
Македонската заедница во општината Пландиште во Војводина деновиве го одбележа 70-годишниот јубилеј од пристигнувањето на првите колонисти од Македонија. На прославата, одржана на 13 мај годинава, беше отворена изложба со етномотиви од Македонија и семејни фотографии од првите семејства што во далечната 1947 година се доселиле во пределите на Војводина. Во програмата на оваа манифестација настапија фолклорни друштва на македонската заедница што изведоа повеќе песни и ора од Македонија и од Србија.
Пред седумдесет години во Пландиште пристигнале околу 350 мажи, жени и деца од сиромашните краеви од Македонија, повеќето од Порече, Крива Паланка, Кичево и Македонци од Мала Преспа Албанија. Меѓу нив бил и Костадин Јакимовски, кој има 88 години, кој за ТВ Банат ги сподели своите сеќавања од најдолгиот пат во неговиот живот и за сиромаштијата што ги натерала да заминат од нивниот роден крај.
Најдобро зачуван македонски јазик има кај Македонците населени во општината Пландиште. Овде го говорат македонскиот јазик подобро и од доселениците во Јабука или во Качарево. Досега се мислеше дека Јабука е центарот на Македонците во Војводина, но ова истражување покажува дека македонскиот говор е најдобро зачуван во Пландиште.
Таа е единствена општина во Србија во која македонскиот јазик е во јавна и службена комуникација, додека Јабука е само населено место – изјави Станислав Станковиќ, доцент на Филозофскиот факултет во Косовска Митровица и лектор на српски јазик на факултетот „Блаже Конески“ во Скопје, кој има работено на докторатот за статусот и употребата на македонскиот јазик во српските средини.
Претседателот на македонските асоцијации во Србија, Стеван Србиновски, ѝ се заблагодари на општината Пландиште, која ја потпомогнала организацијата на овој настан, со кој се одбележа 70-годишнината од пристигнувањето на Македонците во Војводина. Со ова сакаме да им се оддолжиме на нашите предци, дедовци и родители за она што го донеле овде. Тоа се јазикот, културата, носиите и македонските обичаи – изјави Србиновски.
Организатор на манифестацијата е Драган Доневски, кој се обрати пред присутните гости во салата на културниот дом во Пландиште. Доневски, како пратеник во парламентот на Војводина, беше иницијатор за внесување на македонскиот народ како конститутивен народ во уставот на Војводина.
Поминаа 70 години откако нашите мајки и татковци, баби и дедовци, донесоа многу храбра одлука да заминат од своите огништа, своите домови и питомите предели на мајка Македонија. Пристигнале во непознато со возови без возен ред. Непрегледната рамнина на Војводина ги прифати безрезервно. Вредните, одговорни и трудољубиви Македонци брзо учеа и ги совладаа новите методи и механизација во земјоделството и активно се вклучија во општествениот и политички живот во новата заедница – рече Доневски. Тој во знак на почитување и сеќавање на нивите предци даде ветување на новите генерации Македонци дека ќе ги чуваат обичаите и културното богатство на Македонија и никогаш нема да го заборават мајчиниот јазик.
Денеска нивните потомци се вредни работници, службеници, правници, економисти, лекари, професори, инженери, доктори на науки и почитувани членови во новата заедница. Денеска Македонците во Србија се лојални граѓани на Република Србија, која им овозможува да ги искажат својот национален идентитет, јазик, култура и право на информирање – вели Доневски.
Обележувањето на овој настан беше реализирано со поддршката на Партијата на Македонците во Србија, чиј претседател е Горан Илијевски. Иако беа поканети, не присуствуваа претставници од македонската амбасада во Белград и од Националниот совет на Македонците во Србија.
На овој начин сакаме да потсетиме на пријателските односи меѓу македонскиот и српскиот народ. Соживотот на овие простори трае со векови. Се пеат и играат македонски и српски песни и ора. Македонците се лојални граѓани, еднакво ги сакаат и Македонија и Србија. За жал, нашата прослава се случи во неповолно време, кога од одредени српски медиуми се води негативна кампања за последните случувања во Македонија. Сакам да искажам благодарност за весникот „Нова Македонија“, кој единствен од медиумите покажува интересирање за активностите на македонските иселеници во Србија – вели Илијевски. /novamakedonija.com.mk
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden