Светскиот Македонски Конгрес поднесе кривични пријави против претседателот на Владата на Република Македонија Заев и министерот за надворешни работи Димитров

 

Светскиот Македонски Конгрес (СМК) денес до Скопското основно јавно обвинителство поднесе кривични пријави против претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров, за сторени кривични дела повреда на угледот на Република Македонија (член 178), излагање на подбив на Македонскиот народ (член 179), велепредавство (член 305), загрозување на независноста (член 308), терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста (член 313), здружување заради непријателска дејност (член 324), злоупотреба на службената положба и овластување (член 353), и самовластие (член 392) од Кривичниот законик на Република Македонија.

СМК во кривичните пријави наведува дека во периодот на 2017 и 2018 година, Зоран Заев како претседател на Владата на Република Македонија и Никола Димитров како министер за надворешни работи, преземаат дејствија за промена на името на државата Македонија и идентитетот на Македонската нација – името на Македонскиот народ и името на Македонскиот јазик, на начин спротивен на службената положба и овластувањата и спротивно на постапките утврдени во Уставот на Република Македонија.

СМК притоа потсетува дека, Македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија во апсолутно мнозинство на референдумот одржан на 8 септември 1991 година гласаа “ЗА СУВЕРЕНА И САМОСТОЈНА ДРЖАВА МАКЕДОНИЈА“ без додавки и без придавки. Резултатите од референдумот одржан на 8 септември 1991 година, Собранието на Република Македонија ги потврди со Декларација донесена на 17 септември 1991 година (“Службен весник на Република Македонија“ број 42/1991). Во согласност со членот 73 став 4 од Уставот “Одлуката донесена на референдумот е задолжителна“ за сите без исклучок. Обврската од членот 73 став 4 од Уставот важи и за Владата, која спротивно на тоа, води преговори за промена на името на државата и идентитетот на нацијата – врши промена на името на Македонскиот народ и името на Македонскиот јазик.

СМК обвинува дека претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров водат преговори за промена на името на државата и идентитетот на нацијата, спротивно и на Декларацијата во врска со Лисабонската декларација на Европскиот совет на Европската заедница за поранешна Југославија усвоена во Лисабон на 27 јануари 1992 година (“Службен весник на Република Македонија“ број 40/1992).

СМК потсетува дека во точката 1 од оваа Декларација се вели: “Собранието на Република Македонија го оценува за неприфатлив и го отфрла делот од Декларацијата на Европскиот совет на Европската заедница за поранешна Југославија, усвоена во Лисабон на 27 јуни 1992 година, што се однесува за признавањето на Република Македонија “со име кое нема да го вклучува терминот Македонија“. Во точката 6 од оваа Декларација, понатаму, се вели: “Името Македонија е основа за името на еден народ – Македонскиот народ, кој претставува мнозинство во Република Македонија и со неговото негирање се врши дискриминација врз тој народ и националностите кои живеат со него. Тоа не е во функција на обезбедување мирен и стабилен сестран развој на Република Македонија и зачувување на нејзиниот суверенитет и независност, обезбедени на мирен и демократски начин. Во точката 7 од оваа Декларација, исто така, се вели: “Собранието на Република Македонија и натаму инсистира и бара од Европската заедница, како и од пошироката меѓународна заедница, Конференцијата за европска безбедност и соработка и Организацијата на обединетите нации и нејзините членки, меѓународно да ја признаат Република Македонија со нејзиното име и во постојните граници.“

СМК обвинува дека претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, и министерот за надворешни работи Никола Димитров, спротивно на службената положба и овластувања и самовласно вршат повреда на следните акти од меѓународното и домашното право:

(1) Повелбата на Обединетите Нации и Универзалната декларација за човекови права во коишто правото на државното име Македонија е неотуѓиво, неотстапно и неприкосновено веќе апсолвирано право на самоопределување и самоидентификација на Македонскиот народ!

(2) Резолуцијата 817(1993) од 7 април 1993 година, на Советот за безбедност на Обединетите Нации и Резолуцијата 47/225 од 8 април 1993 година на Генералното Собрание на Обединетите Нации со која Македонија е примена во членство на Обединетите Нации, при што не се прејудицира ПРОМЕНА НА ИМЕТО НА ДРЖАВАТА туку со упатува на РАЗГОВОР ЗА РАЗЛИКАТА по државното име Македонија со Владата во Атина, со напомена: Додека траат разговорите, само во системот на Обединетите Нации, и времено, на Македонија да и’ се обраќаат како “поранешна Југословенска Република Македонија“.

(3) Барањето на Република Македонија А/47/876-S/25147 за прием во членство на Обединетите Нации, поднесено под државното име Македонија.

