Проф. д-р Катерина Тодороска: Закон за високо образование по партиски урнек

Дниве многу се зборува за некаков „НОВ“ Закон за високото образование. Колку за информација на оние што ги интересира, овој Закон директно влијае и врз работата на Институтите во државава. Од таа причина, очекувам дека и ние треба да дадеме свое мислење за неговите „измени“, кои до сега се непознати за нас.

Во стилот на Шојиќ „при немогуќству да општим с одговарајуќим људима“ на темата за „измени“ на Законот за високо образование, ќе го употребам ФБ-ов.

И ќе кажам дека Законот за високо образование, кој е на сила е еден од најлошите и најретроградните што досега сме го имале. Тој е донесен во 2018 година од владините партиципиенти од СДСМ и ДУИ. Доколку и денес ги имаме истите тие луѓе во владината „елита“ никако да си разјаснам што видоа за потребно да се менува во нивниот Закон, а што не го видоа во 2018 година? Или, дали некој треба да си го дополни семејниот буџет со примена на козметика во Законот?

Како и да е. Еве само еден мој предлог до „одговарајуќите“ за „измени“. Задолжително бришење на една од небулозите во актуелниот Закон која се однесува на изборот во наставно-научни звања, која сега гласи вака:

Критериуми за избор во наставно-научни звања

Член 125

За доцент може да биде избрано лице кое има научен степен доктор на науки од научната област во која се избира, просечен успех од најмалку осум на студиите на прв и втор циклус за секој циклус посебно, објавени најмалку четири научноистражувачки трудови во соодветната област во меѓународни научни списанија или меѓународни научни публикации или научни труда во научно списание со импакт фактор кои се од соодветната област во базата на Web of Science во последните пет години, кои носат вкупно најмалку десет бода, согласно член 95-а став 6 од овој закон, како и постигнувања во примената на истражувачките резултати и способност за изведување на одделни видови високообразовна дејност и позитивна оценка од самоевалуацијата.  (https://mon.gov.mk/stored/document/zakon-za-visoko-obrazovanie-star-mk.pdf)

Замислете. За некој кандидат да биде избран во доцент му се зема предвид ПРОСЕКОТ ОД СТУДИИТЕ ОД ПРВ ЦИКЛУС и ВТОР ЦИКЛУС на студии. За ваква „инвентивност“ мислам дека Фондорт за иновации требало да додели барем 300.000 евра на „изумителот“.

Еве и зошто. Во звањето ДОЦЕНТ може да се избере човек кој завршил ДОКТОРСКИ СТУДИИ т.е. одбранил докторски труд. Со стекнувањето на повисока диплома, претходната се анулира.

Според моментално важечкиот Закон, јас како доктор на науки треба да се потпишувам вака: дипл. проф. м-р д-р проф. Катерина Тодороска, според хронологијата на сите дипломи што ги имам. Смејурија.

Доплнителен проблем претставува што овој Закон за високо образование неписмените, недугавите и експрес вивнатите ректори и декани на печурки и НЕпечурки унверзитети и факултети, овој член од Законот го применуваат ретроградно.

Што значи тоа?

Тоа значи дека во времето кога јас се запишував на последипломски студии уписи за магистерски студии имаше САМО ЕДНАШ во четири години и САМО на УКИМ, а не како денес по два пати годишно на печурки и НЕпечурки универзитети. Тоа значеше дека во тие четири години треба да се искристализираат студенти кои имаат просек пропишан со Закон за упис, но и со афинитет за продолжување на студиите.

Во мое време просекот за упис на магистерски студии беше 7.5, што за тоа време беше исклучително респектабилна цифра со оглед на квалитетот на образованието.

Е сега. Замислете. Денес се појавува кандидат кој имал 7,9 просек на оценките од студиите од прв степен и сосем легално и заслужено се запишал на последипломски студии, па потоа и согласно законските прописи завршил докторски студии и СЕГА конкурира за доцент. Согласно овој идиотски член 125 од актуелниот Закон за високо образование тој кандидат НЕ МОЖЕ да биде избран во доцент бидејќи НЕМА просек 8 во времето кога оценките не се делеа од ракав. Затоа, пак, кандидат со фалсификат диплома и од ракав истресени оценки и просеци 9 или 10, без проблем ќе биде избран за доцент. Независно што е шупелка во однос на оној со просек од прв циклус на студии 7.9.

Лекот за ваквите колеги кои ЗАКОНСКИ ги завршиле сите степени на студирање е само еден. Да се одат во една од трафиките за дипломи и да си купат диплома, како многумина министри, ректори и декани. Така, оној што ЗАКОНСКИ завршил студии, магистрирал и докторирал треба да го направите КРИМИНАЛЕЦ за да биде достоен за доцент. Нели, сë мора да биде на ниво на криминал за да биде соодветно за денешново општество.

И така, доколку веќе нешто менувате, сменете ги идиотизмите за кои во 2018 година велевте дека се ВРВ на квалитетот што го нудите. Патем, доколку внесите некои „изуми“ и во новиот Закон за високо образование пишете дека тие важат од денот на донесувањето на Законот, а не и ретроградно.

Немој да ми објаснувате дека ова што го пишувам не држи вода, бидејќи имам барем тројца одлични кандидати на кои им ги пресековте напредувањата, додека нивните места сега ги држат кандидати од „вашите партии“. Секако, на штета на студентите и на штета на државата.

Advertisement