Разговор со Венко Андоновски: Најтешко е да се пишува за деца

Додека Венко Андоновски го довршуваше „Папокот на светлината“, романот кој е порта кон нов продуховен свет и е своевидно продолжение на култниот „Папокот на светот“, во издание на „Паблишер“ веќе беше објавен неговиот прв роман за тинејџери – „Имаш пчела на носот“. Роман со многу автобиографски моменти од детството и младоста на најтиражниот македонски писател, кои уште повеќе ни ја откриваат неговата човечка димензија, но и роман со кој се настојува на тинејџерите да им се покаже што е книжевноста. И тоа не само на њутајмер туку и на олдајтмер тинејџерите, како што стои и во поднасловот на романот за кој Венко Андоновски ја доби наградата на Друштвото на писателите на Македонија за најдобра книга за деца, „Ванчо Николески“.

„Да се пишува за млади и деца не е воопшто лесно. Кога пишувате за возрасен читател вие едноставно немате потреба да го будите детето во себе, освен во некои исклучителни моменти на романот – кога возрасниот треба да се насмее, да се воодушеви на нешто што го гледа првпат, па да се потсети дека бил дете. Додека пишувате за деца, вие треба цело време да бидете дете, што е страшно тешко за човек којшто влегол веќе во попладнето на својот живот и којшто се навикнал на нештата околу него да гледа како да се вообичаени, и кој ја нема таа свежа детска перцепција.“

Ова на доделбата на наградата, на почетокот на годинава, го истакна писателот кој во попладнето на својот живот успеа да го разбуди детето во себе, и тоа уште со книгата „Азбуката на Стела и Сани“, ама особено со „Имаш пчела на носот“ – романот за тинејџери кој отвора многу прашања. Еве и прв разговор за овој роман, во кој се отвораат дел од тие прашања. Со одговори кои поттикнуваат и нови прашања и размисли. И тоа не само за романот, туку и воопшто за книжевноста и животот во времето што го живееме. И особено за книжевноста за деца и млади! Разговорот со Венко Андоновски го водеше Иван Антоновски – негов некогашен студент, а сега асистент на Катедрата за македонска книжевност и култура на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, на која Андоновски работи повеќе од три децении.

ТРАДИЦИОНАЛНИОТ КОНЦЕПТ НА КНИЖЕВНОСТА ЗА ДЕЦА Е УРНАТ

Вашето размислување за книжевниот текст за деца, па и за оној за млади, кореспондира со ставот на Антоан де Сент-Егзипери дека книжевноста за деца е страшен предизвик за талентот на писателите, кои треба да се сетат како им изгледал светот кога биле деца. Колку пишувањето за деца и млади, покрај тоа што воопшто не е лесно, е и тест и предизвик за талентот на писателот воопшто?

Да, предизвик е! Иако мене никогаш не ми било јасно по што се разликува литературата за деца и млади од онаа за возрасни. Јас знам тоа да го објаснам теоретски. Меѓутоа, сè ми се чини дека педагошко-естетските критериуми што сме ги користеле веќе не ни помагаат да дефинираме што е книжевност за деца и млади. Зошто? Затоа што денешните деца се отворени за сите социјални прашања. Тие раскажуваат вицови за политичари, користат генитална семиотика (пцости) уште од најрана возраст и изложени се на радикална перцепција на традиционалните вредности… Хемингвеј користел стрелки за да покаже кои делови од неговиот текст треба да се поврзуваат, а денес децата, поточно младите, со копи-пејст техника „поврзуваат“ домашни задачи за 15 минути. Значи, веќе не е тоа време на старата педагогија и методика од времето кога споревме дали темата е примарна за книжевноста за деца или не. Традиционалниот концепт на поимање на книжевниот текст за деца и неговите функции, којшто до пред некое време беше актуелен, веќе е урнат.

Во македонскиот книжевен простор изминативе години се појавија и ликови-брендови, коишто стануваат херои на новите генерации. Меѓу нив се Стела и Сани, кои се главни ликови и на „Имаш пчела на носот“. Со други зборови, роман со ликови коишто во извесна мера веќе се дефинирани во поимањето на примарните читатели – оние коишто растејќи со Стела и Сани станале или ќе станат тинејџери. Колку тоа беше творечка провокација да не се почне од нула или, пак, беше одредено ограничување во творечкиот чин?

