Турција уапси над 1000 лица во антитерористички операции

Турските власти во последната седмица уапсиле 1.098 лица осомничени за поврзаност со терористички групи или со неуспешниот обид за преврат минатата година. Како што се наведува во соопштение на турското Министерство за внатрешни работи објавено денеска, 831 од нив се сомничат за поврзаност со движењето на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кој живее во САД и когошто Анкара го смета за одговорен за превратот од јули 2016 година.

Други 213 уапсени се осомничени за врски со нелегалната Курдска работничка партија (ПКК) што веќе 30 години води вооружена борба со безбедносните сили, и е сметана за терористичка организација во Турција, САД и ЕУ. Останатите 46 лица се уапсени за врски со терористичката група Исламска држава, а осуммина за врски со „леви терористички групи”, стои во соопштнието. По обидот за преврат лани на 15 јули, турските власти уапсија вкупно околу 50.000 луѓе, а без работа останаа над 150.000 службеници во Армијата, државните служби и приватниот сектор.