Објавена е првата рецензија за најновиот роман на Венко Андоновски, „Папокот на светлината“, кој за помалку од еден месец по промоцијата на првото, веќе доживеа второ издание. Критичкиот одглас за романот на Андоновски е на универзитетската професорка и книжевна критичарка, водечки познавач на современата македонска книжевност, Весна Мојсова-Чепишевска.
„За да не нѐ доживува останатиот свет како книжевност која постојано преџвакува една иста локална приказна, мора да се изнајде пат на кој ќе останеме свои на своето и во чии рамки ќе говориме за една универзална тема со цел да нѐ разберат и другите/останатите. Впрочем тоа е природна потреба на секоја книжевност која не сака да умре. Овој најнов роман на Андоновски држи до таа девиза да се остане свој на своето преку универзалната тема за бесмртноста, верноста, суетата, гревот, зависта… И зашто тој не е ’веќе писател што сака да им се допадне на другите’, и зашто тој е ’лепослов што е служител само на Убавината, а каде е Убавината, таму е Вистината, Он.’“
Осврнувајќи се на „Папокот на светлината“, таа, како одличен познавач на опусот на Венко Андоновски, го коментира и претходното негово прозно творештво, од збирката раскази „Фрески и гротески“ објавена пред триесет години, преку „Папокот на светот“ објавен пред две децении до денес. Притоа и напоменува дека токму таму каде што заврши неговиот романот „Азбуката за непослушните“ започна „Папокот на светот“, објавен пред дваесет години.
Потоа со секој нареден роман, Андоновски останува верен на концептот за нов начин на читање, за некоја друга, нова игра со читателот. Читателот на „Папокот на светот“ е ставен во центарот на вниманието. И читателот на најновиот, „Папокот на светлината“, е читател кој не е ни пасивен консумент ниту, пак, е надвор од самото дело (од романот/од приказната), туку е оној кој ја чита книгата, но и оној кој ја составува приказната, кој презема дел од писателовата улога, кој израснува во коавтор, истакнува Мојсова-Чепишевска.
Таа во рецензијата и го отвора прашањето дали со зборови припишани на еден од ликовите, во овој најнов негов роман, Андоновски не развива и еден носталгичен однос кон старата добра форма на книга. Дали по малку не го покажува и својот страв од целосното исчезнување на книгата? И додека некој го фасцинира идејата „дека во едно чипче со големина сантиметар на сантиметар може да се „зипува“ сето знаење на светот“, него отсекогаш го фасцинирало „како во една книга, со димензии 15 x 21 сантиметри, може да се настани и сохрани цела една душа“, нагласува истакнатата книжевна критичарка.
Венко Андоновски и во најновиот роман го доживуваме и како вистински магионичар кој од својот шешир вади некој демон, како што тоа го направи многу вешто во „Папокот на светот“ со пајакот, или со тоа што се повикуваше на некој претходен автор на тајниот запис. Само што сме помислиле дека тајната е одгатната, тој вади нови аргументи за некој друг автор кој претходи на веќе откриениот. И така влетуваме во лавиринт од автори. Притоа, тој извлечен демон или автор-претходник (првичен автор) не се однесува пасивно, не го слуша „магионичарот“ и не се враќа лесно во шеширот. Тој само ја продолжува напнатоста, ја засилува неизвесноста. На оваа техника ѝ остана верен и по дваесет години од „Папокот на светот“ во најновиот „Папокот на светлината“ – нагласува Мојсова-Чепишевска, осврнувајќи се на некои од особеностите на „Папокот на светлината“ и на ликовите во него.
Во ецензијата, истакнатата книжевна критичарка напоменува дека и во овој роман доминира бројот три како и во првиот, при што се осврнува на трите приказни во „Папокот на светлината“. Првата е монолошки организирана и се чита како исповед на еден писател – има функција на монодрама. Втората е развиена низ две гледни точки на два женски лика, и според Мојсова-Чепишевска како структура го го има ехото на „Пиреј“ од Петре М. Андреевски. Во неа, според критичарката, како целосно да е имплемтирана тезата од прочуената книга на Мартин Бубер „Јас и ти“: „Јас настанувам во допирот со Ти, настанувајќи јас, јас говорам Ти. Целиот вистински живот е средба.“ Дијалогот што е основата на втората приказна, како што истакнува Мојсова-Чепишевска станува услов за да се развие и третата, која е најобемна и го носи насловот и на целиот роман.
