Грција со јазично угнетување го избриша македонското наследство

Во најсеверните делови на грчките региони Западна и Централна Македонија, сите народни ора се инструментални песни. Традиционалните песни во овие региони некогаш имаа зборови – но тие беа на јазик што грчката држава речиси еден век се обидува да го избрише: македонскиот словенски, вели Петрос Карацареас, лектор по англиски јазик и лингвистика на Универзитетот на Вестминстер, Велика Британија.

Ако некогаш сте биле на некоја традиционална грчка прослава, сте виделе дека луѓето се фаќаат за раце и танцуваат во круг со исти чекори во придружба на жива музика. Исто така, сте слушнале песни пеени на грчки, бидејќи повеќето традиционални песни одат заедно со текстови што зборуваат за љубовта, емиграцијата и руралниот живот. Меѓутоа, во најсеверните делови на грчките региони Западна и Централна Македонија, сите народни ора се инструментални песни. Текстовите се заменети со гласни, лимени и дрвени инструменти како корнет, тромбон и кларинет. Ова не е некој чуден аспект на локалното музичко наследство. Традиционалните песни во овие региони некогаш имаа зборови – но тие беа на јазик што грчката држава речиси еден век се обидува да го избрише: македонците. Откако излезе како победник од двете балкански војни во 1912 и 1913 година, територијата и населението на Грција драстично се проширија со додавање на лавовски дел од историскиот географски регион Македонија, делот што се наоѓа од јужната страна на планинските венци Ворас/Ниџе и Белес/Беласица.

Како што често се случува во историјата, државните граници не се совпаднаа со јазичните. Таканаречените „Нови земји“ беа разновиден мозаик од различни јазични групи, меѓу кои и 260.000 луѓе што зборуваа варијанти на јужнословенски јазик што тие ги нарекуваа „тукашни“, „наште“ или „македонски“. Овие варијанти, вклучувајќи ја и стандардизирана верзија што денес е официјален јазик на ПЈР Македонија, имаат сличности со бугарскиот – а многу луѓе во Бугарија ги сметаат за бугарски дијалекти. Но социолингвистиката покажа дека она што се смета за јазик сам по себе и она што се смета за дијалект на еден јазик во суштина се одредува повеќе со политички отколку со лингвистички критериуми.

Од невидлив јазик

За грчката влада, луѓето што зборуваат на македонски словенски на нејзината територија не беа во склоп на нејзината национална идеологија. Знаците на непријатност поради новата грчка повеќејазична реалност се појавија многу рано. Во 1920 година грчкото статистичко тело го изврши првиот попис по територијалното проширување на земјата. Беше поставено прашање за јазикот, но податоците за македонскиот дел никогаш не беа објавени. Меѓутоа, во јазичните податоци за делот во Тесалија има говорители на македонскиот словенски, веројатно пријавени од сезонски работници од Македонија што биле во Тесалија за време на пописот. Грчките власти го признаа присуството на македонскиот словенски како легитимен јазик, но направија свесен обид да го скријат бројот на луѓето што зборуваа на него.

Во северниот дел на земјата, властите почнаа огромна мисија на хеленизирање. Македонските словенски имиња на луѓето, местата и ората преку ноќ беа преведени на грчки од јавните службеници. Презимето на мојот сопствен дедо по татко стана Карацареас од Карачоров. Дедо ми по мајка стана Канцурис од Канзуров. Областа Караџова беше преименувана во Алмопија, а нејзиниот главен град Суботско стана Аридаја. Орото Пушчено беше наречено Левентикос или Литос. Целта беше да не остане никаква видлива трага од македонскиот словенски во јавните документи.

 

Забранет јазик

Во 1930-тите и во атмосфера на конкурентни национализми во јужен Балкан, сличностите меѓу македонскиот словенски и официјалните јазици на тогашната Социјалистичка Република Македонија и Народна Република Бугарија – од другата страна на Железната завеса – почнаа да покренуваат сомнежи кај грчките власти во националната верност и „свеста“ на говорителите на македонскиот словенски. Во август 1931 година грчкиот новинар и подоцнежен политичар Периклис Илиадис во една своја колумна за весник повика да се забрани поздравувањето на „бугарски“ и јавното пеење песни на други јазици освен грчкиот – два предлога што фашистичкиот режим на Јоанис Метаксас брзо ги усвои.

Во 1936 година, генералниот гувернер на Македонија издаде наредба за забрана 122.770: „За враќање на единствениот јазик“, со која се забрани употребата на македонскиот словенски како во јавниот, така и во личниот живот. Луѓето фатени како зборуваат македонски словенски – понекогаш од полицајци што прислушуваа преку прозорците на луѓето – беа одвлекувани во воено-полициските станици, каде што беа тепани, а понекогаш и измачувани. Оние што имаа пари беа казнувани парично. Наставниците ги тепаа учениците што зборуваа македонски словенски во класот или на игралиштето – дури и кога тоа беше единствениот јазик што знаеја да го зборуваат. Ова ѝ се има случено на мојата баба по мајка.

Задушена оставнина

Во 1994 година Хјуман рајтс воч повика Грција да прекине со малтретирањето на говорителите на македонскиот словенски. Во 1998 година Европскиот суд за човекови права пресуди дека Грција го прекршила правото на нејзините граѓани да формираат здруженија со тоа што им го одбиле барањето да основаат македонско културно друштво. Но овие повици дојдоа предоцна.

Соочени со агресивните и насилни угнетувања на кои беа подложени во 1930-тите, говорителите на македонскиот словенски развија длабоко вкоренет страв да зборуваат на својот јазик пред луѓе што не ги познаваат и не им веруваат. Престанаа да ги пеат своите песни, свирејќи ги само традиционалните песни од своето музичко наследство. Со текот на времето, тие повеќе почнаа да го користат грчкиот јазик кога зборуваа за себеси и за местата каде што се родени и живеат.

Денес само постарите луѓе го зборуваат јазикот. За помладите луѓе, тоа е повеќе пасивно знаење – еден вид наследство што ќе изумре со постарата генерација и единственото нешто што ќе остане да ги потсетува на тоа ќе бидат неколку збора и песни на кои младите музичари не им ги знаат зборовите.

Забрана на малцинските јазици

Овој вид јазично угнетување е далеку од осамено. Слични приказни кажуваа и говорниците на ирскиот јазик во Ирска, шкотскиот галски во Шкотска, велшкиот во Велс, на каталонскиот во Шпанија, на индијанските јазици во САД и на абориџинските јазици во Австралија. Жално е тоа што напорите на државните власти да ги асимилираат говорителите на малцинските јазици во мнозинскиот јазик беа главно успешни. А покрај јазиците, загубени се и други културни изрази, вклучувајќи имиња на места, презимиња, песни, ора, игри и традиции. За лингвистичкото угнетување и последиците што тоа ги има врз говорителите на малцинските јазици и врз нивното културно наследство нема место во еден модерен свет, каде што е признаена вредноста на културната разновидност./www.mkd.mk

Advertisement