Германија: Сојузната служба за борба против криминалот врши претрес во Дојче банк

 

Јавното обвинителство во Франкфурт и Сојузната служба за борба против криминалот вршат претрес во Дојче банк. Причина е истрагата по сомневањата за перење пари. Повеќе вработени во банката се во фокусот на истрагата. Во потрагата по докази за обвинувањата за перење пари, околу 170 службеници од обвинителството, Сојузната служба за борба против криминалот, одделот за даночни истраги и Сојузната полиција претресуваат шест објекти во Франкфурт, Ешборн и Грос-Умштат. Според одговорните, истрагите се насочени против еден 50-годишен и еден 46-годишен соработник на банката, како и против други, досега неидентификувани одговорни лица во финансиската институција. По евалуацијата на податоците од таканаречените „Офшор Ликс“ и „Панама Пејперс“ од страна на Сојузната служба за борба против криминалот вработените во банката постојат индиции дека вработени во Дојче Банк  им помогнале на клиентите, да формираат т.н. офшор компании во земјите – даночни раеви.

Во тој процес, парите стекнати со криминални зделки биле трансферирани на сметки во Дојче Банк, а банката притоа не поднела пријави за сомнителни трансакции. Само во 2016 година, повеќе од 900 клиенти со капитал од 311 милион евра се вели дека биле згрижени од компанија со седиште во Британските Девствени Острови која и припаѓала на Дојче Банк. Дојче банк во првичното соопштение за рацијата истакна: „Точно е дека полицијата во моментов е во различни седишта на нашата банка во Германија. Станува збор за случај поврзан со Панама Пејперс. Ние сеопфатно ќе комуницираме со јавноста штом ќе имаме повеќе детали. И целосно ќе соработуваме со властите“, истакна банката . Истражителите тврдат дека заплениле бројни деловни документи во писмена и електронска форма.