Комесаријатот за заштита од дискриминација на Албанија објави видео повик на македонски јазик

Комесарот за заштита од дискриминација во Албанија објави видео запис на македонски јазик, во кое се посочува каде и како може да се јави секој Македонец кој смета дека е дискриминиран врз основа на националност. Текстот на македонски јазик го кажува младата Сабина Џелили, по потекло од Голо Брдо а живее во Елбасан. Таа е член на македонското друштво “Илинден“-Тирана. Исто така текстот е титлуван на македонски а на објавата истиот е преведен на албански и на англиски јазик. Јас сум Сабина Џелили, припадник на македонското малцинство.
Нашето право да зборуваме на мајчин јазик и да ги почитуваме нашите традиции и обичаи е гарантирано со закон во Република Албанија. Доколку сметате дека сте жртва на дискриминација заснована на националност, упатете ја вашата жалба до Комесарот за заштита од дискриминација,вели Џелили. Додава дека може да се јават на бесплатниот телефонски број 08 000 606 , по електронска пошта info@kmd.al или пополнувајќи го образецот за жалба. Вакви видео записи се подготвени на јазиците на малцинствата кои се признати во Албанија а прво објавено е видеото на македонски јазик.
Advertisement