Американската војска ги повлекуваат трупите од Ирак

Американската војска започна со намалување на својата мисија во Ирак во согласност со договорот потпишан со ирачката влада минатата година, соопшти вчера Пентагон, како што објави америакнски Stripes.

Вашингтон и Багдад се согласија минатата година постепено да ја завршат воената мисија во Ирак на американската коалиција што се бори против Исламската држава до септември 2025 година, при што американските сили ќе ги напуштат одредени бази каде што распоредуваа сили речиси две децении.

„Соединетите Американски Држави и коалициските партнери ќе ја намалат својата воена мисија во Ирак. Ова намалување го одразува нашиот заеднички успех во борбата против ИСИС и го означува преминот кон трајно безбедносно партнерство меѓу САД и Ирак“, изјави портпаролот на Пентагон, Шон Парнел.

„Владата на САД ќе продолжи тесно да координира со ирачката влада и членовите на коалицијата за да обезбеди одговорна транзиција“, додаде тој.

„Повеќето од нив ќе бидат стационирани во Ербил“

Висок функционер на американскиот Пентагон, кој не беше овластен јавно да коментира и зборуваше под услов на анонимност, рече дека планот е повеќето американски трупи да бидат стационирани во Ербил, додека оние распоредени во Багдад ќе учествуваат во билатерална безбедносна соработка слична на онаа што САД ја имаат во други земји.

Тој додаде дека помалку од 2.000 американски војници ќе останат во Ирак.

Висок ирачки безбедносен функционер, кој исто така разговараше со Асошиејтед Прес под услов да остане анонимен бидејќи не беше овластен јавно да коментира, рече дека повлекувањето на САД започна пред неколку недели од Багдад и базата Аин ал-Асад во западен Ирак.

Две фази

Договорот објавен во септември 2024 година предвидува две фази.

Првата фаза, која траеше до септември 2025 година, ја заврши мисијата на коалицијата против ИСИС и силите ги напуштија некои долгогодишни бази. Како дел од втората фаза, се вели дека САД ќе продолжат да дејствуваат од Ирак до 2026 година за поддршка на операциите против ИСИС во Сирија.

Соединетите Американски Држави се присутни во Ирак од 2003 година, кога извршија инвазија врз основа на тврдења во тоа време, кои подоцна се покажаа како лажни, дека Садам Хусеин криел оружје за масовно уништување. Никогаш не е пронајдено такво оружје.

Подемот на Исламската држава и нејзиното брзо освојување на големи области во Ирак и Сирија ги вратија американските и партнерските сили во земјата во 2014 година, на покана на ирачката влада, за да ја обноват и обучат распуштената полиција и армија.

Откако ИСИС ја изгуби контролата врз територијата што претходно ја држеше, воените операции на коалицијата официјално завршија во 2021 година. Оттогаш, САД задржаа приближно 2.500 војници во Ирак за обука и заедничко дејствување со ирачката војска во операциите против ИСИС.

„Американските сили едноставно не се потребни во централен Ирак за да ја продолжат мисијата против ИСИС. Ирак е повеќе од способен сам да ги спроведува овие операции“, рече американскиот функционер.