од 9.30 до 14.00 часот ќе се одржи пикник на Катлановска бања со полагање свежо цвеќе на Споменикот на борците на ДАГ од Граѓанската војна во Грција 1946-1949, поздравни говори и пригодна културно-уметничка програма. Поаѓањето е пред Олимпискиот базен во Центар во 9.00 часот. Петтата светска средба на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија ќе заврши на 1 јули 2018 година (недела) со вечера и пригодна културно-уметничка програма во ресторан “Ексклузив“ во Кисела Вода со почеток во 19.00 часот. Вечерата е 500 денари.

Организаторот упати покани до: Архиепископот и митрополитите на Македонската Православна Црква, претседателите на Републиката, Владата и Собранието, министрите за надворешни работи, внатрешни работи и одбрана, амбасадорите на САД, Франција, Велика Британија, Кина, Унгарија, Чешка, Словачка, Романија, Полска, Руската Федерација, Узбекистан, Бугарија, Хрватска, Србија, Словенија и Албанија и Грција, пратениците од Егејскиот дел на Македонија и лидерот на парламентарната опозиција.

Сојузот на здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН упатува јавна покана до сите Македонци насилно прогонети од Егејскиот дел на Македонија и нивните потомци, како и до сите здруженија на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, во татковината и во светот, за масовно учество на Петтата светска средба на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија!

Advertisement