Македонска алијанса за европска интеграција му оддадоа почит на Стерјо Спасе по повод 112- годишнината од неговото раѓање

Делегација на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), во живописното село Глобочани, Општина Пустец, му оддадоа почит на големиот писател со македонско потекло, Стерјо Спасе, во чест на 112-годишнината од неговото раѓање.

Во неговото родно село Глобочени денеска беше одбележана 112-годишнината од раѓањето на Стерјо Спасе, еден од најзначајните писатели со македонско потекло и еден од основоположниците на современата албанска литература.

По тој повод, делегација на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) положи цвеќе пред бистата на Стерјо Спасе, оддавајќи почит кон неговиот живот и богато книжевно творештво.

Стерјо Спасе (1914–1989) е роден во Глобочени, Преспа, а починал во Тирана. Во текот на својот живот оставил значаен белег во албанската книжевност, но и во зачувувањето и афирмирањето на македонската културна традиција.

Покрај тоа што бил писател, Спасе се занимавал и со антологичарска и преведувачка дејност, бил автор на учебници и собирач на македонски народни умотворби. Неговото творештво претставува значаен мост меѓу македонската и албанската култура.

Од МАЕИ истакнаа дека Глобочени и Преспа со право се горди на својот сограѓанин, чие дело оставило траен печат во културниот и општествениот живот на Албанија.

„Неговото дело нека биде траен потсетник дека културата ги поврзува луѓето, ги надминува границите и живее и тогаш кога генерациите се менуваат“, порачаа од МАЕИ.

Со положувањето цвеќе пред неговата биста, беше оддадена почит кон Стерјо Спасе и неговото трајно книжевно наследство.