Македонците и изборите во Србија

Редовните избори во Србија се одржаа на 21.06.2020 година. Во тек се постапките за конституирање на власта на сите нивоа. Познати се резултатите. Само 3 мнозински партии ќе го чинат Собранието на Србија /СНС на Вучиќ, СПС на Дачиќ и СПАС на Шапиќ/ а од малциските партии, само Унгарците, Бошњаците /со две свои партии/  и Албанците успеаа да обезбедат свои пратеници во Собранието на Србија, а во покраинското собрание, само Унгарците. Сите други малцински партии нема да имаат свои пратеници на републичко и покраинско ниво.

Каде се партиите на македонците во Србија после овие избори?

И за овие избори, нажалост се покажа сета разединетост, неслога и трите партии на Македонците во Србија, делуваа во три различни правци, поделени, во различни табори и со различни погледи, далеку од било какво обединување и заеднички настап на изборите, без јасна Стратегија како што беше кај партиите на Албанците во Србија, за овие избори.

ДПМ – Демократска партија на Макеоднците во Србија, за републичките и покринските избори настапи во коалција со партијата на Муамер Зукорлиќ, која што доби 4 пратеници на републичко ниво, а претставникот од ДПМ беше на 9-то место на заедничјката листа. За локалните избори, оваа партија не успеа да собере потписи за кандидатураво ниту една општина, ниту во Панчево, така да не учествуваше на тие избори.

СМС – Партија на Македонците во Србија, втората партија, спротивно на сите очекувања и размислувања за делување,  работа и учество во власта на малцинска партија, се одлучи за бојкот и пред изборите потпиша договор за соработка со опозициската партија ДС – Демократска странка која исто ги бојкотираше овие избори. Во врска со одлуката за бојкот на оваа партија, карактеристичен е примерот со Градскиот одбор на оваа партија во Врање. Претседателот на тој одбор, незадоволен од таквата одлука за бојкот, прави „нов“ градски одбор, но сега со ДПМ , собира доволно потписи подршка и излегува на локални избори во Врање, со листата број 8 ДПМ – „За братство и единство“. Нажалост, малку гласови им недостасуваа да освојат 1 одборник.

МАКСС – Македонска партија во Србија, третата партија, како да не постоеше за овие избори. Никако јавно да се огласи на својата веб страница или ФБ профил, за нивните ставови, но како што прочитавме нивни соопштенија, изгледа и тие ги бојкотираа овие избори.

Коментар не е потребен. „Кој во клин, кој во плоча“ и затоа резултатите се такви какви што се и ние Македонците, преку трите наши партии нема да имаме ниту одборници по општините, иако сите други малцински партии кои учествуваа на локалните избори, ќе имаат свои одборници по општините ширум Србија. За овие избори, цензусот беше 3%, а за малцинските партии уште поповолно, со смалување на овој цензус за 35%. Затоа многу малцински партии се изборија за одборници по општините. Овојпат, за поука ќе го споменеме само примерот со малцинската партија „Руска странка“ со седиште во Шабац, која се избори за свои одборници во Суботица, Нови Сад, Шабац, но и во Сурдулица? Друго е прашање колку Руси има во овие места. Такви се законите. А ние велиме дека Македонци има во сите општини во Србија, освен во општина Ада?

Кој е крив за ова, за ваквата состојба, за македонската неслога? Секако дека тоа се Македонците во Србија. На прво место лидерите на трите партии, па раководствата на партиите, здруженијата, Сојузот, Советот и сите истакнати Македонци, кои се тргнаа настрана или се во власта, но не со нашите малцински македонски партии, туку  преку мнозинските партии, како што имаме примери во Панчево, Чачак…

Во последниот број од списанието на Македонската заедница во Србија,  „Македонска виделина“ , за изборите во Србија, за поделбите на Македонците во Србија, за работата на македонските партии, свои натписи имаат објавено тројца различни автори. Секој од нив, од свој агол ги изнесува своите лични ставови, погледи, анализи, ја изнесува својата вистина.

Вистината е некаде измеѓу. Но вистината после овие избори е болна. Македонците во Србија и на политчки план се поделени. Шансата е пропуштена и за овие избори и во наредните 4 години, нема да имаат ниту пратеници ниту одборници.

За претходните локални избори во 2016 година имаа барем 2 одборника.  ДПМ, во коалиција со СПС, во Панчево имаше 1 одборник, а партијата СМС, во коалиција со СНС, во Г.Милановец имаше 1 одборник.

Што после овие избори? Кој и како може да помогне? Можат ли некако „надлежните“ од Македонија нешто да сторат да престанат делбите, Македонците во Србија да се обединат, да ги остварат своите национални интереси на политички план, а тоа е да имаат свои пратеници во Собранието на Србија, Собранието на АП Војводина и одборници по општините, како што тоа „им успеа“ на партиите на Албанците, кои што за овие избори настапија заеднички, сите партии во коалиција, и затоа освојија дури 3 пратеници во Собранието на Србија. Албанци во Централна Србија, има помалку од Македонците ширум Србија по последниот попис. Како они успеаа да се обединат, да одат со заедничка листа и да освојат 3 пратеници за Републичкото собрание а Македонците и овојпат „Еден во клин други во плоча“. До кога вака?/Македонски весник “Илинден”

Advertisement