Спречивме македонското малцинство да биде преименувано како северномакедонско во Брисел, велат од ОМО “Илинден“- Пирин

Во одговор на писмо упатено на 21 јули 2021 година од Европската слободна алијанса (ЕФА) до Европската комисија, за положбата и правата на македонското малцинство во Бугарија, на 3 ноември 2021 година беше добиен одговор во кој македонското малцинство во Бугарија беше преименувано во „северомакедонско“ малцинство и прашањето неосновано беше поставено во врска со договорот за добрососедство на Бугарија со Македонија, иако во случајов станува збор за негирани права на европски граѓани, информираат од ОМО “Илинден“ – Пирин, во објава на социјалните мрежи.

ОМО “Илинден“-Пирин и ЕФА реагираа на овој обид да се преименува македонското малцинство во Бугарија, уште повеќе што и други институции во Брисел покажаа слични тенденции, иако последните не толку отворено. На упатеното писмо со реакција од наша страна – не беше добиен одговор. Затоа ЕФА се обрати до Европскиот омбудсман и побара извинување од Европската комисија во името на ОМО “Илинден“-Пирин.

Последната реакција имаше ефект и на 16 јуни 2023 ггодина, раководителот на Генералниот директорат за владеење на правото, фундаментални права и демократија во Европската комисија, Ингрид Беландер Тодино, упати официјално извинување, при што на двапати правилно – почитувајќи го правото на слобода на национална и етнокултурна самоопределба на етничките Македонци во Бугарија – ја именува нашата заедница како: „Macedonian minority in Bulgaria“, се истакнува во објавата.

Ова е веројатно првпат, додаваат во напишаното, институција на Европската Унија да го прифати и признае очигледниот факт на постоењето на македонското малцинство во Бугарија, наспроти обидите на Бугарија да го негира нашето постоење.

ОМО “Илинден“-Пирин ја продолжува и понатаму својата борба за признавање и непречено ползување на човековите и малцински права на Македонците во Бугарија“, потенцираат во написот на социјалните мрежи

Advertisement