На овој роман се нафатив откако ми се јави Винка Саздова и ми рече дека „Паблишер“ подготвува ваков проект, иако јас не го сакам тој збор – „проект“. Кога прашав што значи тоа, таа рече дека тоа е едукативен проект и дека станува збор за романи од драгата колешка Јагода Михајловска-Георгиева, од Винка и од мене, и дека се наменети за различна возраст, ама со исти ликови – Стела и Сани. Во принцип, јас добивам нервен напад кога некој ќе ми каже дека ликот се вика „така и така“, замислен е „така и така“. Имав такво искуство со некои наши ситкоми, па ја напуштив екипата. Тие „условувања“ се сведуваат главно на тоа дека ако сакаш да си во проектот, мора да го почитуваш тоа. Но овој пат излезе дека не е така – готови ги добивме само имињата на ликовите во романот, што мене исто така ми пречеше, затоа што Стела е Ѕвездана, убаво македонско име. А Сани во нашиот јазик не функционира, не може ни да се преведе. Меѓутоа кога сфатив дека имињата се празни форми, како што би рекол Јакобсон – празни како фонема, и дека ни е оставена авторска слобода да ги полниме со значења, јас дојдов до една конкретна идеја. Да тестирам што е денес книжевност за млади!

„ИМАШ ПЧЕЛА НА НОСОТ“ Е РОМАН СО МНОГУ АВТОБИОГРАФСКИ МОМЕНТИ

Од што се состоеше тој тест за книжевноста за млади остварен со „Имаш пчела на носот“?

Знаете што направив? Извршив транслација на приказната низ времето. Она што им се случува на ликовите е она што мене ми се случувало во моите младешки денови. Во овој роман има многу автобиографски моменти. И тоа и моменти кога бев во основно училиште, и од гимназијата „Орце Николов“. Сакав да проверам дали, ако се смени сценографијата и ако, на пример, наместо статичен телефон се вклучи мобилен телефон, и ако наместо моливче се уфрли таблет, или ако наместо дневник со оценки украден од наставничката канцеларија и запален, како што се случи во моето основно училиште во Влае, се стави електронски дневник во кој хакерски ќе се избришат оценките, приказната ќе функционира и денес, за денешните деца? Оти внимавајте, ние живеевме исто така кршејќи некои закони, како и денешниве деца. Не бевме ни ние деца кои беа целосно послушни. Ова е само еден пример – во основното училиште „Јосип Броз Тито“ во Влае беа украдени сите дневници од сите паралелки на осмото одделение и беа запалени. Дојде и полиција. Јас тоа го раскажав во денешно време, како да им се случило на денешниве млади, со електронски дневник. Сакав да видам дали постои истата човечка супстанција и кај овие генерации. Одговор немам, оти имаше само една критичка реакција на романот, а немам контакт со читатели за да знам дали романот се чита и како реагираат читателите. Така што, не е лошо да отвориме едно „поштенско сандаче“, за да можат средношколците и воопшто младите луѓе што го читаат, како во Хајдпарк, да кажат – бидува ли од тоа роман или не бидува?

Но и независно од сето ова, зошто потфатот да се посветите и на книжевноста за деца и млади го прифативте токму во оваа творечка фаза, како што велите, „во попладнето на својот живот“, а не порано?

Сепак, ова е рано попладне на животот. Се надевам има уште од ова попладне. Зашто има уште многу што да се сработи и напише! Но мислам дека за деца и млади може да пишува само човек кој веќе ги сака децата како дедо. Можам да кажам „дедо“, иако јас сум сè уште млад татко.

ЧОВЕК НЕ МОЖЕ ДА БЕГА ОД САМИОТ СЕБЕ

МОЈОТ РОМАН ГИ УЧИ ДЕЦАТА ШТО Е КНИЖЕВНОСТ, А НЕ ШТО Е ЖИВОТ

Романот е составен од две книги – женска и машка, со двајца различни раскажувачи, во форма на дневнички записи. Неретко е присутна приказна во приказна, ја користите и интертекстуалноста, а кога ќе се дојде до епилогот пишува: „Ова е роман без крај. Крајот ти припаѓа тебе“, по што следуваат празни редови на коишто читателот може сам да го напише крајот на приказната.

Оној што е запознаен со Вашето досегашно творештво најверојатно ќе забележи дека со ова на теренот на книжевноста за деца и млади се применуваат препознатливите книжевни постапки од дел од Вашите досегашни романи за возрасни. Две книги во една како во „Папокот на светот“ и „Ќерката на математичарот“ и страници со празни редови во кои пишува читателот како во „Вештица“. 

Колку со „Имаш пчела на носот“ ваквите книжевни постапки свесно ги ставивте на тест во книжевноста за деца и млади? Дали сакавте да проверите дали во книжевноста за деца и млади функционираат писателските „трикови“ од „книжевноста за возрасни“?

Човек не може да бега од самиот себе. Општо место е дека сите мои книги се во знакот на некој дуалитет. „Папокот на светот“ е со две приказни – една од IX век и една од XX,  „Вештица“ со паралелен тек на дејството – во XX век и во доцното средковековие. Па не случајно, не бегајќи од себеси, и во оваа книга го има дуалитетот. Прашањето дали тоа сум го направил намерно е многу добро, затоа што одговорот е „да, го направив намерно“. Намерно сакав публиката што уште ги нема читано „Папокот на светот“ и „Вештица“ да ја подготвам за еден книжевен идиом на кој ќе наиде подоцна, не само во моите книги туку и во книгите на други писатели кои ги ставаме во иста вреќа како постмодерни, ама не се сите постмодерни. Значи, едноставно речено, сакав да ја подготвам публиката за оние „трикови“ на кои ќе налета подоцна, ако чита романи од таа генерација автори кои ги нарекуваме постмодернисти.

Зашто, кога денес пишуваме роман за деца, сè помалку можеме да ги учиме децата на нешто друго освен на јазикот на книжевноста. Овој роман имаше многу повеќе за задача да им покаже на децата што е книжевност одошто што е живот. За живот, тие можат да ме учат мене! Затоа овој роман го сфатив како шанса да им покажам дека анатомијата на книжевноста е фасцинантна, затоа што сепак, на пример, може да покаже две гледни точки, и тоа „машка“ и „женска“ (во една класична перспектива), без да навлегуваме во тоа колку „машко“ и „женско“ (или „женствено“) писмо се валидни категории по сите феминистички, постфеминистички и (пост)лакановски теории…

Ама зошто детето да не научи дека романот може да има и две гледни точки? Зошто да не научи дека постапката „приказна во приказна“ му дава на романот длабочина? Затоа што со приказна во приказна се постигнува ефект како во едно огледало на ѕидот да ставите уште едно огледало со поголема диоптрија – читателот така пропаѓа во текстот. Тоа е она пропаѓање во текстот за кое говореа и Кристева и Барт. Или: сакав да им покажам на денешниве деца дека без класичен крими-заплет нема ни љубовна приказна, а не пак криминалистички роман. И во „Името на розата“ на Умберто Еко има крими-заплет. И во „Папокот на светот“ има.

Значи, сакавте читателите на „Имаш пчела на носот“ да ги научите барем на дел од она што е специфика на прозата во еден период од книжевниот развој?

Да, едноставно, мојот роман нема за цел да ги учи децата што е живот, туку што е книжевност! И сакав да им го покажам сето тоа море на богатство што го нуди книжевноста како идиом, како експресија, како израз – да се сретнат со него и да го препознаваат подоцна. А мислам дека и на професорите добро ќе им дојде еден вака  структуриран роман, затоа што кога ќе им објаснуваат на децата во гимназија што е фокализација не ќе мораат да бираат примери од странски книжевности кои децата можеби и не ги читаат или потешко ги читаат. Сега тие примери ќе можат да ги покажат со роман пишуван на македонски јазик. Но наспроти дуалитетот во претходните книги, во „Папокот на светлината“ се обидувам да ја затворам тријадата, гледано дијалектички – теза, антитеза и синтеза – најновиот роман е роман со три дела!

