
Во хотел “Мериот” во Скопје, доктор Лефтер Манче, со голем број пријатели и гости, го прослави својот деведесетти роденден со промоција на Фондацијата “Доктор Лефтер Манче”.
Доктор Лефтер Манче е Македонец од насилно прогонетите деца во 1948 година од Егејскиот дел на Македонија за време на таканаречената Граѓанска војна во Грција 1946-1949 година, голем хуманист, филантроп, естетски хирург, трансплантер, универзитетски асистент-професор, носител на највисокото семакедонско признание македонски сенатор, пред се’ Македонец во срце и душа, кој во виорот на таканаречената Граѓанска војна во Грција 1946-1949 година, поради насилното прогонство на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, во 1948 година како дете, го напуштил родното огниште.
По интонирањето на македонската национална химна, реч за животот и делото на доктор Лефтер Манче одржа претседателот на Светскиот Македонски Конгрес и генерален секретар на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН, Тодор Петров.
Пригодно обраќање со евоции од неговиот живот и историјата на Егејскиот дел од Македонија одржа доктор Лефтер Манче.
Доктор Лефтер Манче како најдобри студени на трета година во учебната 2024/2025 година ги награди студентот Жан Павлов од Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје со просек 10, и студентите Стефан Спасовски и Алма Шемо од Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет “Блаже Конески“ во Скопје со просек 9,92.
Свечената трпеза ја благослови Неговото Високопреподобие отец Никодим архимандрит мегленски.
Присутните ги забавуваше музичката група “Егејска рапсодија” од Штип, со песни и ора од Егејот – душата на Македонија, како и Марија Ташевска и Ленче Димовска со народна носија од костурско, кои отпејаа три македонски народни песни од Егејот: “Мори чупи костурчанки”, “Луда ми тера коњи” и “И ние сме деца на мајката земја”.
Во Фондацијата, доктор Лефтер Манче ќе вложи околу 40 милиони денари сопствени средства. Од дивидентата на акциите во Алкалоид АД Скопје, ќе се доделува годишна награда на најдобрите студенти од трета студиска година на Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје – и на Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет “Блаже Конески“ во Скопје.
Во Одборот на Фондацијата свои претставници ќе имаат Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и Јустинијана Прва, Универзитетот “Свети Кирил и Методиј” во Скопје и Македонската академија на науките и уметностите.
Поздравни телеграми по повод роденденот и основањето на Фондацијата “Доктор Лефтер Манче” до доктор Лефтер Манче упатија Светскиот Македонски Конгрес и Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија.
На прославата присуствуваа Македонци и претставници на македонските здруженија и заедници од сите делови на Македонија – од Пиринскиот и Егејскиот дел од Македонија, како и од Албанија, Косово и Србија.
Кој е доктор Лефтер Манче?
Доктор Лефтер Манче е роден на 29 септември 1935 година во селото Загоричани, Костурско (од 1928 година, после грчката окупација на Егејскиот дел на Македонија во Балканските војни – Василиада по грчки).
Роден како Лефтерис Манцис, петто од шест деца во семејството на мајка му Александра (Цана) и татко му Методи Џидрови. Во македонското село Загоричани, се родиле две убави сестри Македонки – Александра (Цана) и Јана Петличкови. Бидејќи неговата тетка Јана Манчева (сестра на мајка му) и тетинот Стево немале деца, со само четири недели го посвоиле, по нив го носи и презимето – Манче. Како што вели Лефтер, го пораснале со овчо млеко.
Методи – таткото на Лефтер, заедно со 72 мажи од селото Загоричани бил затворен од монархофашистите во април 1945 година, осуден на 103 години робија на егејските острови. Одлежал само 16 години. Кога го ослободиле во 1961 година, од сите деца, жив бил само Лефтер. Во текот на Граѓанската војна во Грција, неговите тројца браќа Димитар, Стево и Харила – на 16, 17 и 20 години, загинале како партизани на Вичо планина, а мајка му Цана поради нејзините деца партизани била стрелана.
Лефтер е можеби единствен доктор во светот кој завршил само една година основно училиште во 1945/1946 година на грчки јазик. Се сеќава, учителката од соседното село, учителка на 250 деца во неговото село Загоричани, на 25 март, за националниот празник на Грција, токму него го избрала да рецитира поема пред Загоричанци. Веруваме поемата ја знае и денес.
