Екслузивно интервју за весникот Македонски весник „Илинден”: Претставничката на македонското национално малцинство во Комитетот за национални малцинства во Република Албанија, Марјана Костофски Фелах

Македонски весник “Илинден“: Марјана Костофски Фелах, со оглед на фактот што вашата позиција е значајна за Македонците во Република Албанија, како нивен репрезент во многу важниот Комитет за малцинства во Република Албанија, ве молам запознајте ги нашите читатели со вашата професионална историја.

Прво би сакала да ви се заблагодарам за ова интервју, можам да кажам дека ова е мое прво интервју отакако бев именувана како претставник на македонското национално малцинство при Комитетот за национални малцинства на Република Албанија. Исто така би сакала да ви се заблагодарам на сите Вас кои долги години работите во подготвувањето и издавањето на овој многу важен македонски весник, „Илинден“. Јас потекнувам од областа Мала Преспа, на која традиционално живеат претставници на македонското малцинство во Република Албанија. Уште од малечка, секогаш сум хранета со духот дека ние сме македонци, и дека со векови сме живееле на таа територија. На 14 годшина возраст се преселив во Тирана, главниот град на Албанија, за да продолжам со средно образование, факултет и магистер. За време на моите студии сум била дел од активностите што ги организираа друштвото „Сонце“ каде сум член, како и член на единствената македонска партија во Албанија, МАЕИ. Во 2015 година, една година откако се дипломирав и стекнав искуство на мојот профил (финансии и сметководство) во приватниот сектор, се вработив во Македонската Амбасада во Тирана како секретарка и преведувачка се до актуелната функција. За време на мојата работа во Амбасадата имав можност да се запознаам со проблемите на нашето малцинство во Албанија како и да придонесувам преку разни преводи на книги за зачувување на македонскиот јазик. Во меѓувреме, како дел од Македонската амбасада во Тирана се стекнав со стручно знаење во врска со протоколарните работи, стекнав искуство во комуникацијата како со македонските државни институции и со албанските. Имав можност да учествувам во многу активности на Амбасадата, некои од кои ги организиравме заедно со Амбасадорот и другите дипломати. Во 2017 година, волунтерски започнав да ги преведувам и читам вестите на македонски јазик кои се уште се емитуваат на РТШ 2 (Албанската радио телевизија). Пред една година бев именувана член на Комитетот за национални малцинства, како претставник на македонското национално малцинство во Република Албанија.

Македонски весник „Илинден”: Нашите читатели сигурно ги интересира од кога постои Комитетот за национални малцинства, кои биле вашите претходници, како и начинот на функционира Комитетот за национални малцинства?

Комитетот за национални малцинства, претходно Државен комитет за малцинства, беше формиран со Одлука на Владата број 127 на 11.03.2004 година. Врз основа на таа одлука од 2004 – 2017 година во Република Албанија биле официјално признати три национални етнички малцинства, Грците, Македонците и Србо – Црногорците, како и две етно-лингвистички малцинства Власите и Ромите. Според законот број 96/2017  „За заштита на националните малцинства во Република Албанија“ беше формиран Комитетот за национални малцинства. Целта на Комитетот е да обезбеди заштита и унапредување на правата и интересите на националните малцинства во Република Албанија. Комитетот е консултативно тело на владата за прашања и проблеми поврзани со правата на националните малцинства во Албанија. Комитетот има право да им предлага на државните органи прашања од особено значење за малцинствата, особено во однос на спроведувањето на уставните обврски, како и други посебни акти со кои се уредуваат правата и слободите на припадниците на малцинствата. Исто така, има право да им предложи на властите, централни и локални, можни и конкретни мерки за подобрување на нивото на правата на националните малцинства. Мои претходници се почесниот господин Фоте Никола, еден од првите активисти на македонското малцинство, писател и преведувач на неколку книги, како и господинот Нико Китани, кој даде свој придонес во Комитетот посебно за време на подготвувањето на Законот бр. 96/2017.

Македонски весник „Илинден”: Познато е дека Законот за националните малциства во Република Албанија е донесен во 2017 година. После неговото донесување, беше речено дека ќе бидат донесени и подакти за целосно објаснување на функционалноста на Законот, бидејќи подактите се многу битни за националните малцинства. Меѓутоа, до денес подактите не се донесени. Дали тоа значи дека Законот не е функционален и дали можете да ни објасните што е пречката за носење на овие подакти?

Да, Законот за заштита на националните малцинства во Република Албанија беше донесен во 2017 година, и од него произлегуваат 12 подзаконски акти, од кои 9 се одобрени а во тек се уште три. Точно е исто така дека еден од подзаконските акти кој се уште не е донесен е тој за Само-идентификација, што е многу важен акт за сите малцинства а посебно за нашето македонско население на Албанската територија.  Ние како институција ја завршивме целата постапка од наша страна што се однесува на подзаконските акти кои се под наша надлежност, додека водич за останатите подзаконски акти е Министерството за внатрешни работи на Албанија. Комитетот е во постојан контакт со Албанското МВР за што побрзо одобрување на останатите подзаконски акти. Што се однесува на функционирањето на Законот 96/2017 би сакала да напоменам дека еден од актите е и „Фондот за национални малцинства“ кој веќе две години функционира и до сега се финансирани неколку проекти, меѓу кои еден проект на Македонскто друштво „Илинден“, албумот со фотографии од народните носии на македонското национално малцинство во Албанија.

