Интервју за порталот ако.мк:Македонската држава незаинтересирана, бугарската агресивно ги присвојува Македонците во Албанија

Никола Ѓурѓај, Македонец од Албанија, претседател на македонското друштво “Илинден”-Тирана  за порталот АКО зборува за незаинтересираноста на македонската држава за Македонците кои живеат во Албанија. Тој е разочаран од инертноста на македонската влада кој не покажа интерес да се спротистави на агресивната политика на бугарската држава кон Македонците во Албанија. Повод за интервјуто со Ѓурѓај се последните обиди на бугарски пратеници во Европскиот Паламент, кои издејствува со амандмани да се изгласа Декларација во која се бара поголемо залагање за ,,Бугарите во Албанија“ и нивно признавање од страна на албанската Влада.Бугарија со политика на издавање на бугарски пасоши, нешто слично како во Македонија, се обидува да ги асимилира Македонците, но Ѓурѓај вели дека тие се пишуваат Бугари и земаат бугарски пасош само од економски причини. Лично немам сретнато некој во Албанија што се изјаснил како Бугарин, вели Ѓурѓај:

Ѓурѓај:Македонско друштво ”Илинден”-Тирана категорично ги отфрла објавите на бугарските претставници во Европскиот Парламент дека во Албанија живеат Бугари. Јас лично во Албанија никогаш немам сретнато лица кои себе си се претставуваат дека имаат бугарско потекло. Целата оваа хајка од страна на бугарската држава е уште од периодот кога падна енверизмот во Албанија. Но, многу поинтензивното „барање“ на Бугари почна откако Бугарија стана членка на Европска Унија. Факт е дека има Македонци во Албанија кои во потрага по подобар живот побарале бугарски пасоши, но нагласувам дека тоа е само од економски причини. Некои од нив имаат намера да одат во земјите, членки на ЕУ за работа. Најголема потврда за тоа е и фактот дека нема ниту едно барање за бугарско државјанство од Македонци во Албанија пред да влезе Бугарија во ЕУ. Но, напорите, и секако, огромната машинерија од научници, емисари и политичари кои бараат Бугари во Албанија до сега нема особени резултати. Секако, Бугарите ја користат и неагилноста и незаинтересираноаста на македонските власти за потребите и интересите на Македонците во Албанија. До кога македонската држава ќе се однесува ноншалантно, и колку агресивно ќе настапуваат Бугарите во Албанија останува да видиме.

  1. Како се организирани Македонците во Албанија?

Ѓурѓај:-Македонците во Република Албанија по распадот на комунизмот во 1990 година, почнаа да се организираат во разни политички и културни друштва. Желбата да ја изразат својата етничка посебност, ги натера Македонците од областа Голо Брдо во 1990 година да се организираат во политичкото друштво ,,Братство’’ со седиште во Тирана. Во март 1993 година се формира политичко друштво ,,Мир’’ со седиште во Тирана, а неговата работа беше следена и со печатење на весникот „Мир“. Но, заради немањето основни финансиски средства, весникот иако многу популарен сред Македонците во Албанија, мораше да го прекине печатењето.Во април 2008 година се формира и фудбалски клуб ФК „Македонија“ со седиште во Тирана, кој најчесто го користат Македонците за рекреативни цели. Клубот нема поголеми амбиции, бидејќи за неговата работа никогаш немало финансиски средства.На 06.02.2009 година во Тирана беше формирано Македонско друштво ”Илинден”-Тирана со седиште во Тирана, а после неколку години Друштвото на 5.10.2012 година отвори свој огранок во Голо Брдо со седиште во село Требиште, Голо Брдо.

  1. Дали во изминативе години имавте помош од македонските, албанските или други институции во остварување на обврските кои сте ги презеле за зачувување на македонскиот национален идентитет на Македонците во Албанија?

