Здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија положија цвеже на Споменикот на децата бегалци

Делегации на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија обединети во Сојузот МАКЕДОН неделата што измина положија свежо цвеже на Споменикот на децата бегалци – жртви од Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година во Парк Жена Борец спроти Собранието на Македонија.

Споменикот на децата бегалци е откриен на 30 јуни 1988 година, кога до 4 јули во Скопје е одржана Првата светска средба на децата бегалци. Со полагањето цвеќе на Споменикот се одбележаа 70 години од крајот на Граѓанската војна во Грција, во која најголеми жртви беа Македонците и нивните деца.

Свежо цвеќе на Споменикот на децата бегалци од Граѓанската војна во Грција положија делегации на: Сојузот на здруженијата на Македонците децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија – МАКЕДОН, Собранието на Република Македонија, ВМРО-ДПМНЕ, Зружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин во Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија од Битола, Матицата на иселениците од Македонија, Семакедонски национален совет “Македониум“, Македонски манифест, Игор Малов, Пале Живков од Чикаго САД, Милица и Нестор Огинар од Њујорк САД и Светскиот Македонски Конгрес.

На 12 јули 2016 година на Споменикот на децата бегалци во Паркот Жена Борец постави мермерна плоча со натпис на македонски и англсики јазик за намената на Споменикот на која пишува: “28.000 деца, најмногу Македонци од Егејскиот дел на Македонија и други места на Грција, насилно беа прогонети за време на Граѓанската војна во Грција од 1946 до 1949 година… Останаа трајно раселени во источноевропските и прекуокеанските земји. Далеку од своите родни огништа… Овој Споменик е вечен Паметник за геноцидот врз нив, нивниот егзодус и голгота…”

Мермерната плоча е донација на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија – МАКЕДОН, Здружението на Сетинци, Попадинци и Крушорадци од Лерин во Македонија и Светскиот Македонски Конгрес.

Пригодно обраќање пред присутните одржа претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров.

Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки, ги продолжуваме традициите за помен и спомен за децата бегалци, пред чиј споменик се наоѓаме денес во Паркот Жена Борец, пред Собранието на Македонија, за да посведочиме за една од најголемите трагедии на Македонскиот народ – геноцидот и прогонството на Македонците од Егејскиот дел на Македонија за време на таканаречената Граѓанска војна во Грција од 1946 до 1949 година. Годинава одбележуваме 70 години од крајот на оваа војна, во која, како и многупати порано, Македонците се вградија во темелите на државноста на Грција. Македонците заедно со грчките партизани ја ослободија Грција од фашизмот! Нашето чествување е сведоштво за најцрната страница во историјата на Македонскиот народ од Втората Светска Војна, во која жртви, за жал, беа децата. Многу од нив убиени, по пат починати, низ целиот свет распрснати, во Источна Европа, Канада, Америка и Австралија. Се молиме за душите на загинатите и упокоените, за здравје на преживеаните и живите, кои поминаа низ таа голгота. Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки, остануваме посветени на унапредувањето на положбата и правата на Македонците во Егејскиот дел на Македонија и во цела Грција. Остануваме посветени на враќањето на државјанствата, граѓанските, имотните и наследните права на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија: И од Балканските војни 1912-1913 година и од Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година. Остануваме со барањето до Генералното собрание на Обединетите Нации да ја продолжи почнатата а незавршена расправа од 1948 година, за да донесе Резолуција за децата бегалци од Граѓанската војна во Грција. Изразуваме јавна благодарност до владите на сите земји кои ги прифатија децата бегалци од Граѓанската војна во Грција и им укажаа гостопримство како нивен втор дом и семејство. Предлагаме македонско-грчко помирување и Договор за траен мир и добрососедство меѓу Македонија и Грција, но врз основниот принцип на меѓународното право на еднаква сувереност, што подразбира: взаемно почитување и разбирање, соработка по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи и реципроцитет во меѓусебните односи. Бараме извинување и репарации. Простуваме, но не забораваме и порачуваме: Било да не се повтори! Се разбира, бројни беа и активностите на Сојузот на здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, Здружението на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија, покојниот Ѓорѓи Доневски, Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН и светските средби на децата бегалци во Македонија: Првата Светска средба на децата бегалци одржана од 30 јуни до 4 јули 1988 година во Скопје, во чија чест е подигнат и овој Споменик на децата бегалци во овој Парк Жена борец, Втората Светска средба на децата бегалци одржана од 15 до 19 јули 1998 година во Скопје, Третата Светска Средба на децата бегалци одржана од 15-20 јули 2003 година во Солун, Костур, Воден, Лерин и С’ботско, Четвртата Светска средба на децата бегалци одржана од 18-21 јули 2008 година во Скопје и Петтата светска средба на децата бегалци на 30 јуни и 1 јули 2018 година во Скопје во организација на Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН. За многаја лета чествувањето и поменот и споменот на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија! Македонија вечна, од исконот до бескрајот и сите Македонци еден за друг! Амин! – рече претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров.

Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки, споменот и поменот за голготата на насилно прогонетите Македонци од Егејот е наш аманет. Oва чествување го одржуваме секоја година. Оваа година одбележуваме 70 години од крајот на Граѓанската војна во Грција. И за живите и за починатите. Не ги забораваме патилата низ кои поминавме. Сите ние бевме деца, кога не откорнаа од родните огништа и не протераа по целиот свет, во туѓина. Но, нашиот копнеж по татковината, се’ уште тлее во нашите срца. Нашите души се нераскинливо врзани за мајка Македонија. Живи се нашите потомци и традицијата ќе ја продолжиме. Простуваме, ама не забораваме. Бараме извинување и репарации. Било да не се повтори… Амин! – рече претседателот на СМЕ МАКДОН Ташко Јованов. Маја Петковска се претстави со рецитација “Осумдесет лета“.

Advertisement