Виолета Сековска, дипл библиотекар, книжевник, поет од татковината Македонија

Активно почнувам да се занимавам со поезија од 2011 година со објавување на мојата прва стихозбирка “Македонија” посветена на мојата земја. Во името на земјата пишувам патриотска поезија, во името на Бог пишувам духовна поезија, во името на љубовта пишувам љубовна поезија. Поезијата како уметност не е само компонента, не е само литературно дело, стихот, исказот, бојата на јазикот, таа претставува интегрална целина, плод на креативноста на авторот. Ковачница на убавиот исказ синхронизиран со умислен тек на творечкото произнесување. Како сликовита патека и траекторија на мислата и зборот. Куќа на речитиот збор на мајчиниот јазик. Во моите збирки преовладуваат трите доблести на човекот, љубовта, верата и надежта. Тоа се постулати кои се надевам дека ќе го направат подобар човекот, и секоj од читателите на моите книги. Љубов е да сакаш и да бидеш сакан. Љубовта е двигател на животот кои сите ние го живееме. Дали е насочено кон земјата, кон поединец, кон целиот жив свет.

Имам вкупно осум збирки и една збирка детска поезија “Светот на Јаков”. Коавтор во многу збирки поезија надвор од границите на мојата земја, учесник во македонски антологии, англиска антологија и тн. Од поезија не се живее но за поезија се живее. Поетот гради мостови на соживот, пријателство, љубов меѓу народите. Нема поубаво чуство да го работиме тоа што го сакаме. Единствено оружје кое може да го победи злото-сеприсутната омраза на современиот свет е ЉУБОВТА. Верувам секој од нас ја споделува оваа мисла. Честопати сум наградувана во Македонија, Србија, Хрватска. Меѓу најдрагите награди: “За интерпретација” “Поет на годината” “Најдобра песна” на поетски фестивал и тн.

Имам гостувано повеќе пати на македонски културни денови во Кралството Шведска, Кралството Данска, Албанија. Поезијата не познава граници. Таа не носи зад тантелата на невозможното, таа е крикот на поетот. Знае да биде, милозвучна, силна, тажна се зависи од средината во која што твори поетот. Овој период моите песни се патриотско-емотивни поради ситуацијата во која се наоѓа Македонија. Македонскиот збор ќе се слуша надалеку, македонскиот бајрак ќе се вее до вечноста. Да е вечна Република Македонија за вјек и вјеков Амин.

Advertisement