Проф. д-р Катерина Тодороска: Спасе и Спасе! Зошто?

Во македонската историја има личности кои по своето потекло како Македонци, независно дали живееле и работеле во македонската држава оставаат значајни дела за матичната земја. Од плеадата такви дејци голема оставнина за македонската историјата нѝ оставиле и двајцата Македонци од Преспа во Република Албанија, Стерјо Спасе и Спасе Мазенковски.

ЗОШТО сакам да пишувам за Стерјо Спасе?

Стерјо Спасе е роден на 14 август 1914 година, во село Глобочани, Мала Преспа, Република Албанија.  Основно  училиште завршил на албански и на грчки јазик во родното место и во Корча. Образованието го продолжил во Корча и во Елбасан, каде завршил Педагошка гимназија. По завршувањето, работел како учител во Дервичане, село во округот на Ѓирокастро, а подоцна предавал и во Москополе, во Корча и во Тирана. Покрај во Албанија, се школувал на Универзитетот Флоренца во Италија, додека магистрирал во СССР. Имајќи ги предвид успесите во неговата професија со едуцирање на млади албански генерации, комбинирани со исклучителните литературни дела поттикнати од македонското потекло, Стерјо Спасе го прават мост меѓу Македонците и Албанците.

Во 1935 година во Корча го издава својот прв роман „Nga jeta në jetë. Pse!?” (” Од живот во живот – зошто”. Романот до денес е познат како “Зошто?” („Pse?“), напишан бил во вид на дневник, при што ја опишува историјата на млад интелектуалец кој се вратил во  родното село по завршување на уката и за судирот со традиционалното, кој го води до самоубиство. Иако романот „Зошто?“ („Pse?“), всушност бил прв роман отпечатен во Албанија, албанските власти го забраниле заради македонското потекло на авторот. И покрај тоа, овој роман во албанската литература се цени како една од лектирите за исклучителна проза, во кој се говори за животот во периодот на енверизмот во Албанија. Низ годините, поради исклучителната литературна вредност, романот „Зошто?“ беше преведен на македонски, а од неодамна и на англиски јазик. Стерјо Спасе се упокои во Тирана на 12 ноември 1989 година, оставајќи зад себе значајни дела со тема од животот на Македонците во Албанија. Во оваа прилика сакам навремено да посочам дека во 2024 година се навршуваат 110 години од неговото раѓање, а ние, како Македонци треба да се подготвиме за достојно да ја одбележиме оваа годишнина.

ЗАТОА сакам да знаеме за Стерјо Спасе како важен автор за македонската историја и како голем поборник за македонско-албанска соработка.

ЗОШТО сакам да пишувам за Спасе Мазенковски?

Спасе Мазенковски е роден на 2 септември 1953 година во селото ЛескаПреспа во Албанија. Гимназија и средно економско училиште завршил во Горица и Либражд.

Спасе Мазенковски е еден од многуте Македонци во Албанија кои израснале и животот го посветиле на идеалот за Македонија и национално единство.

Уште во време на комунистичка диктаторска Албанија, Спасе не ги криел своите идеали за слободна и независна Македонија и за унапредување на правата на Македонците во Албанија. Веднаш по рушењето на комунизмот во Албанија, во 1990 година бил иницијатор, основач и претседател на првата Организација за заштита на правата на Македонците во Албанија “Друштво Преспа“ основано на 3. 4. 1991 година. Во 1994 година го основаше и беше уредник на првиот весник на македонски јазик во Албанија “Преспа“, а го наоѓаме и како основач на единствената македонска политичка партија во Албанија, „Македонска алијанса за европска интеграција“.

Автор е на многу дела, а меѓу делата со кои особено се гордеел Спасе Мазенковски, а за кои и јас сметам дека се исклучително важни се наоѓа книгата “Македонскиот народ во Албанија” издадена во 2016 година од Друштвото за наука и уметност во Прилеп. Книгата има 149 страни, поделена во четири дела. Во првиот дел авторот пишува од кога и каде живее македонскиот народ во Албанија, за во вториот да пишува за подемите и падовите на македонскиот народ во Албанија. Имајќи предвид дека 1991 година за Македонците во Албанија била исклучително важна, Спасе во третиот дел пишува за тоа што после 1991 година, за книгата да ја заврши со делот наречен „Последните реченици – најтешката горчина“. Последните реченици во оваа книга гласат: „Е, по сето ова, вие таму во Скопје, Вие на Врвот на таа Држава за која сонувавме и се боревме и ние Македонците од Албанија, можете да сторите сè против нас, ама само против нас Македонците… Вие можете да донесете Закон и да нѝ забраните да гласаме во Македонија и за Македонија; можете да ги поставите повторно границите према нас и да не нѝ дозволувате да влегуваме во нашата земја; можете да се откажете целосно од нас, како и почнавте да се откажувате постепено, од некои убаво средени работи што беа до сега; можете сè, ама баш сè али, само против нас Македонците… Инаку, према Немакедонците, богами не можете…

