Се уредува патниот правец Владимерица – Пасинки во областа Голо Брдо

Продолжуваат активностите за подобрување на локалната патна инфраструктура во административната единица Острен. Во моментов се изведуваат градежни работи за уредување и тампонирање со чакал на патниот правец Владимерица – Пасинки областа Голо Брдо, кој има значење за секојдневното движење на жителите од ова подрачје.

Покрај тампонирањето на коловозот, во рамките на проектот се поставуваат и два пропуста за одведување на атмосферските води. Оваа интервенција ќе овозможи подобра дренажа, ќе го намали ризикот од оштетување на патот при врнежи и ќе придонесе за негова поголема стабилност и подолг век на користење.

Со реализацијата на работите се очекува значително подобрување на условите за сообраќај, полесен и побезбеден пристап за жителите, како и подобра поврзаност меѓу населените места во областа Голо Брдо.

Надлежните посочуваат дека ваквите инфраструктурни инвестиции се дел од континуираните напори за модернизација на локалната патна мрежа и создавање подобри услови за живот на граѓаните. Подобрената патна инфраструктура ќе придонесе и за полесен пристап до земјоделските површини, како и за поефикасно одвивање на секојдневните активности на локалното население.

По завршувањето на работите, патниот правец Владимерица –Пасинки областа Голо Брдо ќе обезбеди подобри услови за движење на возилата и пешаците, особено во периоди на неповолни временски услови.