Драги читатели продолжуваме со рубриката интервју со наши членови кои на било каков начин успејале да го привлечат нашето внимание во изминатиов период. Овој пат повод за ова интервју е несекојдневниот подвиг што го постигна еден наш до сега така речи анонимен член на Мобилност Битола. Се надевам дека напишаново ќе ве заинтересира а уште повеќе би се радувал доколку неговиот пример поттикни и други наши членови низ спорт и физички вежби и активности да ги совладаат ограничувањата од нивната телесна инвалидност. Примерот за кого во ова интервју ќе зборува овој наш скромен но упорен член ќе потврди дека во секој од нас се крие некој талент или можност за големи достигнувања само треба да бидеме истрајни и волјата и надежта да не не напуштаат.
Најпрво да им се претставите на нашите читатели.
Се викам Васил Јанкула роден сум во 1991 година во селото Туминец, Мала Преспа, Албанија во македонско семејство со уште двајца браќа. Поради компликации при раѓањето имам трајни последици од церебралната парализа што се одразуваат на мојот говор и на одењето. Пред 15 години се пресели мојата фамилија да живее во Ресен и ни беше доделен социјален стан каде се сместивме. Тука го завршив средното образование а потоа се запишав на Факултетот за информатика при Универзитетот во Битола но се уште не сум дипломирал. Од времето поминато во Албанија во родното село ми остана како придобивка познавањето на албанскиот јазик што во секојдневниот живот и при честите патувања во Албанија многу ми користи. Заради зајакнување на мојата мускулатура и подобрување на физичката кондиција редовно одам во теретана и со упорни вежби успеав да зацврстам и целосно да ја подигнам мојата физичка подготовка. Тоа ме поттикна и понатаму да се занимавам со други физички активности.
Покрај со физичките вежби со што друго се занимаваш. Дали има и некои општествени активности?
Редовен сум член на Мобилност Битола – Канцеларијата во Ресен и учествувам во сите активности кои се одвиваат во Здружението. Нашето Здружение а посебно нашите членови од Ресен се доста активни и работаат на доста проекти што самостојно што во организација на матичното Здружение од Битола и Општина Ресен. Благодарение на донациите од наши видни иселеници во просториите со кои располагаме донесовме многу справи за вежбање и таму можам да тренирам и да вежбам кога сакам и колку сакам иако одам и до други теретани низ градот. Преку едно невладино здружение ИНКА од Битола отидов во 2017 година во Холандија кои работеа на еден проект за волонтирање. Во Холандија престојував во градот Омен два месеци. Волонтирал на една фарма каде имало и штала со тркачки коњи и се грижел за нивното одржување што подразбира храна и секојдневна нега. Oд Македонија биле двајца учесници на тој проект а вкупно учесници имало 20 од цела Европа но претежно од Балканот. Само тој бил лице со телесна инвалидност. Тука стекнал пријателства кои и денес се одржуваат а впечатоците од престојот таму се извонредни. Воодушевен сум од приемот на домаќините, начинот на кој се организирани и како се однесуваат кон лицата со инвалидност. Воодушевен бев и од организираноста на целата држава, среденоста и односите. Ама баш се е различно од ова што овде ми беше познато како начин на живот и уредување во државата.
Ајде сега да ни кажеш со која друга физичка активност и спорт се занимаваш како започна и колку време?
Откако зајакнав физички тренирајќи во теретаната започнав пред 7 години да возам велосипед. Со оглед на мојата телесна инвалидност заради одржувањето на рамнотежата морав да возам велосипед на 4 тркала. За тоа да го постигнам морав велосипедот да го изработам самиот и за таа цел го замолив соседот кој е мајстор да ми помогни да го составиме. Така со заварување и прилагодување направивме велосипед на 4 тркала. Така започнав да се движам низ градот и одев секаде каде имав потреба и по цели денови бев во движење управувајќи го велосипедот. Секојдневното возење на велосипедот ми ја подобри физичката кондиција а ми ги зајакна и мускулите пред се на нозете така да веќе се јави кај мене желба да продолжам со велосипедизмот како спорт и на многу подолги патеки. Овој предизвик ме натера да набавам друг велосипед и започнав да разгледувам на интернет дали има некој посоодветен велосипед од овој адаптираниот за да можам да спортувам со него а не само да се движам низ градот и околината. За моја среќа по извесно време преку интернет купив друг велосипед сега на три тркала едно напред и две тркала назад. Овој велосипед е полесен од претходниот ама има голем запчаник назад и мал запчаник напред. Според зборовите на мојот тренер ваков велосипед со вака поставени запчаници е скоро невозможно да се вози без да настапат тешки повреди на тетивите дури и кај здрави лица. Меѓутоа, јас сум неверојатно силен човек и покрај инвалидноста и имам снажни мускули па велосипедот го управувам на долги патеки и покрај неговата тежина и техничката несовршеност.
Сега да ни кажеш нешто за тоа како дојде на идејата да учествуваш на Охридскиот маратон и колку време и како се припремеше.
Уште пред некое време кога разбрав дека во Охрид се организира маратон од Свети Наум до Охрид посакав да учествувам на тој маратон покрај сите атлетичари и јас со мојот велосипед. Со оглед на тоа дека се работи за голема патека и специфичен терен со успони морав сериозно да тренирам за да можам да ги издржам напорите. За да го постигнам тоа ми беше потребна и стручна помош од тренер кој правилно ќе ги насочи припремите и кондиционите припреми. Како тренер се нафати да ми биди Тони Ангеловски – Маслото познат спортски работник и тренер од Ресен. Под надзор на тренерот го управував велосипедот на подолги релации и така одев од Ресен до Маркова нога и назад а тоа е со должина од вкупно некаде околу 60 км. Често велосипедот го управував и од Ресен до родното село Туминец во Мала Преспа во Република Албанија и се враќав назад со возење. Кога оценивме дека е доволно со припремите и дека можеме да настапиме на Охридскиот маратон мојот тренер отиде кај организаторите во Охрид и договори јас да настапам како учесник на маратонот надвор од конкуренција и покрај сите атлетичари да земам учество и јас со мојот велосипед. Организаторите на маратонот прифатија да учествувам. Со оглед на напорите кои треба да се издржат и конфигурацијата на теренот кој изобилува со успони бидејќи се работи за ридови каде се простира патеката, организаторот се огради од евентуални здравствени ризици и проблеми по здравјето и не предупредија дека тоа го правиме на наша одговорност.
Дали прв пат се соочуваше со таква патека и такви услови?
Јас на припремите го управував велосипедот и на подолги патеки од оваа ако се зами само должината на патеката. Меѓутоа, оваа патека од Свети Наум до Охрид е специфична со оглед на тоа дека е целата со големи успони заради ридовите покрај езерото а и времето не ми беше сојузник бидејќи беше многу сончево и имаше тој ден високи температури. Стартував заедно со сите тркачи – атлетичари тие со трчање јас со овој мој тежок велосипед. На целта стигнав за 2 часа и 20 минути а да не е толку тежок теренот со успоните јас би ја совладал таа патека за отприлика 1 час и 30 минути. На почетокот осетив тешкотии и морав максимално да се напрегнам да ја совладувам патеката и незгодниот терен. Цело време во мислите си повторував дека нема никогаш да се откажам освем ако се расипи велосипедот. Јас сум и по карактер многу упорен и решителен човек и штом нешто наумам нема никогаш да се откажам. Така ги совладав почетните напори и потоа веќе беше полесно и не ни размислував на нешто друго туку само на тоа дека наскоро ќе ја достигнам целта. Мојот тренер цело време одеше по мене ме бодреше и ми даваше совети како да ги совладам сите препреки за што сум му многу благодарен. Кога пристигнав на целта присутните граѓани и организаторите беа воодушевени од мојот подвиг и за постигнатиот успех ме наградија со медал. Навистина можам да речам дека тој ден бев пресреќен а во сите спортски вести и репортажи бев претставен како спортска сензација.
Дали некој ти помогна во припремите и за самото учество на маратонот?
Некоја голема помош од општината и спонзори немав баш. Општина Ресен ми помогна со тоа што велосипедот со комбе го однесоа до Свети Наум каде беше стартот на трката и тука заврши нивната обврска. Материјална помош во производи ми даде и фирмата Свис Лион- Агроплод од Ресен. Други спонзори немав и затоа можам да речам дека имав минимална помош.
Дали освем овој маратон си учествувал и на други натпревари и трки?
Учествував и на манифестацијата „Тур де Галичица“ и сам со велосипедот се искачив на највисоката точка од оваа патека доаѓајќи на половина пат од Ресен кон Охрид.
Што планираш за во иднина?
Покрај велосипедизмот јас имам една за сега неостварена желба да летам и со параглајдер. Се надевам дека оваа моја желба наскоро ќе ми се оствари и дека ќе ги осетам и убавините на слободното летање и невидените убавини од висините. Покрај ова јас сериозно размислувам и за една тура од Ресен преку Битола , Прилеп, Велес, Скопје, Тетово, Гостивар, Струга и преку Охрид да си дојдам пак во Ресен. Со овој мој потфат сакам да го свртам вниманието на нас телесните инвалиди и положбата во општеството. Се надевам дека оваа моја замисла ќе се реализира но за тоа ќе ми бидат потребни и спонзори кои ќе финансираат за да успеам но морам да најдам и друг велосипед кој ќе биде многу полесен и технички посовршен бидејќи овој покрај несоодветниот пренос со запчаниците е и премногу тежок – има 35 кг. Јас знам дека психички и физички можам да го издржам овој напор бидејќи после маратонот во Охрид јас и самиот се тестирав на подолга патека. Веќе ја извозив патеката од Ресен до Пустец и потаму до Зрновско и назад а тоа сепак не е мала должина бидејќи таа изнесува 116 км. Таа патека со оваа должина ја извозив за 8 часови и притоа и се искачив на планинското место Бигла. Јас сум спремен за овој подвиг иако на многу луѓе тоа им изгледа невозможен потфат. Имам и уште една желба доколку има заинтересираност а ќе ми треба голема поддршка и од Мобилност Македонија. Сакам да формираме една екипа велосипедисти телесни инвалиди кои би учествувале на бројни натпревари во нашата држава а и во странство како репрезентација на Македонија составена само од наши членови – телесни инвалиди. Со ова мислам дека би постигнале голема афирмација на нашите активности и целите за кои се залагаме.
Ти благодарам за твоето одделено време за ова интервју и во иднина ти пожелувам твоите замисли и желби да ти се остварат и да ги афирмираш целите на нашето Здружение.
Благодарам и јас на вниманието и на можностите што ми ги даде Мобилност Битола да се социјализирам по моето доаѓање во Ресен и се надевам дека заедно ќе постигнеме уште многу значајни резултати. Ете драги читатели се надевам дека со ова интервју ќе го запознаете овој наш член и дека неговиот пример барем некои од нас ќе го следат заради своја афирмација и секако за подобрување на своето здравје преку физички активности и спорт. За да се постигне сето ова ќе ни треба челична волја но и челичното срце на Васил Јанкула./Митко Фидановски