Советот на Европа: Македонците во Бугарија немат никакви малцински права

Франк Швабе и унгарскиот Золт Немет, известувачи на Параментарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) во името на Комисијата за следење на обврските на земјите членки, тие изразуваат загриженост поради непочитувањето на правата и говорот на омраза на кое е изложено непризнатото македонското малцинство, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

Понатаму тие се осврнуваат и на отворениот проблем со „непризнатото“ македонско малцинство во Бугарија.

За време на посетата на Бугарија, Франк Швабе и Золт Немет се сретнале со претставници на граѓанското општество кои работат на малцинските прашања, вклучувајќи ги и претставниците на Ромите и Македонците. Во нивниот извештај тие споменуваат неколку причини за загриженост кои им биле пренесени од претставниците на малцинството.

„Македонското малцинство не е признаено како такво од бугарските власти поради строгата примена на формалните критериуми, иако оваа група на повеќе пати ја изрази својата желба да ги има поволностите од заштитата со Рамковната конвенција за заштита на малцинствата“, стои во извештајот.

Тоа за известувачите претставува  „извор на загриженост за македонското малцинство. Поради овие причини македонско малцинство нема претставник во Советот за малцинствата. Македонците немаат програма за етничките заедници и не добиваат државна помош за зачувување и развој на нивната култура и идентитет. Ниту македонски јазик, ниту историја не се учи во училиштата. Не е регистрирана ниту една македонска организација. Нашите соговорници сметаат дека припадниците на нивната заедница се дискриминирани.“,нагласуваат Франк Швабе и Золт Немет.

Македонците во Бугарија не постојат ни во статистичките бројки од пописот од 2011, односно тие се меѓу 49 000 лица кои се изјасниле како „други” ( Македонци, Руси, Ерменци, Власи, Грци, Украинци и Евреи).

„На поопшто ниво, нашите соговорници ни кажуваа дека говорот на омраза со расистички и нетолерантен карактер сè уште претставува голема загриженост во Бугарија. Главните цели на овој говор на омраза се Ромите, Евреите, Турците и Македонците.“, велат тие.

Во последниот извештај за Бугарија, бугарските власти беа повикани систематски и безусловно да го осудат говорот на омраза против малцинствата, да ги зајакнат мерките за промовирање на толеранцијата и меѓусебното почитување и да ги охрабруваат одговорните политичари да прифатат примерно однесување, пренесе МИА.

Advertisement