Македонски весник „Илинден”: Проблемите со кои се соочува македонскo национално малциство во Република Албанија се бројни, но можете ли да ги посочите најгорливите, можеби и најдолго нерешените проблеми? Дали има визија за нивно решавање?

Македонското национално малцинство во Албанија се соочува со неколку проблеми, еден од кој е и проблем со кој се соочуваат и нашите албански сонародници, а тоа е масивното иселување посебно на младите. Жално е кога гледаме како се затвораат училиштата поради малиот број на ученици. На пример, во Мала Преспа, ако порано секое село имаше свое училиште од прво до четврто одделение, каде се учеше на македонски јазик, сега е само едно во селото Туминец, едно девет годишно училиште во Долна Горица, и девет годишно и средно училиште во Пустец. Ова е директно поврзано и со учењето на македонскиот јазик кај помладите генерации.  Друг проблем со кој се соочуваат македонците во Албанија е и отсуството на инвестиции или отварање на работни места, што е и директно поврзано со прашањето на иселување. Што се однесува на нивното решавање, сметам дека се преземени неколку мерки, на пример во последно се обрнува внимание на развојот на туризмот во областа на Мала Преспа. А што се однесува на областа Голо Брдо, 24-часовното функционирање на граничниот премин Требиште – Џепиште ќе донесе и повеќе инвестиции за подобрување на состојбата на патиштата и за развој на агро-туризмот, секотор кој би можел да функционира многу добро во овие области кои се надарени од бога.

Македонски весник „Илинден”: Неодамна заврши пописот 2023 година во Република Албанија, при што македонските организации реагираа на непримерни притисоци врз Македонците за да се изјаснуваат како припадници на друго малцинство. Дали имавте можност да се запознаете со проблемите кои ги имаа Македонците во процесот на пописот и дали реагиравте на таквите информации во правец на заштита на интересите на Македонците во Албанија пред државните и меѓународните институции?

Како институција, ние го следевме пописот со особено внимание. Преку комуникации со ИНСТАТ бевме уверени дека пописот на населението и домовите ќе се изврши според европските и светските стандарди. Истовремено сум била во  постојан контакт со македонските невладини организаци, со претставници на МАЕИ, како и со Македонската амбасада во Тирана.  На крајот од првата половина на 2024 година се очекува да бидат објавени и резултатите од пописот. Тогаш ќе добиеме јасна глетка на состојбата на нашето македонско малцинство. Како дел од надлежностите што ги имаме во Комитетот, сигурно дека ќе ги пренесеме нашите предлози и ќе дадеме наше мислење во врска со процесот во извештаите кои ќе ги доставиме како за Албанските власти така и за меѓународните институции.

Македонски весник „Илинден”: Какви се вашите контакти со официјалните македонски претставници во Република Албанија и дали заеднички планирате некои идни проекти во интерес на Македонците во Република Албанија?

Мојата кандидатура за претставник на македонското малцинство во Комитетот ја поддржаа македонското друштво „Сонце“, како и истакнати личности на нашето малцинство во Албанија, меѓу кои Фоте Никола, Нико Китани, Илинден Спасе како и Градоначалникот на општина Пустец, Пали Колефски. Моите контакти не само со овие претставници, но и со другите истакнати личности, припадници на македонското малцинство во Република Албанија, се постојани. Заедно соработуваме за да пронајдеме заедничко решение за нашите проблеми, секој според надлежностите што ги има. Тука можам да ја одвојам и одличната соработка со Македонската Амбасада во Тирана, посебно мојот однос со Амбасадорот Данчо Марковски, со кој имаме одлична комуникација и во текот на првата година од мојот мандат сме организирале неколку активности. Во соработка со Амбасадата и со Академијата Браинстер се избрани неколку млади деца на македонското малцинство за следење на Академијата за Front-End програмирање преку доделување на стипендии. По завршувањето на ова квалитетно образование тие ќе имаат можност за вработување во ИТ индустријата. Имам одлична соработка и со познатиот македонски активист, професорот Кимет Фетаху и со претседателот на МАЕИ за Тирана, Ендри Фетаху, со кои планираме неколку проекти посебно за поголемо вклучување на младите припадници на македонското малцинство во политичкиот и социјалниот живот на Албанија.  Исто така преку Фондот за проекти од Комитетот за национални малцинства има одлични можности за поддршка на мали проекти, и тука би ја искористила приликата за повик за што поголемо учество на македонските друштва за аплицирање.

Македонски весник „Илинден”: Има ли нешто посебно што би сакале да го испратите како ваша порака до Македонците во Република Албанија?

Мојата порака би сакала да ја упатам посебно кај младите припадници на македонското малцинство во Албанија, да не се стремат слободно да се изјаснуваат што се и да продолжат да го негуваат нашиот јазик, култура и традиции. Исто така би сакала да повикам на поголема соработка меѓу сите нас за што подобро исполнување на нашите права и слободи кои со закон ни следат.

 

Македонски весник „Илинден“

Уредник: Никола Ѓурѓај

Advertisement