Одржа деветтата национална изборна конференција на партијата Омо Илинден Пирин

На 9 јули 2017 година во градот Гоце Делчев, Пиринска Македонија, се одржа Деветтата национална изборна конференција на партијата ОМО ИЛИНДЕН ПИРИН. На националната изборна конференција учествуваа 68 делегати од Пиринска Македонија и од градот Шумен. Националната изборна конференција ја отвори најстариот член на претседателството Георги Христов, по што мандатната комисија констатира дека има кворум за работа и за полноважно одлучување.

Поздравни телеграми до Конференцијата, кои ги прочита Стојко Стојков, испратија ЕФА, Виножито партија на Македонците во Грција, Македонска алијанса за европска интеграција партија на Македонците во Албанија, Светскиот Македонски Конгрес, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија од Битола и Македонско друштво “Илинден”-Тирана.

На предлог на Иван Сингартиски, Националната изборна конференција едногласно го усвои дневниот ред за работа. Националната изборна конференција ги донесе Извештајот за работа на партијата, поднесен од копретседателот Стојко Стојков и извештајот за финансиското работење на партијата, поднесен од претседателот на Централната контролна и ревизиона комисија Стојан Герасимов.

Националната изборна конференција на ОМО ИЛИНДЕН ПИРИН усвои измени и дополнувања на Статутот на партијата во делот на целите и мандатот на избраните функционери на партијата. Цели на партијата се и “признавање на македонското национално малцинство во Бугарија“, и “добрососедство меѓу Бугарија и Македонија на рамноправна основа, со заемно почитување и признавање“. Националната изборна конференција го дополни Статутот на партијата “функционер на партијата кој за време од една година нема да ги исполни должностите за коишто е избран, се разрешува и го губи правото на наредните избори во пратијата да се кандидира на истата или друга функција“.

Националната изборна конференција изврши избор на членови на Претседателството, Централниот совет и Централната контролна и ревизиона комисија на партијата за наредниот четиригодишен мандат. Националната изборна конференција за членови на Претседателството на ОМО ИЛИНДЕН ПИРИН ги избра Георги Христов, Иван Сингартиски, Ангел Безев, Стојко Стојков и Александар Спасов.Националната изборна конференција на ОМО ИЛИНДЕН ПИРИН ја поздрави и истовремено за затворена ја прогласи почесниот претседател Стојан Георгиев, а песни за Македонија рецитираше Димитар Иванов.

Advertisement