ПИСАТЕЛОТ НЕ Е КЕЛНЕР КОЈ НА ДЕЦАТА И МЛАДИТЕ ЌЕ ИМ ГО ДАДЕ САМО ТОА ШТО ГО БАРААТ

Се чини за Вас ќе беше поедноставно ако во „Имаш пчела на носот“ имаше сезнаечки раскажувач. Зошто ја избравте потешката авторска задача и колку успеаја Стела и Сани со својот јазик да се „генерација“ со своите читатели, пред сè, њутајмер тинејџерите?

Не знам колку сум успеал. Ќерка ми Веда, кога го читаше романот, ми напиша дека според нејзините мерила не сум го погодил тој идиолект, тој сленг на девојчињата денес. Синот Давид, пак, вели дека машкиот лик е супер лик.

Што покажа искуството по овој роман – има ли разлики меѓу „женско“ и „машко“ писмо кога се пишува од позиција на наратор тинејџер?

Ова е големо прашање. Дали е можно писател – реален, со име и презиме, роден како машко и кој се декларира како припадник на машкиот род, да напише прозен дискурс од гледна точка на жена, што и да значи тоа денес, не навлегувајќи во тоа дали е пол или род, или дали е општествена (културна) определба или природна даденост? Дали писател маж воопшто може да пишува како жена или девојче? Петре М. Андреевски во „Небеска Тимјановна“ симулираше женски глас, меѓутоа нему му помагаше магнетофонот – тој имаше оригинални тонски записи на жена која раскажува и ги пренесуваше и дотеруваше во својот текст. Во контекст на ова крупно прашање, јас сум целосно согласен дека романот е можеби преамбициозно поставен во конструктивистичка и композициска смисла. Но не гледав причина да повторувам стереотипни книжевни постапки познати од книжевноста за младина, такви кои се веќе тотално анахрони. Ако правиме нешто, барем да тестираме: – ако пукне, знаеме дека пукнало и не е добро. Зашто мислам дека книжевноста за деца и младина веќе одамна тапка во место, не само според сфаќањата туку и според она што е книжевна димензија и функционална писменост – треба и на теренот на книжевноста за деца да се отвори полигон за нови книжевни техники.

Вие се обидувате да придонесете за отворањето на тој нов полигон…

Да, зашто јас не ги пишував овие две книги во една книга за да ги „погодам“ или на денешните млади читатели да им го дадам тоа што го сакаат. Книжевноста за деца и млади се разликува од книжевноста за возрасни можеби само во една важна работа – писателот не е келнер кој на децата и младите ќе им го даде само тоа што тие го бараат, туку е должен да им го покачува прагот на искуството. Писателот што се нафатил да пишува за деца и млади е должен да учествува во нивното формирање како личности, да им даде и нешто што не се сфаќа и „вари“ толку лесно. Ако е веќе келнер, нека биде келнер што нема да им ја даде само онаа храна што лесно се голта како млеко, туку и тврда храна, во книжевна форма. Па така, мислам дека и да не сум го погодил јазикот на актуелните генерации целосно, па дури и некое девојче или момче и да ја фрли книгата и да рече „е, овој филозофира“, и тоа е успех – нека знае дека во книжевноста нема скокање страници за да ја „исконсумираме“ само љубовната приказна. Читањето книжевен текст не е како детско јадење торта: го јадеме само шлагот, а пандишпанот го фрламе.

ДА ГИ НАУЧИМЕ ДЕЦАТА ДЕКА ЖИВОТОТ МОЖЕ ДА СЕ ПРЕВРТИ НА ГЛАВА ВО ЕДНА СЕКУНДА

Книжевниот текст за деца е и загатка. На крајот и на двете книги што ја сочинуваат целината на „Имаш пчела на носот“, не е изневерено читателското очекување за среќен крај, но низа загатки се разрешуваат со изненадување, со неочекуван расплет, и тоа на мал број страници. Колку беше самозададена авторска задача ваквата фабула?  

Сакав на тие деца кои ќе ме читаат, од овие генерации кои буквално хормонално реагираат, да им дадам адреналин. Зошто на овие деца да не им се овозможи чувство дека пресврти се случуваат, и зошто да не ги научиме дека животот навистина може да ве преврти на глава во една секунда?

