Вардар одигра нерешено во Лигата на шампионите 26:26 со Пик Сегед

 

После осум победи во серија, Вардар одигра нерешено во Лигата на шампионите и тоа на гостувањето кај ПИК Сегед. Беше пропуштена шанса за триумф бидејќи Дибиров имаше шут за триумф, но и покрај тоа според она како се движеа работите и ремито е добар резултат особено ако се земе предвид дека Унгарците беа постојано во предност. Oд првата минута двете екипи тргнаа силно и најавија дека се решени да го добијат овој меч. Домашните беа мотивирани, но наидоа на расположениот Штербик кој уште во првиот напад забележа три одбрани. И покрај тоа ПИК Сегед го имаше првото водство после три минути од играта, а беше во предност од еден гол до 12 минута кога Вардар за момент ги сврте работите во своја корист и успеа да поведе со 5:4.

Потоа одново следуваше период во кој Унгарците беа во предност од еден гол, а Вардар успеваше да израмни. ПИК Сегед првпат поведе со два разлика во 16. минута со 8:6, но потоа одново се влезе во дел од мечот каде што одеше гол за гол при што Вардар намалуваше на гол негатива. Во 23. минута при 11:10, домашните успеаја да најдат начин како да ги запрат „вардарци“ во неколку напади по ред и на тој начин да поведат првпат со три гола предност и имаа 13:10. За да биде уште потешко, само што Вардар намали на 13:11, дојде првото исклучување во Вардар кое го доби Стоилов.

Меѓутоа во тие моменти момците одработија далеку подобро и успеаја да се одбранат, но и да постигнат два гола, па со играч помалку израмнија на 13:13. Имаше и напад за позитива на одмор, но место тоа на паузата домашните заминаа со предност од 14:13. Почетокот на вториот дел донесе ново надмудрување. Израмнувањето дојде брзо, а потоа и двете екипи можеа до предност. Голманите беа во добра форма и успеваа да бранат тешки удари, а тоа не дозволуваше некој да успее да влезе во продолжението со поголема предност.

После 16:16 во 37. минута од мечот попушти креативноста во нападот на Вардар, а тоа резултираше со нова предност на ПИК Сегед од три разлика. Одново Унгарците заминаа на сигурна предност така што имаа 19:16, но Борозан го прекина лошиот период со два гола по ред во 42. и 43. минута кога намали на еден гол разлика користејќи ја играта со човек повеќе во поле.

Предноста ја снема во 47 минута откако Штербик успеа одново да се врати во ритам, а Циндриќ во нападот да најде простор за нов гол и израмнување на 20:20. Сепак, налетот застана тука, па домашните одново отидоа на плус два и со 23:21 ги почнаа последните десет минути. Тогаш се разбрани Штербик и овозможи ново враќање во мечот. Меѓутоа Чупиќ не искористи пенал, а Фереира Мораеш биеше во пречката.

И покрај тоа Вардар имаше шанси одново да израмни и да направи пресврт, но Сиера и одбраната на ПИК Сегед беа на ниво и успеваа да се одбранат. Секој напад беше „да се биде или не“ и не смееше да се погреши.

Драмата дојде на минута до крајот кога Македа ја реализираше контрата која дојде после брзоплетоста на домашните. Тоа беше гол за 26:26, а ПИК Сегед тргна во последен напад. На 20 секунди до крајот после тајм-аут домашните ја загубија топката, а Тимур Дибиров беше во контра и биеше преку гол. Немаше гол, па останаа нерешените 26:26, резултат од кој можат да бидат задоволни двете страни, а вардарци можат да жалат за пропуштениот шут на Дибиров.