Тројца македонски маратонци го трчаа маратонот во Чикаго

Вчера (8 октомври) на улиците на Чикаго се трчаше јубилејниот 40. маратон во овој град. Патеката со должина од 42.195 километри ја истрчаа над 46.000 маратонци од повеќе од 100 земји. Македонија имаше тројца претставници: Атанас Наумов, Ангел Арнаудов и Стевица Чарапиќ. Тројцата успешно ја завршија трката, а најдобар резултат забележа Наумов, кој го истрча за 3 часа, 36 минути и 28 секунди. Речиси еден час послабо време имаа Арнаудов и Чарапиќ.

На Атанас и на Ангел ова им е четврти медал од настапите на еден од шесте најголемите светски маратони Њујорк, Лондон Берлин и Чикаго, а им останува да ги истрчаат уште маратоните во Токио и Бостон.

„Ова ми е трет маратон за четири недели и беше навистина тешко да се трча. Пред две недели трчав во Берлин и имав огромна желба да го подобрам времето, но по десеттиот километар, заморот си го направи своето“, рече Наумов за „Репортер“. По должината на патеката луѓето постојано ги бодрат маратонците, а кога го здогледувале името на маичките на нашите маратонци, довикувале „Напред, Македонијо“.

„Овие овации прават да се гордееш дека си Македонец“, рече Атанас и додаде: „Чикаго е неверојатен да се разгледува туристички, а уште поневеројатен да се истрча“. И Ангел е задоволен од постигнатиот резултат. „Ова не беше моето најдобро време бидејќи немав подготовки како за претходните маратони. Влијание имаше и топлото време. Но, презадоволен сум од самиот настан, од организацијата, од публиката. Вреди да се трча во Чикаго“, рече Ангел.