(4) “поранешна Југословенска Република Македонија“ не е меѓународно име чијашто замена се договара со ново меѓународно име, туку времено обраќање само во системот на Обединетите Нации додека траат разговорите за разликата за државното име Македонија меѓу владите во Скопје и Атина. Македонија нема сложено или композитно име што се состои од два или повеќе збора, ниту име за внатрешна употреба и име за надворешна употреба, ниту име за дома и меѓународно име за светот, името на државата се состои само од еден единствен збор – зборот Македонија!

(5) Извештајот на Арбитражната комисија на Конференцијата за Југославија на Европската Заедница, усвоен од Советот на Европската Заедница на 16 декември 1991 година, според којшто Република Македонија ги исполнува условите од Насоките за признавање на новите држави во Источна Европа и во Советскиот Сојуз и од Декларацијата за Југославија, според што “употребата на името Македонија не содржи какви и да е територијални претензии кон друга држава“.

(6) Амандманите на членот 3 и 49 од Уставот, усвоени на 6 јануари 1992 година, по барање на Европската Унија, а под притисок на Грција, со коишто се потврди дека “Македонија нема територијални претензии кон соседните држави“ и “во грижата за положбата и правата на македонското малцинство во соседните држави Македонија нема да се меша во нивните внатрешни работи“!

(7) Пресудата на Меѓународниот суд во Хаг од 5 декември 2011 година, а по тужба од Македонија против Грција во 2008 година, со којашто се суспендира суспензивното право на Грција во меѓународните организации и се потврди правото на Македонија да поднесува барање за членство и да членува во меѓународни оранизации под државното име, со право на Грција само “да приговара доколку во овие меѓународни организации на Македонија и’ се обраќаат под државното име, различно од временото обраќање во Обединетите Нации додека траат разговорите“ и ништо повеќе од тоа!

СМК наведува дека дејствијата, спротивни на горенаведените акти, Зоран Заев и Никола Димитров ги преземаат спротивно на уставната обврска како претседател на Владата на Република Македонија и министер за навдорешни работи да ги штитат уставниот поредок и суверенитетот на Република Македонија, иако на 31 мај 2017 година пред Собранието на Република Македонија дале свечена изјава дека ќе го чинат тоа. Имено, во согласност со Глава VII членот 116 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, претседателот на Владата заедно со министрите, пред преземањето на должноста, дадоа свечена изјава пред Собранието, која гласи: “Изјавувам дека функцијата (се наведува функцијата) ќе ја вршам совесно и одговорно и ќе го почитувам Уставот и законите на Република Македонија”. Свечените изјави им се потпишани и предадени на претседателот на Собранието.

Дејствијата, спротивни на горенаведените акти, Зоран Заев ги презема спротивно и на писмената изјава дадена пред претседателот на Република Македонија на 17 мај 2017 година како гаранција за доверениот мандат како мандатар за состав на Влада, во којашто потврди дека ниту еден документ, платформа, декларација, акт или дејствие кои би биле спротивни на “унитарноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, независноста и мултикултурноста на Република Македонија, уставниот поредок и територијалната целина на Република Македонија, државните интереси, и одлуките што ќе се носат со владеење на правото недоведувајќи ја Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема друга држава“, не можат да бидат услов ниту основа за формирање и дејствување на Владата на Република Македонија!

СМК потсетува дека со преговорите за промена на името на државата и идентитетот на нацијата, Зоран Заев и Никола Димитров вршат повреда на угледот на Република Македонија што е кривично дело казниво по членот 178 од Кривичниот законик, затоа што “јавно ја изложуваат на подбив Република Македонија“. Со преговорите за промена на името на државата и идентитетот на нацијата, Зоран Заев и Никола Димитров го излагаат на подбив и Македонскиот народ, па и припадниците на заедниците кои живеат во Македонија заедно со него, што е кривично дело казниво по членот 179 од Кривичниот законик.

Зоран Заев и Никола Димитров вршат и кривично дело велепредавство, казниво по членот 305 од Кривичниот законик, затоа што со преговорите за промена на името на државата и идентитетот на нацијата, “со сериозна закана, се обидуваат да го изменат уставниот поредок на Република Македонија“. Изјавата на Зоран Заев дека и по цена на политичката кариера тој ќе договори промена на името на државата и идентитетот на нацијата е сериозна закана за промена на уставниот поредок на државата, бидејќи поттикнува насилство за рекомпонирање на суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија. Промената на името на државата и идентитетот на нацијата истовремено е признавање на окупација, казниво по членот 306 од Кривичниот законик, затоа што на тој начин Република Македонија се доведува во положба на потчинетост или зависност кон Република Грција. А, тој што ќе признае окупација на Република Македонија или на нејзин одделен дел, ќе се казни со затвор најмалку десет години или доживотен затвор.