Осврнувајќи се и на одделни делови од романот, Мојсова-Чепишевска нагласува:
Дијалогот меѓу ЈАС КАКО ЈАС и ЈАС КАКО ТОЈ се развива низ филозофијата на Бахтиновиот дијалогизам и прераснува во онаа философска гозба (симпозиум) на големиот антички философ и писател Платон. Философската гозба своја предигра има и во првиот и вториот дел, а кулминира и во една дионизиска атмосфера во третиот. Така авторот Андоновски преку своите ликови разговара за и со Ками, Кафка, Фром, Рембо, Мериме, Достоевски, Мукаржовски, Епштејн, Бахтин, Шопенхауер, Дерида, Слотердајк, Шпенглер, со Агата Кристи, Стивен Хокинг и Бил Гејтс, но и со Бекер, К. Пенушлиски, Б. Конески, Г. Стефановски (иако овие последниве двајца не се споменати со име и презиме, ама…) … Симпозиумот од сите три дела се насочува со поглед кон целината на животот, на постоењето, на смислата на егзистенцијата, и тоа токму низ призмата на непрекинатиот, поттикнувачки сеприсутен и севремен дијалог. А третиот дел е во сериозен дијалог и со егзитенцијалистичкото писмо на Димитар Солев, особено со она од неговиот роман „Кратката пролет на Моно Самоников“.
Во рецензијата, Мојсова-Чепишевска пристапува кон микрочитање на романот, во кое едновремено се присутни и книжевната теорија, и културологијата, но и историјата на светската книжевност, преку бројни компаративни исчитувања на најновиот роман на Андоновски.
И романот „Папокот на светлината“, продолжувајќи ја линијата на „Папокот на светот“, е еден тип на романсиерско раскажување кое креативно го пренесува митот за пеколот (ѓаволот) во секојдневното живеење без разлика што тоа трае само секунда и таа е позната како секунда на ѓаволот. Но, ја дава и сликата на избавувањето од тој пекол кога поентира: „… сѐ што човек треба да стори е да запали кандилце, да си земе оганче и виделина од тоа големо кандило, и да си го сохрани и одржува во својот дом“, како во песната на Влатко Стефановски „Кандилце“, нагласува меѓу другото водечкиот познавач на современата македонска книжевност, Мојсова-Чепишевска во своите оцени за најновиот роман на Венко Андоновски.
Инаку, со беседа на Весна Мојсова-Чепишевска за дотогашното творештво на Венко Андоновски, во декември минатата година започна и големата промоција на романот „Папокот на светлината“. Нејзината рецензија е прв одглас на македонската книжевна критика за ова прозно остварување на Андоновски.
Во душата (да) ни гори кандилце
„Папокот на светлината“ излезе во годината кога се навршија точно 30 години од збирката раскази „Фрески и гротески“ (1992) и 20 години од романот „Папокот на светот“ (2002). Чекаше ли намерно Андоновски толку долго или навистина му требаа триесеттина (од првиот потквас) и дваесеттина години (од вистинската книжевна експлозија) за да ферментира? Факт е дека токму со збирката раскази, Андоновски го започна своето патување и своето испишување приказни, многу трпеливо, упорно, скоро аскетски, исто како тврдоглавите на Славко Јаневски кои ја издржаа голготата и донесоа воденички камења за своите воденици-храмови. Андоновски своите камчиња-зборови ги редеше и подредуваше и ја јакнеше својата пасија за големите нарации. На приказните-фрески се надоврза неговата возбудата за одисејата околу нашата „Азбука за непослушните“ каде доминантна тема ја разви преку идејата дека писмените читаат, а неписмените гатаат, поточно дека писмените знаат, а неписмените претпоставуваат. Таму каде што заврши „Азбуката за непослушните“, токму таму започна и „Папокот на светот“. Потоа со секој нареден роман, Андоновски останува верен на концептот за нов начин на читање, за некоја друга, нова игра со читателот. Читателот на „Папокот на светот“ е ставен во центарот на вниманието. И читателот на најновиот, „Папокот на светлината“, е читател кој не е ни пасивен консумент ниту, пак, е надвор од самото дело (од романот/од приказната), туку е оној кој ја чита книгата, но и оној кој ја составува приказната (како камчиња во мозаикот), кој презема дел од писателовата улога, кој израснува во коавтор.
