ЕУ ја предупреди албанската влада дека луксузниот проект на зетот на Трамп може да им ги загрози евроинтеграциите

Преговорите на Албанија за членство во Европската Унија би можеле да бидат загрозени поради плановите за изградба на луксузен туристички комплекс поддржан од Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп. Европратеници предупредија дека проектот на заштитените крајбрежни подрачја е спротивен на еколошките стандарди на Европската Унија.

Холандската европратеничка Тинеке Стрик изјави дека албанската влада „си игра со оган“ и побара да се откаже од проектот ако навистина сака членство во ЕУ. Кушнер планира да изгради туристички комплекс вреден 1,4 милијарди евра на островот Сазан и на дел од недопреното крајбрежје кај Звернец. Европскиот парламент побара итно запирање на градежните активности и повлекување на законските измени што овозможиле вакви инвестиции во заштитени природни подрачја.

Според европратениците, продолжувањето на проектот може сериозно да ги наруши пристапните преговори, особено во поглавјето за животна средина. Проектот предизвика масовни протести во Албанија, а демонстрантите бараат поголема транспарентност, заштита на природата и почитување на европските стандарди. Албанската влада, и покрај критиките, засега не најавува повлекување на проектот.