Делегацијата на АРМ предводена од НГШ на АРМ оствари со фондацијата „Херитиџ“ и ОМД

Делегацијата на АРМ предводена од НГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски во рамки на работната посета на Соединетите Американски Држави во текот на вчерашниот ден оствари посета на фондацијата „Херитиџ“. Притоа делегацијата придружувана од Одбранбеното аташе на САД за Р. Македонија, полковник Тимоти Бјукен, оствари средба со господинот Лук Кофи, директор на центарот во фондацијата за надворешна политика „Даглас и Сара Алисон“.

Генералот Величковски за време на разговорите со директорот, се осврна на актуелните безбедносните предизвици во регионот, како  и за искуствата на АРМ во доменот на меѓународните операции предводени од страна на НАТО. Директорот Кофи, кој е докажан поддржувач за влез на Република Македонија во евро-атланските структури истакнал дека Македонија треба да го искористи овој позитивен развој на настаните за што поскоро интегрирање на нашата земја во НАТО алијансата за што ја има безрезервната поддршка од фондацијата. Имајќи го во предвид влијанието на фондацијата „Херитиџ“ кое досега го имала во донесувањето на значајни одлуки кај политичкото водство на САД, искажаниот став во моментот има свое значење.

Во попладневните часови, во седиштето на Амбасадата на РМ во САД , од страна на здружението „Обединетата македонска дијаспора“ (ОМД) на началникот на ГШ на АРМ му беше врачена „Награда на ОМД за заслуги во службата и јавниот сервис“, додека на командантот на Националната Гарда на Вермонт, генерал-мајор Стивен Креј му се врачи „Наградата на ОМД за заслуги и придонес во партнерството“. Обраќајќи се пред присутните генералот Креј уште еднаш го истакна значењето на програмата за партнерство и соработката на САД со Македонија, додавајќи дека оваа соработка ќе продолжи да се развива и да биде главниот стожер на заедничкото партнерство и постигнување на понатамошни успеси.

Advertisement