Интервју за МИА: Или Халилај, претседател на македонското друштво „Илинден“-Тирана, огранок Голо Брдо

Г-дин Халилај, за Илинден, Македонците од Голо Брдо се собраа во црквата Свети Илија за да го прослават овој голем македонски и христијански празник. Од кога датира оваа традиција ?

Oваа традиција е од дамнина. Жителите од оваа област, секоја година на Илинден традиционално се собираат и одат во црквата Свети Илија, која се наоѓа во селото Ѓиновец.

Дали успеавте да ја сочува македонската традиција култура и јазик?

Можам да кажам дека Македонците кои живеат овде, ја имаат зачувано традицијата, културата и јазикот. Кај нас се зборува само на македонски јазик и на свадби си ги пееме нашите песни и ги играме нашите ора. Ги практикуваме и обичаите кои сме ги наследиле од нашите предци и ги пренесуваме на новите полокенија.

Како живеат Македонците во Голо Брдо?

Ние, Македонците од Голо Брдо, живееме многу лошо. За жал, немаме добри услови за живот. Имаме проблеми со инфраструктурата, водоводот и канализацијата. Ни недостастуваат патишта, болници, а невработеноста е дури 80 проценти. Тоа самото говори колку лошо живееме тука.

Колку Македонци има во оваа област?

Во областа Голо Брдо сега нема многу народ. Луѓето се иселија поради лошата состојба. Околку дветретини од населението од оваа област се пресели во градовите. За жал, постои тренд на иселување поради немање услови за живот.

Со какви проблеми се соочувате?

Со многу проблеми се соочуваме. Невработеност, нема болници и друго.Имавме неколку барања и до централната власт, како на пример да не препознае како македонско малцинство и да ни дозволи да го изучуваме нашиот мајчин македонски јазик. Од упатените барања, ниту едно не ни е одобрено.Во Голо Брдо имаше три општини: Острени, Требиште и Стеблево, и сите три беа укинати со новата територјална поделба на Албанија.

Со што се занимаваат Македонците во Голо Брдо, што работат за живот?

Македонците од Голо Брдо се занимаваат со земјоделие и одат да работат во туѓина. За жал, овде се живее многу тешко./Ирена Радовановиќ

Advertisement