Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ одбележува 75 години постоење

Образованието мора да остане врвен приоритет бидејќи од Европската Унија и од светот ќе добиеме почит ако развиваме квалитетно, компетитивно образование и наука, рече Сиљановска Давкова во своето обраќање по повод 75 години УКИМ.

Најстариот универзитет во државата, „Св. Кирил и Методиј“ годинава одбележува 75 години постоење. По тој повод вчера бил организиран свечен прием во Филхармонија, на кој присуствувале ректорката Билјана Ангелова, претседателката Гордана Сиљановска Давкова, државни претставнци, професори од УКИМ и професори од други универзитети.

„Дигиталната трансформација која беше зачната на некои од врвните универзитети, ги трансформира сите универзитети, па и нашите“, рече Силјановска Давкова. Таа додаде дека „државата мора да усвои сеопфатен пристап кон дигиталната трансформација, преку имплементација на прецизна национална дигитална стратегија, се разбира, во согласност со дигиталната агенда на Европската Унија и со целите за одржлив развој на Обединетите Нации“.

„Нам ни треба дигитална писменост“, посочи Силјановска Давкова додавајќи дека образованието мора да остане врвен приоритет бидејќи од Европската Унија и од светот ќе добиеме почит ако развиваме квалитетно, компетитивно образование и наука.

УКИМ е формиран е во 1949 година со три факултети. Денеска во рамки на Универзитетот има 23 факултети, 5 научни институти, 4 јавни научни установи – придружни членки, 1 придружна членка – друга високообразовна установа и 7 придружни членки – други организации. Дејноста на УКИМ е уредена со Законот за високото образование и со Статутот на Универзитетот.

На УКИМ студираат 22.700 студенти во прв циклус (додипломски) и 14.100 студенти во втор циклус на студии (мастер). Третиот циклус – докторски студии се реализира во рамките на Школата за докторски студии на УКИМ, со вкупно 1.545 студенти. Во реализацијата на наставно-образовниот и научниот процес на факултетите и институтите учествуваат над 3.100 наставно-научни и соработнички, како и административни кадри.

„На Универзитетот се создадени повеќе од 194.000 високостручни кадри, над 21.300 магистри и специјалисти и околу 5.570 доктори на науки во сите наставно-научни области. Во вкупната дејност на Универзитетот посебен белег имаат спортските, уметничките, информативните, рекреативните и други активности, организирани во разни друштва, сојузи, клубови“, наведено е во соопштението на УКИМ.

Advertisement