На самата промоција ја добив книгата со оваа посвета:
На тебе,
што читаш слова,
и на Тебе,
што нѐ читаш
како свои Слова!
Длабоко ме допре! Зашто ме стави мене како читател на пиедестал. Зашто сакаше да ми покаже дека може и треба да бидам битен фактор во исчитувањето на „Папокот на светлината“. Не е оваа посвета само за мене, оваа е посвета за секој оној кој се пронаоѓа во ова! А од друга страна, овој чин ја истакнува и неговата лична борба против смртта на посветата за која (во партиите каде раскажува Лела) пишува: „Сите користиме електронски книги, ама да се држи книга во рака не е исто што и да се чита таа книга електронски. Електронската книга значи и смрт на еден „граничен“ книжевен микрожанр: посветата на книгата.“ (Андоновски, 2022: 103 – 104, означеното е мое). Дали со ова признание,Андоновски не развива еден носталгичен однос кон старата добра форма на книга? Дали по малку не го покажува и својот страв од целосното исчезнување на книгата? И додека некој го фасцинира идејата „дека во едно чипче со големина сантиметар на сантиметар може да се „зипува“ сето знаење на светот“, него отсекогаш го фасцинирало „како во една книга, со димензии 15 x 21 сантиметри, може да се настани и сохрани цела една душа“ (Андоновски, 2022: 106-107).
Она, пак, што функционира како еден чин на дообјаснување на самиот наслов „Папокот на светлината“ преку поднасловот од кој се чита дека е „Роман во три фонта и еден светлински ракопис“, оди во правец на писателовата посветеност кон самиот ракопис (именка што во македонскиот јазик има повеќезначност или поточно тројно значење: 1. ракопис како она што го пишуваме со/на рака, како својствен манир на пишување на буквите, па оттаму имаме и краснопис на што се учат и децата при чинот на описменувањето, 2. ракопис како текст напишан на машина или на компјутер со значење на англиското manuscript (манускрипт) и 3. споменик од старата писменост/ книжевност).
Дали светлинскиот ракопис е самиот роман „Папокот на светлината“? Или светлинскиот ракопис се крие зад оние кратки забелешки напишани со раката на самиот автор (што го сфаќаш кога воочуваш дека тој е истиот оној со кој ти ја напишал посветата) на маргините на романот на неколку страници (Андоновски, 2022: 102, 103, 125, 192, 274, 277)? Дали со самото тоа што остава трага од својот ракопис на маргините нѐ охрабрува како свесни и посветени читатели и ние да оставиме свои траги со молив или пенкало и на тој начин да го допишеме романот? Зашто како што вели Лела (а преку неа и самиот автор): „Мене ми се поинтересни белешките на читателите на маргините одошто романот кој го знам наизуст.“ (Андоновски, 2022: 118)! И да ѝ се вратиме пред сѐ на хартијата (не на екранот), зашто „Меморијата на хартијата е полна со историја на плачот и смеата. Меморијата на компјутерите е полна со електрони. Оди прашај ги дали имаат сеќавања.“ (Андоновски, 2022: 107). И да му се вратиме на читањето со помош на моливот, како што книжевниот лик именуван ЈАС КАКО ТОЈ вели: „… сите мислат дека со моливот се пишува, а јас со моливот читам, и за мене неподвлечена книга е површно љубена жена.“ (Андоновски, 2022: 172).