Во книжевноста за деца и млади неодминлив е критериумот што се посочува и како нејзин најголем „грев“ – дидактиката, односно поучноста. Во Вашиов роман за тинејџери има дидактика – триумфот на доброто над злото, победата на љубовта, пораката дека упорноста дава резултат и дека не треба откажување од целта. Но и поуката дека треба да се остане свој и да се задржи инвидивуалноста. Дидактика е и пренесувањето знаења од книжевноста, од филозофијата, од историјата… Каде и како го гледавте писателскиот „трик“ за балансирање меѓу присуство на дидактиката и естетиката во романот? Како да се издржи да се биде ненаметлив во обемно, прозно дело за тинејџери какво што е „Имаш пчела на носот“?

Дидактиката во книжевниот текст за млади и деца е отприлика како режија – најдобра е кога не ја гледаш. Кога човек гледа филм и веќе нема чувство дека тој е режиран, кога заборава на режијата, всушност, таа функционира. Истото е и со дидактиката во книгите за млади и деца. Ако ја почувствуваш како поука, како реченица вметната со пинцета, таа ќе ти боде во окото, нема да ја прифатиш. Дидактиката треба да се раствори низ дејство, низ кратки реплики кои навидум не кажуваат ништо… Всушност, дидактиката треба да биде процес на носење заклучок од читателот, според онаа улога што на читателот му ја дава Умберто Еко. Затоа на крајот на овој роман се послужив со оној трик што го има и во „Вештица“ – на читателите им оставив празни линии за тие да го завршат романот. Со самото тоа што ќе го завршат романот, тие влегуваат во дидактиката. Нивниот крај ќе покаже што научиле и дали воопшто научиле нешто, до кои морални норми се држат, како би го завршиле романот. Сакам да кажам: кога станува збор за дидактиката, најстрашно е, кога веќе пишувате за деца, како на часови по методика да ги издвоите целите на романот, конкретно, дидактичките цели… Нема такво нешто! Ако вие пишувате убаво во естетска смисла, дидактиката нема да се забележи како наметната, ама ако пишувате лошо, ќе се види…

Ама нели е така и во романите за возрасни?

Да, така е и во романите за возрасни. За пример може да го земеме и „Папокот на светот“. Знаете ли колку религиозни поуки има таму? Има места што можеби читателот ги доживува како наметнати, ама има места каде што и не се наметливи. Јас би сакал некогаш да го преработам „Папокот на светот“ и секаде да бидат ненаметливи, а не читателот да чувствува дека ги има и да си вели: „е, сега, овој нè подучува овде, се прави паметен“. Штом кај читателот ќе се јави ваква размисла, значи дека нешто не чини и мора да се отстрани. Така е во романите за возрасни, но во романите за деца десетпати повеќе се гледа колку сте голем писател или не сте. Ако таму кикснете и се појави дидактиката во видлива форма за читателот, тоа не е добар знак за вас како писател. Затоа писателот за деца мора да има десет пера – десет оружја. Јас тврдам – најтешко е да се пишува за деца!

БАРЕМ ПОЛОВИНА ОД ТИНЕЈЏЕРИТЕ МОЖАТ ДА ГО ЧИТААТ И „ПАПОКОТ НА СВЕТЛИНАТА“

Во овој разговор успеавме да отвориме само дел од прашањата… За „Имаш пчела на носот“ има уште многу прашања, за кои се надевам дека ќе можеме  понатаму да разговараме… Но може ли да очекуваме и следен роман за млади напишан од Вас, затоа што во нашата книжевна продукција навистина недостигаат дела наменети за тинејџери? 

Не сум сигурен… Затоа што во книжевноста никогаш не може да се каже дека нешто ќе се случи или нема да се случи. Ама не би сакал да звучам како педагог кој децата и младите ги подучува како би требало да биде. Во овој миг, мене ми е посебно драго што барем половина од денешните тинејџери можат да го читаат и „Папокот на светлината“, затоа што овој роман носи универзални пораки.

 

 

Advertisement