Договорот за промена на името на државата и идентитетот на нацијата ја загрозува независноста на Република Македонија, што е казниво по членот 308 од Кривичниот законик, според којшто тој што “ќе ја доведе Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема некоја друга држава, ќе се казни со затвор најмалку пет години.“ Со преговорите за промена на името на државата и идентитетот на нацијата, Владата практично врши “терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, казниво по членот 313 од Кривичниот законик, затоа што со тоа претседателот и членовите на Владата на Република Македонија демонстрираат “намера за загрозување на уставниот поредок и безбедноста на Република Македонија“, што создава чувство на несигурност и страв кај граѓаните.

Преговорите за промена на името на државата и идентитетот на нацијата Зоран Заев и Никола Димитров ги вршат како заговор за кривичните дела од членовите 305 и 311 од Кривичниот законик, со што Зоран Заев и Никола Димитров вршат и кривично дело “здружување заради непријателска дејност“, што е казниво по членот 324 од Кривичниот законик, имено “(1) Тој што создава заговор, банда, група или друго здружение на лица или организација заради вршење на кривичните дела од членовите 305 до 311, 313, 314, 315, 321 и 322 став 2, ќе се казни со затвор најмалку четири години.“ А, “(2) Тој што ќе стане припадник на здружението од став 1, ќе се казни со затвор од една до пет години.“

Сите горенаведени кривични дела, Зоран Заев и Никола Димитров ги вршат со флагрантно кршење на Уставот и законите, како и на меѓународното право со “злоупотреба на службената положба и овластување“ казниво по членот 353 и со “самовластие“ казниво по членот 392 од Кривичниот законик.

СМК укажува дека според членот 353 од Кривичниот законик Зоран Заев и Никола Димитров како “службени лица ги искористуваат својата службена положба и овластување, и со пречекорување на границите на своето службено овластување и со неизвршување на својата службена должност му нанесуваат штета на Македонскиот народ и на граѓаните на Република Македонија во целина. Штетата е голема, а истовремено се врши повреда на правата на друг.

Според членот 392 од Кривичниот законик, пак, Зоран Заев и Никола Димитров прибавуваат за себе право што сметаат дека им припаѓа, иако промената на името на државата и идентитетот на нацијата не се во попис и опис на надлежности ниту на Владата на Република Македонија, ниту на претседателот на Владата на Република Македонија, ниту на министерот за надворешни работи на Република Македонија.

СМК поради сето ова погоре спомнато, му предлага Јавниот обвинител против Зоран Заев и Никола Димитров да предложат мерка притвор и мерка обезбедување на нивниот целокупен имот во Република Македонија и странство, поради опасност од бегство.

Подолго време, Зоран Заев и Никола Димитров даваат изјави кои недвосмислено упатуваат на елементи на основано сомневање за извршени кривични дела против суверенитетот и територијалниот интегритет на државата, во 2017 и 2018 година, иако се под свечена изјава дадена пред Собранието, со којашто се обврзуваат на почитување на Уставот и законите и на суверенитетот и територијалниот интегритет на државата Македонија.

Зоран Заев и Никола Димитров како членови на Владата на Република Македонија, преземаат дејствија санкционирани во Кривичниот законик под главата кривични дела против државата. Во согласност со нивните изјави, евидентен е обидот за промена на името на државата и идентитетот на нацијата, со што е загрозена целокупноста и унитарноста на Република Македонија. Загрозена е независноста на Република Македонија, којашто е доведена во положба на потчинетост или зависност кон странска држава – Република Грција, Република Бугарија и Република Албанија заради промена на името на државата и идентитетот на нацијата – името на Македонскиот народ и името на Македонскиот јазик.

Таа посветеност на Зоран Заев како претседател на Владата на Република Македонија на заговор со премиерот на Република Грција, и на Никола Димитров како министер за надворешни работи на заговор со министерот за надворешни работи на Република Грција, против суверенитетот и територијалниот интегритет на државата и уставното уредување на Македонија, надвор од со Устав и закон утврдените надлежности, ја загрозува унитарноста и државноста и предизвикува штетни последици по животите и имотите на граѓаните, што наведува на најтешко кривично дело против државата – велепредавство.

СМК наведува дека очекуваат јавниот обвинител против Зоран Заев и Никола Димитров да предложи најстрога казна доживотен затвор, конфискација на имотот што во значителна вредност ги надминува нивните законски приходи за кои немаат декларација на потекло и судска мерка забрана на вршење на должности во државната власт поради кривичните дела кои во времето додека биле носители на јавната функција претседател и министер за надворешни работи на Владата на Република Македонија ги сториле против државата и нацијата.

Advertisement