Венко Андоновски и во најновиот роман го доживуваме и како вистински магионичар кој од својот шешир вади некој демон, како што тоа го направи многу вешто во „Папокот на светот“ со пајакот, или со тоа што се повикуваше на некој претходен автор на тајниот запис. Само што сме помислиле дека тајната е одгатната, тој вади нови аргументи за некој друг автор кој претходи на веќе откриениот. И така влетуваме во лавиринт од автори. Притоа, тој извлечен демон или автор-претходник (првичен автор) не се однесува пасивно, не го слуша „магионичарот“ и не се враќа лесно во шеширот. Тој само ја продолжува напнатоста, ја засилува неизвесноста. На оваа техника ѝ остана верен и по дваесет години од „Папокот на светот“ во најновиот „Папокот на светлината“. Овде Јан е оној што се умножува и час е писател, но и професор/универзитетски предавач, па потоа е рампаш, за на крај да стане бел монах: „Создај семејство. Од бракот направи манастир, од децата херувими и серафими; нека бидат секогаш весели и нека пеат псалми во слава на Бога. Светлината нека им биде мисла, светците нека им бидат гласови во устата и денови во неделата, Господ нека им биде реченица, а верата интерпункција. И биди бел монах, бел игумен на твојот семеен манастир.“ (Андоновски, 2022: 312).
И во овој роман доминира бројот три како и во првиот.
Самата негова структура може да се претстави како тристрана призма во чија основа е разностран триаголник (најголема е онаа трета приказна која го носи истиот наслов како и целиот роман, потоа скоро идентични по големина се приказната на Јан сместена во секундата на ѓаволот и приказната именува како „Графитниот љубовник“). Секоја приказна е една од страниците на таа призма.
Првата е монолошки организирана и се чита како исповед на еден писател. Има функција на монодрама.
Втората е развиена низ две гледни точки на двата женски лика, другарки од детството, Лела (писателка) и Ања (психолог за деца), инаку двете обременети со 11-минутното неверство кое му пркоси на 11-годишното пријателство. Втората приказна како структура го има ехото на „Пиреј“ од Петре М. Андреевски. Наизменичното (рас)кажување на Велика и Јон е модел што го прифатил Андоновски за да им даде право на глас на своите хероини, Лела и Ања, за тие самосвесно да можат да ги (рас)кажат своите партии за исти или за различни настани. Во оваа втора приказна како целосна да е имплемтирана тезата од прочуената книга на Мартин Бубер „Јас и ти“. „Јас настанувам во допирот со Ти, настанувајќи јас, јас говорам Ти.
Целиот вистински живот е средба.“ (Мартин Бубер: Ја и ти. Београд: 1977, 34). Во согласност со своите определби Бубер и јазикот го толкува и определува на подвоен начин: не само како говор за нешто, туку и како обраќање, ословување, довикување на некого, едноставно како Разговор, па вели: „Светот за човекот е двоен, поради неговиот подвоен став. Човековиот став е двоен, поради двојноста на основните зборови кои тој може да ги каже. Едниот основен збор е парот Јас – Ти. Другиот основен збор е парот Јас – Тоа. Според тоа и човечкото Јас е двојно (Мартин Бубер: Ја и ти. Београд: 1977, 27). Затоа приказната во вториот дел се преплетува низ постојаниот дијалог на Јас – Ти и на Јас – Тоа (Таа/Тој).
Дијалогот што е основата на втората приказна, станува услов за да се развие и третата. Во неа ЈАС КАКО ЈАС е гласот на монахот Валеријан зад кој се крие некогашниот професор и писател Јан Лудвиг (оној што ни се исповеда во првиот дел и што, по некоја случајност или не, се врзува со одредени настани раскажани од страна на Лела и Ања). Всушност тој се наоѓа во Папокот на светлината и вели: „имам само една задача, додека уште чекорам по лицето од земјата, и додека сум јас во времето и времето во мене: да дознаам кој сум. Да се погледнам отстрана, како трето лице.“ (Андоновски, 2022: 159). Во записот ЈАС КАКО ТОЈ гласот е на рампашот Јан кој вака се опишува: „Лустерот личеше на мојот живот до доаѓањето овде: лажна позлата, умислен центар околу кој се врти светот, а всушност – нешто што само на муви им го привлекува вниманието.“ (Андоновски, 2022: 167) и кој низ една силна авторонија признава: „И Сартр и Ками можат да учат егзистенцијализам од обичен рампаш.