Ѓурѓај:-Согласно нашите законски обврзувачки документи веднаш после регистрирањето на Друштвото се обративме за помош до неколку институции во Албанија, Македонија и по светот. Искрено кажано, помошта од татковината Република Македонија во однос на Друштвото „Илинден“ од Тирана, досега била многу минимална, а истото се однесува и на финансиската помош во однос на весникот “Илинден“. Затоа пак, голема благодарност на македонската држава и должиме во однос на коректниот однос кон студентите. Тука мислиме на стипендирањето на македонските деца кои сакаат да се образуваат на мајчин јазик. Македонската држава ги стипендира сите кандидати кои преку Македонско друштво ”Илинден”-Тирана се пријавија со желба за школување како во средно училиште, така и на факултетите. Можност за едукација на мајчин јазик, македонските деца во Албанија немаат ниту во средните , ниту на факултетите така што сите оние што биле степендирани од странта на македонската Влада ги почувствуваа благодетите од оваа голема помош од страна на матичната држава.

  1. Македонското малцинство во Албанија издава и свои гласила. Како се одвива печатењето на овие гласници?

Ѓурѓај:-Како што веќе посочив, во 90-тите години на 20. век во Албанија почна да излегува весникот „МИР“ кој беше многу популарен меѓу македонското малцинство. Но, поради недостаток на финансии тој престана да излегува. Во Преспа беше востановен и весникот „Преспа“ кој имаше поголема поддршка од македонската држава, и излегуваше подолго. Но, како и секоја друга активност на Македонците во Албанија и печатењето и подготовката на текстовите во овој весник беа најголем дел или финансирани или бесплатно изработувани на доброволна база од соработниците Македонци. Денес и овој весник не излегува. За жал, македонското национално малциство во Република Албанија остана само со еден печатен медиум, а тоа е весникот „Илинден“, кој излегува еднаш месечно, а бесплатно се дистрибуира во Тирана, во селата во Голо Брдо, Мала Преспа, Гора, Врник во цела територија на Албанија. Интересно е да се каже дека тој е единствениот весник што се печати на територијата на Република Албанија, а за подготовка на неговите содржини не се плаќаат хонорари. Сепак, опстанокот на весник „Илинден“ неколку пати беше под прашалник и во краток период дојде до негово згаснување. Благодарение на Македонското меѓународно движење за човекови права –Торонто од Канада, сега се печати редовно и се дели секаде каде живеат Македонци во Албанија како и во татковината Македонија и меѓу Македонците низ светот.

  1. Кои се вашите идни планови во однос на заштита на интересите на Македонците во Албанија?

Ѓурѓај:-Македонско друштво ”Илинден”-Тирана од 16. 05. 2015 година е член на Федералната Унија на Европските Националности (ФУЕН) единствено друштво на Македонците во соседството и светот што е рамноправен член. Македонско друштво ”Илинден”-Тирана ќе ги зголеми активностите со ФУЕН, со што има можност и да добие поголема поддршка. Истовремено работи на културен план во зачувување на традиционалните врдности на Македонците во Албанија. Исто така, ќе продолжи да бара во иституците да се признае македонското малциство на целата албанска територија, а не само во Преспа. Планираме и низа други активности за подобрувањето положбата и добивање на правата на македонското национално малцинство во Албанија. Во име на Македонско друштво ”Илинден”-Тирана како и во име на Македонско национално малциство во Албанија бараме помош од институците во татковина Република Македонија кои се задолжени за соработка со Македонците во соседните држави, како и од невладиниот сектор.

Никола Ѓурѓај, е роден во Тирана во семејство на Силјан и Виолета Ѓурѓај. Семејството од неговиот татко има потеколо од Голо Брдо, околија со голем број села и население кое себеси, до денес, се смета и изјаснува за македонско. Со оглед на фактот што неговата баба Ружа и после преселбата во Тирана не го научила албанскиот јазик, во домот говореле голобрдски дијалект на македонскиот јазик. Основно и средно образование завршил во Тирана, додека со високо образование се стекнал во Скопје, на Факултетот за физичка култура. Бел стипендист на македонската Влада, која им помага во студирањето на оние македонски ученици кои сакаат своето високо образование да го завршат на мајчиниот македонски јазик.

Моментално е Претседател на Македонско друштво “Илинден”-Тирана, потоа главен и одговорен уредник на весникот „Илинден“, кој се печати на македонски јазик и излегува во Тирана од фебруари 2011 година, кога излезе првиот број на весникот. Покрај тоа, член е Македонска Алијанса за Европска Интеграција, како и основач на Форумот на младите на Македонска Алијанса за Европска Интеграција, која е единствената партија на македонското национално малцинство во Република Албанија.

Продукција портал ако.мк