Светот остана без Фејсбук, Инстаграм и Ватсап

Повеќе од три часа трае прекинот во пристапноста на дел од водечките светски социјални мрежи. Не се знае што ја предизвикало хаваријата. Водечката светска социјална мрежа Фејсбук, како и нејзините платформи Инстаграм и Ватсап од понеделникот попладне по средноевропско време се недостапни за милијарди корисници ширум светот. И интерниот систем на Фејсбук, кој го користат вработените, не функционира, а системот се уште не е подигнат.

Од компанијата не кажуваат што е причината за проблемот. Интернет страниците и апликации често страдаат од повремени прекини, но повеќечасовни хаварии се ретки. Последниот голем глобален интернет прекин се случи во јуни годинава, и траеше помалку од еден час.  Единствениот јавен коментар на Фејсбук досега беше еден твит во која компанијата призна дека „некои луѓе имаат проблем да пристапат до Фејсбук апликацијата“ и дека се работи на отстранување на проблемот.

Многу луѓе се зависни од Фејсбук, Ватсап и Инстаграм како примарен начин на комуникација, па изгубениот пристап толку долго време може да ги направи ранливи на криминалци кои би можеле да го злоупотребат проблемот, вели Рејчел Тобак, хакер и шеф на SocialProof Security.

„Тие не знаат како да ги контактираат луѓето во своите животи без тоа“, вели таа. „Тие се поподложни на социјален инженеринг затоа што се толку очајни да комуницираат“. Тобак вели дека при претходни глобални прекини, некои луѓе добивале мејлови со ветувањето дека ќе им се врати пристапот доколку кликнат на малициозен линк кој може да им ги преземе личните податоци.

Џејк Вилијамс, главен технички офицер на фирмата за сајбер безбедност BreachQuest, вели дека иако не може да се исклучи напад, големи се шансите дека се работи за „оперативен проблем“ предизвикан од човечка грешка. Други експерти сметаат дека за проблемот не може да биде виновен никој освен Фејсбук.

Фејсбук минува низ уште една паралелна криза откако свиркачот Франсис Хауген, поранешен менаџер за продукти во компанијата, обелодени интерни документи кои покажуваат дека фирмата била свесна за штетите кои ги предизвикувала со нејзините производи и одлуки. Хауген е повикан да сведочи и пред комитет на американскиот Сенат. И самиот Хауген поднел анонимна претставка до сојузниот суд во САД во која наведува дека и истражувањата на Фејсбук покажале како фирмата ги зголемува омразата и дезинформациите, и дека Инстаграм може да го наруши менталното здравје на тинејџерките.

Advertisement