Во областа Голо Брдо во Албанија говорот на жителите по својот фонолошки систем и граматичка структура влегува во составот на македонскиот дијалектен систем и истиот ја зачувал својата посебност, вели професорката по хуманистички науки и македонистика Дијана Петровска, автор на монографијата „Голобрдски говор“.
Авторскиот труд е изработен како резултат на теренско истражување во селата во областа Голо Брдо. На прашањето на каков јазик зборувате мештаните одговарале дека се Македонци и си зборуваат „на нашки“.
Фото: село Мало Острени (Малестрени)
Истражувањето утврдило дека станува збор за западно-македонски периферен говор. Целта на теренското истражување била да се собере звучен запис на дијалектен материјал и истиот да се запише со современа фонетска транскрипција, според принципите на Македонскиот дијалектен атлас.
Постарите како што вели професорката Петровска, го говорат само мајчиниот јазик, а некои го познаваат и кириличното писмо.
„На покана на претседателот на македонското друштво „Илинден“ од Тирана Никола Ѓурѓај, се изврши истражување во неколку села од областа Голо Брдо, со цел да се собере свеж дијалектен материјал. Голобрдскиот говор досега го имаат опишувано Божидар Видоески во својот прв том „Дијалектите на македонскиот јазик“ и Васил Дрвашанов во 2001 година во дијалектолошките студии. Но, сепак целосно монографски описи за овој говор не се направени и ова истражување е прво истражување на терен од македонската страна. Но, тоа не е случај со руските лингвисти Андреј Соболев и Александар Новик, како и со одредени германски лингвисти. И денеска овој говор е непроменет. Кога разговаравме со мештанките тие го знаат само мајчиниот јазик и на него разговараат, а за нив е непознат и не го разбираат албанскиот јазик оти ниту еден ден не посетувале настава. Исто така и децата кои се нарекуваат џагуриња, тие исто така го знаат мајчиниот јазик од своите мајки и други роднини, а на 7 години кога започнуваат со настава тие го учат и албанскиот јазик. Некој од мештаните го знаат и кириличното писмо, но тие се самоуки оти тие ја гледаат МРТВ и оттука увидовме мешање на македонскиот литературен јазик и голобрдскиот говор. Инаку овој говор зафаќа поширок простор по левата страна на реката Црни Дрим“, вели професорката Петровска.
Се работи за област која е доста сиромашна и неразвиена. Луѓето од Голо Брдо како што вели професорката Петровска, се изложени на политички-општествен и економски притисок, но и покрај се, тие ја имаат зачувано засебноста и идентитетот.
“Централно место на нашето истражување беше селото Требиште. Оттука направивме комплетен запис на целиот дијалектолошки материјал според прашалникот за собирање на материјал на македонскиот дијалектен атлас. Дотаму се возевме по неасфалтиран нерамен пат и на македонски јазик прашувавме како да стигнеме до Требиште, а ни беше одговарано и кажано на преубав македонски говор. Требиште е оддалечено на околу 10 килоемтри од Џепиште, но тој премин е само за локалното население. Во домовите во кои што ги извршувавме нашите истражувања можеме да кажеме дека луѓето се кротки, насмеани и се искрени и желни за разговор, но се подзаборавени од своите. Во некои куќи во раговорот, мештаните сами се изјаснуваа дека се Македонци од Голо Брдо и кај нив можеше да се види и знамето со 16 краци кое е изгравирано или на фасадите или на некои сувенири или на надворешните порти, а кога стануваше збор на каков јазик зборуваат тие велеа „нашки си збориме“, вели професорката Петровска.
Издавањето на монографијата „Голобрдскиот говор“ е финансирано од Министерството за култура, а станува збор за проект од национален интерес.