Спуштањето на рампата е есенција на егзистенцијалистичката теза дека човекот е одговорен за своите постапки, без разлика што светот му изгледа бесмислен …“ (Андоновски, 2022: 177). Овој дијалог меѓу ЈАС КАКО ЈАС и ЈАС КАКО ТОЈ се развива низ филозофијата на Бахтиновиот дијалогизам и прераснува во онаа философска гозба (симпозиум) на големиот антички философ и писател Платон. Философската гозба своја предигра има и во првиот и вториот дел, а кулминира и во една дионизиска атмосфера во третиот. Така авторот Андоновски преку своите ликови разговара за и со Ками, Кафка, Фром, Рембо, Мериме, Достоевски, Мукаржовски, Епштејн, Бахтин, Шопенхауер, Дерида, Слотердајк, Шпенглер, со Агата Кристи, Стивен Хокинг и Бил Гејтс, но и со Бекер, К. Пенушлиски, Б. Конески, Г. Стефановски (иако овие последниве двајца не се споменати со име и презиме, ама…) … Симпозиумот од сите три дела се насочува со поглед кон целината на животот, на постоењето, на смислата на егзистенцијата, и тоа токму низ призмата на непрекинатиот, поттикнувачки сеприсутен и севремен дијалог. А третиот дел е во сериозен дијалог и со егзитенцијалистичкото писмо на Димитар Солев, особено со она од неговиот роман „Кратката пролет на Моно Самоников“.
Еден од клучните зборови, клучните поими сфатен како метафора во Џојсовата поетика е поимот епифанија т.е. богојавление. Бог, секако, ретко им се јавува на обичните луѓе, онака лице в лице. Епифанијата кај Џојс навистина е метафора која сугерира појава на светлина, идеи, откровенија. Но таа појава не е ниту непосредна, ниту секојдневна, туку е привилегија на посебни моменти и на посебна состојба на духот. Епифанијата значи зрачење на предметот, поточно зрачење на божественото низ предметот, објава на идеи, но и на состојба на духот на самиот субјект, на среќниот момент во кој субјектот го открива притаеното значење. Реалниот свет кој нѐ опкружува и животот кој го живееме е преполн со баналности кои писателот не може туку така да ги надмине или дури и да ги негира. Но, токму тие баналности значат многу повеќе, зрачат со некоја општост. Тие не се веќе одделни баналности, секоја сама за себе, туку вистина за светот од општо значење.
Така, оној ден на Леополд Блум, освен што е само еден ден на еден просечен граѓанин, тој е истовремено и одисеја на модерниот човек, и покрај баналностите што ги носи секоја секојдневица од кои не е лишен ни тој Блумов ден. Реалистичката дескрипција, па дури и она натуралистичко детализирање, ја носат со себе и онаа општа слика за светот и човекот. Во овој контекст Јановото соочување сместено само во секундата на ѓаволот е блиско до ова 24 часовно скитање на Леополд Блум. На Јан Лудвиг не му треба цел ден. Му треба само една секунда и тоа онаа на ѓаволот. И кога тој запаѓа во апатија зашто не му оди пишувањето сценарио за филм, го послушува советот на сопругата да го смени фонтот и приказната почнува да тече, да расте како добро замесено тесто со квасец. Но, дали промената на фонтот ќе го однесе во посакуваниот правец или ќе го фрли кон пишување фаст-фуд романи или романчиња за плажа? Можеби во тој фонд се крие токму и Нечестивиот? Зашто: „Фонтот е совршена облека на ѓаволот, наспроти ракописот.“ (Андоновски, 2022: 51). Зашто: „Сеедно е дали ќе добиете милион или еден долар, ако тоа ви го исплаќа како хонорар ѓаволот… “ (Андоновски, 2022: 60).
На Јан Лудвиг кожата му станува одбранбен механизам, граница со светот. Тој е некој близок роднина на Жан-Батист Гренуиј (од „Парфем“ на Патрик Зискинд) кој е роден без никаков мирис и кој почнува да убива девојки, трагајќи по „совршениот мирис“. Јан се гади од допирањето и затоа во потрагата по сопствено прочистување се обидува преку допирот на светот со окото да дојде до светлинскиот мирис.
Основниот човечки квалитет, според Мигел де Унамуно, е страста/жедта за бесмртноста. Токму од таа жед произлегува целокупната човекова активност, вклучително и (само)убиствата (какви што ќе изврши Јан). Човековата ситуација е трагична заради двојноста на човечката природа: на една страна е виталистичкиот, ирационален стремеж за бесмртноста, а наспроти ова стои рационализмот, свеста дека бесмртноста е знак на лудило, неразумност, и дека заради тоа е осудена на пропаст. Значи, рационализмот се јавива како кочница на виталистичкиот нагон. Во еден аксеолошки поглед витализмот стои над рационализмот. Рационализмот, преку својот скептицизам си потпишува смртна пресуда. На тој начин се постигнува приближување меѓу рационалното и ирационалното, кое внесува елементи на неизвесност во човечкиот живот.
Од таа неизвесност се раѓа вербата/верата, надежта во неверојатното. Од таа неизвесност се раѓа лудата, очајна и апсурдна надеж, како што ја именува Унамуно. Таква надеж го овозможува стремежот за неверојатното. А пример на виталист чија верба е заснована врз неизвесноста е токму Дон Кихот. Неговиот коњушар, пак, е симбол на рационалистот кој се сомнева во сопствениот разум. Книжевните ликови не се средства преку нив да се изрази самиот писател, туку писателот е средство со чија помош тие доаѓаат на свет, се осамосталуваат и достигнуваат бесмртност. Ликот е над личноста, книжевниот лик е над својот автор, фиктивниот свет е постварен од таканаречената стварност. Така што зборот „творец/автор“ кај Унамуно е секогаш иринично интониран, како и кај Андоновски.
Од особено значење е тоа што митската матрица на паралелни светови денес функционира како основа за плодна и разновидна книжевност особено онаа што гравитира кон фантастиката. Темата на паралелните светови или вселени, онака како во тв-серијата „Fringe“ (на Џеј-Џеј Ејбрамс, Алекс Курцман и Роберто Орси), е јасно артикулирана во партиите и на Лела и на Ања, но и како теза дека сите времиња постојат симултано на ниво на целиот роман. Дваесеттото столетие разви уште два типа фантастична книжевност и тоа научната фантастика и негативната утопија. Оваа, последнава е особено карактеристична за писмото на Џорџ Орвел и Борислав Пекиќ. Како што секоја утопија може да најде своја основа во христијанската претстава за рајот, така и антиутопијата смета на архетипот на пеколот.
Претставата за пеколот е врзана со уште два христијански мита: митот за страшниот и последен суд, и апокалипсата, митот за дефинитивниот крај на овој грешен свет кој го предизвикува божјиот гнев и затоа нестанува, но се заменува со нов, безгрешен, сјаен и праведен, кој донесува рај на земјата. Антиутопијата, секако, заборава што доаѓа по крајот на овој свет. Нејзе ја интересира само крајот на овој свет, особено човековиот страв за личен опстанок, опстанокот на видовите и опстанокот на сѐ што е човечко и што припаѓа на човековиот свет. И романот „Папокот на светлината“, продолжувајќи ја линијата на „Папокот на светот“, е еден тип на романсиерско раскажување кое креативно го пренесува митот за пеколот (ѓаволот) во секојдневното живеење без разлика што тоа трае само секунда и таа е позната како секунда на ѓаволот. Но, ја дава и сликата на избавувањето од тој пекол кога поентира: „… сѐ што човек треба да стори е да запали кандилце, да си земе оганче и виделина од тоа големо кандило, и да си го сохрани и одржува во својот дом.“ (Андоновски, 2022: 313), како во песната на Влатко Стефановски „Кандилце“ (од албумот „Каубојци и индијанци“ од 1994).
За да не нѐ доживува останатиот свет како книжевност која постојано преџвакува една иста локална приказна, мора да се изнајде пат на кој ќе останеме свои на своето и во чии рамки ќе говориме за една универзална тема со цел да нѐ разберат и другите/останатите. Впрочем тоа е природна потреба на секоја книжевност која не сака да умре. Овој најнов роман на Андоновски држи до таа девиза да се остане свој на своето преку универзалната тема за бесмртноста, верноста, суетата, гревот, зависта… И зашто тој не е „веќе писател што сака да им се допадне на другите“, и зашто тој е „лепослов што е служител само на Убавината, а каде е Убавината, таму е Вистината, Он.“ (Андоновски, 2022: 311)./Весна Мојсова-Чепишевска