Како и да е, сепак не можете да нѝ забраните да си ја сакаме и да си ја чуваме и развиваме Македонија и Македонштината, насекаде каде нè има…

Еден ден, како што истакнавме и погоре, сите Македонци ќе бидеме сплотени, ќе бидеме единствени како некогаш“.

Меѓу неговите трудови се наоѓа и „ПОЕЗИЈА“ напишана паралелно, на македонски и албански јазик. Она што во оваа пригода е упатно да го напишам, како „глас“ на Спасе Мазенковски е неговата  „Забелешка“ од крајот на овој труд, а која гласи: „Оваа поезија напишана на македонско-албански јазик, со македонско-албански мотиви, е кулминација на мојата желба за поттикнување на братскиот соживот помеѓу македонскиот и албанскиот народ во Р. Македонија и Р. Албанија. Само така може да продолжи соживотот на овие два народа, на овие простори“.

Покрај објавените трудови на Спасе Мазенковски, благодарение на неговата ќерка Елеонора Мазенковска Стојан од неговата оставнина пред три години добив книги во ракопис потпишани од великиот Спасе Мазенковски. Во неколку наврати со овие негови книги конкуриравме во Министерството за култура во Република Македонија, но попусто. Македонското министерство не покажа интерес за давање на финансиска помош за ннвно печатење. Затоа, самоиницијативно во чест на неговиот 70-ти роденден редактирав „Собрани дела“ том 1 од Спасе Мазенковски, а излегоа во издание на издавачката куќа „Менора“ од Скопје. На овој начин, сакав да му се оддолжиме, како Македонци од матичната држава, на Спасе Мазенковски за неговиот влог во борбата за зачувување на македонските вредности сред Македонците во Албанија и за Македонија.

На големиот македонски празник, 11 Октомври 2023 година во Пустец во просториите на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) беше одржана промоција на „Собраните дела“ Т. 1 од Спасе Мазенковски. На промоцијата, како промотор им ги претставив на присутните текстовите кои за прв пат се објавуваат, а потоа говореше градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колефски. За животот и активноста на покојниот Спасе Мазенковски зборуваше д-р Ицо Најдовски – Перин, Македонец од Мелбурн, Австралија. Од 30 годишната заедничка соработка, Перин истакна дека „Спасе цел свој живот го посвети на Македонија, соработувајќи со сите активисти од целокупна Македонија“. Потоа збор зеде неговиот долгогодишен соработник Ефтим Митревски, кој меѓу другото информира дека ќерката на Спасе, Елеонора Мазенковска Стојан ги нашла на креветот од татка си и последните зборови: „О Боже, воскресни го Гоце Делчев да ја спаси Македонија!“ Свои спомени за животот и делото на Спасе со присутните сподели и  поранешниот градоначалник на Општина Пустец и голем пријател на Мазенковски, Едмонд Темелко, по што говореше уште еден пријател на Спасета, Тодор Петров од СМК. Новинарот Кирил Добрушевски од Битола читаше песна која Спасе, пред многу години, му ја испратил по пошта. Емотивна беше завршницата на промоцијата со зборовите на ќерката на Спасе, Елеонора Мазенковска Стојан која се потсети колку нејзиниот татко, интензивно ја искажувал големата љубов на Спасета кон Македонија и македонскиот народ, поради што никаква работа во врска со Македонија не му била тешка.

ЗАТОА сакам да знаеме за Спасе Мазенковски како важен автор за македонската историја и како голем поборник за македонско-албанска соработка.

Благодарност за стореното за Македонците во Албанија и Македонија, на двајцата, големи Македонци од Преспа, Стерјо Спасе и Спасе Мазенковски.

Вечен да им е споменот.

 

Advertisement