Во текот на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година, на возраст од само 12 години, во 1948 година, Лефтер е депортиран во Будимпешта, Унгарија, преку преспанското село Љубојно и Битола. Лефтер бил во група од 17 деца – сите од Загоричани. На 14 годишна возраст е вработен како бравар на бродоградилиштето во Будимпешта. Во 1951 година е опериран од кила, но од вградениот катетар добива инфекција. Во меѓувреме, грчката влада преку Обединетите Нации побарала да и’ бидат вратени сите деца, со образложение дека умираат во комунистичките земји, повикувајќи се токму на болниот Лефтерис Манцис. По ова протестна нота на Грчката влада до Обединетите Нации, Владата на Унгарија побарала медицинска помош од Американската Влада.
Со американски стрептомицин Лефтер бил излекуван. Доколку некој подготвува дисертација од настанов, овие податоци ги има во архивата на Обединетите Нации.
Во Унгарија, за само една година од посетата на Македонското основно училиште, Лефтер научил да чита и пишува на македонски јазик. Во 1955 година матурирал на Унгарско средно училиште. Во 1959 година дипломирал на престижниот Универзитет за физичка култура на Унгарија. Истата година се запишал и на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Дебрецен, каде дипломирал со највисоки почести SUMMA CUM LAUDE во 1965 година. По дипломирањето со одличен успех, Лефтер најпрво четири години работи како помошник доктор, а по полагањето на испитите во октомври 1969 година, продолжува со работа на Универзитетската хируршка клиника како асистент-професор.
Од 1965 до 1973 година Лефтер Манче бил асистент по хирургија на Универзитетската хируршка клиника во Дебрецен.
Во 1973 година, Лефтер Манче бил испратен на Универзитетот во Киев, тогашниот Советски Сојуз, но откако се појавила неговата студија за ретки хируршки болести на градите во Германија, во април истата 1973 година, бил поканет на водечкиот институт за истражување на ракот “Финсен“ во Копенхаген, Данска. Таму останал два месеца, а специјализацијата ја продолжил во Канада. Над стотина хирурзи во светот ја побарале студијата на доктор Лефтер Манче за ретките хируршки болести на градите.
Во јуни 1973 година, Лефтер Манче емигрирал во Канада. По шест месеци, унгарската влада дозволила неговата сопруга Мара и двата сина Роберт и Тони да му се придружат во Канада, каде од 1975 до 1979 година работи на Катедрата за општа хирургија на Универзитетската клиника во Отава. Во 1980 година Лефтер Манче ја отворил првата приватна клиника за естетска хирургија во Канада, по што почнува да работи како оператор-специјалист за трансплантација на коса, липосукција, пластика на лице, очи и гради. Автор е на првата книга за липосукција во Канада.
Во 2002 година, заедно со син му Тони ја отворил и меѓународната Клиника за трансплантација на коса “Атлантик“ во Будимпешта кадешто работи до 2012 година.
До 2006 година, само во Канада, д-р Лефтер Манче извршил повеќе од 10.000 оперативни зафати. Напишал многу написи за липосукцијата во повеќе канадски, американски, француски и унгарски медицински списанија, а член е на угледни национални и меѓународни друштва и институции.
И покрај се’, доктор Лефтер Манче никогаш не ги заборавил своите македонски корени. Повеќе од три децении тој активно ја промовира вистината за Македонскиот народ и за Македонија. Од осамостојувањето на Македонија во 1991 година, па се` до денес, тој се вклучува во борбата за нејзиното признавање. Пишува бројни писма до Советот за безбедност на Обединетите Нации и има преписки со бројни и значајни личности на политичката сцена во светот и Канада. Основач е на Здружението на Македонците од Загоричани.
Во 1990 година го формира и Македонско-Канадското лекарско друштво. Ги помага Македонците и нивните организации и списанија во сите делови на Македонија, во афирмацијата на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски и државен идентитет, континуитет, наследство и простор.
Доктор Лефтер Манче е иницијатор до МАНУ за поставување на споменик на Александар Македонски на плоштадот Македонија во престолниот град Скопје.
Хуманизмот и солидарноста се неотуѓив дел од животот и делата на доктор Лефтер Манче, за што голем број Македонци, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во светот и татковината, му изразуваат бескрајна благодарност. Денес, на 90 години, иако вели ова може да ни е последна дружба, присутните му посакаа здравје и уште многу години живот.
За многаја лета Фондацијата “Доктор Лефтер Манче”! Јован Павловски своевремено рекол – Лефтер има неповторлив патриотизам, а Гане Тодоровски – доктор Лефтер Манче има генијална меморија!
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden