Аналитички тим на редакцијата на Македонскиот весник “Илинден“
Македонското национално малцинство во Република Албанија се соочува со сериозни демографски, образовни, економски и идентитетски предизвици. И покрај официјалното признавање од албанската држава, останува отворено прашањето до кој степен законски загарантираните права се остваруваат во секојдневниот живот. Ограничените можности за образование на мајчин јазик, недоволната институционална поддршка, економската неразвиеност и иселувањето создаваат услови во кои зачувувањето на македонскиот национален идентитет станува сè посложено.
Положбата на Македонците во Република Албанија претставува значајно прашање за заштитата на националните малцинства на Балканот. Станува збор за заедница со длабоки историски корени, сопствен јазик, културно наследство и традиции, чие присуство е особено поврзано со областите Голо Брдо, Мала Преспа, Гора и Врбник. Македонци живеат и во Тирана, Корча, Поградец, Елбасан, Либражд, Кукс и други градови.
Нивната положба не може да се оценува единствено преку законското признавање. Неопходно е да се анализираат реалните услови во кои живее населението, можностите за образование на мајчин јазик, употребата на македонскиот јазик во јавниот живот, економската состојба, политичкото учество и перспективите на младите генерации.
Со усвојувањето на Законот бр. 96/2017 за заштита на националните малцинства, Република Албанија го призна македонското национално малцинство во рамките на новата законска регулатива. Законот претставува важен чекор во унапредувањето на правната заштита на малцинствата, бидејќи ги уредува правата поврзани со националниот идентитет, јазикот, образованието, културата и недискриминацијата.
Особено значајно е што законот го признава и предвидува остварување на малцинските права индивидуално и во заедница со други припадници на малцинството, на целата територија на државата.
Меѓутоа, усвојувањето закон не значи автоматски и целосно остварување на предвидените права. Неговата практична примена зависи од подзаконските акти, административните процедури, институционалните капацитети, финансиските средства и подготвеноста на надлежните органи да ги спроведуваат законските обврски.
Токму разликата меѓу законските гаранции и реалната состојба е една од главните теми во извештајот на Федералната унија на европските националности (ФУЕН), објавен на 21 октомври 2025 година, под наслов „Between Law and Reality: The Struggle of the Macedonian Minority in Albania“.
Извештајот ги истакнува проблемите со спроведувањето на малцинските права и потребата од поефикасна институционална заштита, особено во областите надвор од Мала Преспа. ФУЕН повикува на целосна примена на Законот за заштита на националните малцинства, подобрување на институционалните механизми и обезбедување еднаков пристап до образованието, културата и политичкото учество.
Дополнителна основа за оценување на состојбата претставува Петтото мислење на Советодавниот комитет на Советот на Европа за спроведувањето на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства во Република Албанија, усвоено на 6 јуни 2023 година и објавено на 19 октомври истата година.
Во документот се посочуваат предизвици поврзани со недостигот од доволно расчленети и веродостојни податоци за малцинствата, иселувањето, внатрешните миграции и практичната примена на законската рамка. Овие забелешки покажуваат дека заштитата на малцинствата бара постојано институционално следење и конкретни мерки, а не само формални законски решенија.
Еден од најзначајните предизвици е нееднаквото остварување на малцинските права во различните региони.
Областа Мала Преспа, со административен центар во Пустец, има посебно историско, културно и институционално значење за македонската заедница. Во оваа област постои подолга традиција на образование на македонски јазик, а локалните институции и културни организации имаат важна улога во зачувувањето на националниот идентитет.
Состојбата е посложена во областа Голо Брдо, Гора и Врбник, каде што живее население со различни историски, јазични, верски и културни особености. Во овие средини можностите за образование на македонски јазик и институционална поддршка се поограничени.
Особено треба да се има предвид дека Законот бр. 96/2017 ги гарантира правата на припадниците на националните малцинства на целата територија на Република Албанија.
Потребно е да се надмине практиката во која малцинските права се поврзуваат исклучиво со одредени историски определени области. Заштитата треба да се заснова врз индивидуалните и колективните права на припадниците на малцинството, согласно законите и меѓународните стандарди.
Образованието на мајчин јазик – основа за зачувување на идентитетот
Образованието на мајчин јазик е еден од најважните предуслови за зачувување и пренесување на националниот идентитет. Тоа не претставува само можност за изучување на еден јазик, туку и механизам за пренесување на историското, културното и духовното наследство на младите генерации.
Училиштето има значајна улога во формирањето на националната свест, зачувувањето на јазичната традиција и поврзувањето на децата со културното наследство на нивните семејства.
Во Мала Преспа постои образовна традиција на македонски јазик, но и таму се неопходни постојани вложувања во наставните програми, учебниците, наставниот кадар и современите образовни услови. Посебно значајно е да се создадат можности за продолжување на изучувањето на македонскиот јазик и во повисоките степени на образованието.
Во Голо Брдо, Гора и Врбник потребна е посебна институционална анализа на образовните потреби. Треба да се утврдат бројот на заинтересирани ученици и родители, можностите за ангажирање квалификувани наставници и потребата од учебници и наставни материјали на македонски јазик.
Надлежните албански институции треба да воспостават транспарентни процедури за поднесување барања за настава на малцински јазик и да обезбедат соодветни услови за нивно разгледување.
Не може да се очекува зачувување на еден јазик ако младите генерации немаат институционални можности да го изучуваат и да го користат во образовниот процес. Затоа образованието на македонски јазик треба да биде приоритет и во билатералната соработка меѓу Албанија и Македонија.
Употребата на македонскиот јазик во јавниот живот
Правото на употреба на мајчиниот јазик не треба да биде ограничено само на семејството и приватниот живот. Неговото присуство во локалната администрација, образованието, културата и јавната комуникација е значаен показател за вистинската примена на малцинските права.
Законот бр. 96/2017 предвидува можност за употреба на малцинскиот јазик во односите со локалните органи на самоуправа во единиците каде што припадниците на малцинството традиционално живеат или претставуваат повеќе од 20 проценти од населението, под услови утврдени со закон.
Во оваа насока, потребно е да се обезбедат услови за употреба на македонскиот јазик во локалната администрација, достапност на информации, двојазични ознаки и соодветни административни услуги таму каде што се исполнети законските критериуми.
Двојазичните табли не се само симболично прашање. Тие претставуваат јавно признавање на историското присуство на една заедница и придонесуваат за зачувување на нејзиниот културен идентитет.
Според анализата на Minority Rights Group International, спроведувањето на одредбите за малцинските јазици и двојазичните ознаки останува предизвик, особено поради потребата од соодветни подзаконски решенија и административни постапки.
Затоа албанските институции треба да ги отстранат административните пречки и да обезбедат доследна примена на законските одредби.
Пописот од 2023 година
Посебно внимание заслужува пописот на населението и домаќинствата во Република Албанија од 2023 година.
Според официјалните резултати на албанскиот Институт за статистика – ИНСТАТ, 2.281 лице се изјасниле како Македонци. Овој резултат предизвика реакции и несогласувања кај дел од македонските организации, кои сметаат дека објавената бројка не ја одразува вистинската бројност на македонската заедница во Република Албанија.
Пописните резултати треба да се разгледуваат во контекст на методологијата, начинот на собирање и обработка на податоците, слободата на самоизјаснување и довербата на граѓаните во институциите.
Особено е значајно што ИНСТАТ во извештајот за пописот наведува дека за дел од населението нема податок за етничката припадност. Според официјалните резултати, кај 5,6 проценти од населението не бил достапен податок за етничката припадност, додека 0,6 проценти одговориле дека претпочитаат да не се изјаснат.
Ова не значи дека сите лица без евидентирана етничка припадност се Македонци, но покажува дека пописните податоци треба да се анализираат внимателно и без автоматско изедначување на евидентираната бројност со вкупната реална бројност на една заедница.
Македонските организации имаат право да ги изразуваат своите забелешки и да бараат транспарентно разгледување на сите околности што можеле да влијаат врз изјаснувањето на граѓаните.
Посебно чувствително прашање во јавните реакции е и бугарско влијание врз населението во областите Голо Брдо, Гора и Мала Преспа, преку политичко влијание, треба да бидат предмет на сериозно истрага од државните институци, постојат докази за притисоци, условувања или злоупотреба на социјалната и економската ранливост на населението, тие треба транспарентно да се испитаат.
Демографските и економските предизвици
Еден од најсериозните проблеми со кои се соочува македонската заедница во Република Албанија е долготрајното демографско опаѓање и иселувањето.
Недостигот од работни места, ниските приходи, ограничените можности за професионален развој, недоволната инфраструктура и слабата перспектива за младите придонесуваат за напуштање на традиционалните населби.
Особено погодени се руралните средини во Мала Преспа, Голо Брдо, Гора и Врбник. Дел од жителите се преселуваат во Тирана и други урбани центри, дел заминуваат во Македонија, а значителен број бараат подобри услови за живот во земјите на Европската Унија.
Последиците се повеќеслојни. Се намалува бројот на млади семејства и ученици, се затвораат или се соочуваат со ризик од затворање локалните училишта, се намалува економската активност и постепено се губат условите за одржување на традиционалниот општествен и културен живот.
Демографското празнење има директни последици врз зачувувањето на македонскиот јазик и идентитет. Кога едно населено место останува со мал број жители, се намалуваат можностите за организирање културни манифестации, пренесување на народните традиции и секојдневна употреба на мајчиниот јазик.
Затоа економскиот развој мора да се третира како составен дел од политиката за заштита на националните малцинства.
Не е доволно од населението да се бара да ги зачува своите корени. Потребно е да му се овозможи да живее достоинствено во родните места.
Неопходни се инвестиции во локалните патишта, водоснабдувањето, здравствените услуги, училиштата, дигиталната инфраструктура и локалното стопанство.
Земјоделството, сточарството, прехранбеното производство и туризмот можат да претставуваат значајни извори на приходи, особено во областите со природни и културни потенцијали како Преспа и Голо Брдо. За нивен развој се потребни институционална поддршка, пристап до финансии, подобри услови за претприемништво и долгорочни развојни програми.
Посебно внимание треба да се посвети на младите. Потребни се стипендии, стручни обуки, поддршка за мали бизниси, програми за претприемништво и можности за вработување. Само со создавање реални перспективи за живот и работа може да се спречи понатамошното демографско празнење на македонските населби.
Македонските медиуми и културното наследство
Информирањето на мајчин јазик е важен предуслов за зачувување на јазичниот и културниот континуитет. Македонскиот печат, интернет-порталите, радиопрограмите и културните публикации имаат значајна улога во поврзувањето на населението од различните региони и создавањето простор за јавна дебата за проблемите на заедницата.
Затоа е неопходна поддршка за медиумските проекти на македонски јазик, дигитализација на постојните архиви, зачувување на старите публикации и документирање на усното историско и културно наследство.
Особено важно е да се соберат сведоштва од постарите жители, народни песни, локални говори, преданија и семејни истории. Дел од ова наследство може неповратно да се изгуби со исчезнувањето на постарите генерации.
Посебен предизвик претставува и зачувувањето на македонското културно и духовно наследство. Црквите, манастирите, гробиштата, старите училишта, спомениците и традиционалната архитектура се сведоштво за историското присуство на македонската заедница.
Нивното документирање, одржување и заштита треба да бидат дел од културната политика на државата, со активно учество на локалното население и надлежните институции.
Историското и културното наследство не треба да биде предмет на политички конфронтации, туку на научно истражување, институционална заштита и меѓусебно почитување.
Потребни се заеднички културни и научни проекти меѓу институциите на Албанија и Македонија, како и соработка со универзитети и истражувачки центри.
Поддршката не треба да се сведува на повремени дипломатски посети, политички декларации и културни настани. Потребна е конкретна соработка меѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Министерството за образование и наука, Министерството за култура и туризам, универзитетите и другите надлежни институции.
Таквата политика треба да опфати стипендии за ученици и студенти, обезбедување учебници, поддршка за наставниот кадар, научни истражувања, културни програми, економски проекти и непосредна комуникација со македонските организации во Република Албанија.
Посебно важно е воспоставувањето постојан механизам за следење на состојбата на Македонците во Албанија.
Тој механизам треба редовно да ги евидентира проблемите во образованието, употребата на македонскиот јазик, инфраструктурата, политичката застапеност, културниот живот и економскиот развој.
Само врз основа на конкретни податоци, институционална соработка и јасно утврдени приоритети може да се создаде сериозна и одржлива политика.
Поддршката на Македонците во Република Албанија не треба да се третира како повремена дипломатска активност, туку како долгорочна обврска поврзана со заштитата на македонскиот национален, јазичен и културен идентитет.
Албанската држава има обврска да обезбеди целосно спроведување на Законот за заштита на националните малцинства и меѓународните договори што ги ратификувала.
Тоа подразбира не само формално признавање на малцинствата, туку и создавање реални услови за остварување на нивните права. Потребни се транспарентни постапки, јасни административни критериуми, соодветни буџетски средства и редовна комуникација со претставниците на малцинските заедници.
Советот на Европа има важна улога во следењето на спроведувањето на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства. Петтото мислење за Албанија од 2023 година претставува значаен документ за оценување на напредокот и преостанатите предизвици.
Европската Унија, исто така, треба да продолжи внимателно да ја следи практичната примена на малцинските права во рамките на пристапниот процес на Република Албанија.
Европската интеграција не треба да се оценува само преку економските показатели, реформите во правосудството и административните промени. Почитувањето на човековите права, недискриминацијата и заштитата на националните малцинства се составен дел од европските вредности и владеењето на правото. Вистинскиот напредок на една демократска држава се мери и според начинот на кој се однесува кон своите малцински заедници.
Потребни се конкретни и мерливи решенија
За да се постигне реален напредок во заштитата на македонското национално малцинство во Република Албанија, неопходно е преземање конкретни мерки:
- Целосна примена на Законот бр. 96/2017 и усвојување на потребните подзаконски акти за ефикасно остварување на малцинските права.
- Проширување на образовните можности на македонски јазик во традиционалните македонски средини, согласно потребите на учениците и законските услови.
- Обезбедување употреба на македонскиот јазик во локалната администрација и јавниот живот во средините каде што се исполнети законските критериуми.
- Поголема институционална и финансиска поддршка за македонските културни, национални и медиумски организации.
- Посебни развојни програми за Голо Брдо, Мала Преспа, Гора и Врбник, со акцент на инфраструктурата, вработувањето и поддршката на младите.
- Заштита и документирање на културното наследство, вклучително и локалните говори, традициите, историските објекти и усното творештво.
- Постојан механизам за институционално следење на остварувањето на малцинските права, со учество на претставници на македонската заедница.
Покрај тоа, потребно е редовно објавување на податоци за спроведувањето на малцинските права. Јавноста треба да знае колку училишта нудат настава на македонски јазик, колку ученици ја посетуваат, колку наставници се ангажирани, какви културни програми се финансираат и кои инфраструктурни проекти се реализираат во македонските населби. На тој начин прашањето ќе се префрли од општи политички декларации кон конкретни и проверливи резултати.
Иднината на Македонците во Република Албанија е прашање на права и достоинство
Клучното прашање денес е дали македонците во Република Албанија ќе имаат услови да продолжат да постојат како живи, развојни и културно активни или ќе се соочат со понатамошно демографско празнење и губење на своите јазични и културни особености.
Зачувувањето на националниот идентитет не може да се одвои од економскиот развој, квалитетното образование, достапните јавни услуги и рамноправното учество во општествениот живот.
Еден народ не може да се потпира само на историското наследство ако неговите млади немаат услови да живеат, работат и создаваат семејства во родните места.
Македонците во Република Албанија не бараат привилегии, туку целосно остварување на правата што им припаѓаат како граѓани и припадници на официјално признаено национално малцинство. Нивното право да ги зачуваат јазикот, културата и идентитетот треба да биде придружено со реални можности за образование, економски развој и рамноправно учество во институциите.
Одговорноста за иднината на оваа заедница не може да се префрли само врз поединечните активисти, културните друштва или семејствата. Таа е заедничка одговорност на албанската држава, институциите на Република Македонија, локалните власти, меѓународните организации.
Прашањето за Македонците во Република Албанија не е само прашање на историјата, националното чувство или добрососедските односи. Тоа е прашање на човековите права, демократските стандарди и европската иднина на регионот.
Вистинскиот показател за заштитата на едно национално малцинство не е само неговото законско признавање, туку можноста неговите припадници слободно да го живеат својот идентитет, да го изучуваат својот јазик, да ја зачуваат својата култура и да обезбедат подобра иднина за своите деца.
Редакцијата на Македонскиот весник “Илинден“ ќе продолжи објективно и континуирано да ја следи состојбата на Македонците во Република Албанија, да ги афирмира нивните права и интереси и да придонесува кон зачувувањето и унапредувањето на македонскиот национален, јазичен и културен идентитет.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden
