Македонската дијаспора организира светски протест на 15 локации

 

Интензивирањето на билатералните активности на македонската и на грчката страна, со преговорите за прашањето околу спорот за името, колку што доживува одобрување и поддршка на официјалната меѓународна заедница, се чини дека исто толку предизвикува и реакции на неодобрување на предлозите, но и на самиот процес на преговарање од повеќе групации и здруженија. Во македонската јавност деновиве веќе се одржа еден масовен протест во Скопје, од чија организација се оградуваат големите политички партии – и од опозицијата, а особено од власта. Со оглед на „спонтаниот“ карактер на протестот, во организација на повеќе невладини здруженија, како и постојаните врнежи од снег во периодот кога тој се одржа, негова масовноста беше предмет на различни полемики, но фактот што голем број граѓани изразија несогласување со текот на преговорите за името доволно говори самиот по себе. Сепак, се чини дека со тој протест нема да заврши изразувањето незадоволство од разговорите за менување на името на Република Македонија за забрзување на евроатлантската перспектива на земјата. Глобалната граѓанска иницијатива „Ние сме Македонија“, зад која застанаа повеќе македонски иселенички организации, повикува на светски протест в недела, на 4 март 2018 година, „во одбрана на нашето право на самоопределување и заштита на македонскиот идентитет“. Протестот ќе се одржи на 15 светски дестинации, во градови низ Европа, Америка и Австралија, каде што има значителна македонска дијаспора, а главниот протест е закажан на плоштадот „Македонија“ во Скопје, со почеток во 13 часот.

Движењето „Ние сме Македонија“ е глобална граѓанска иницијатива на македонската дијаспора, која веќе на 14 јануари одржа мирен протест пред амбасадата на Република Македонија во Вашингтон. Беше прочитана декларација со нашите барања, која му беше предадена на амбасадорот Васко Наумовски. Во текот на истиот ден беа одржани уште дваесетина протести низ целиот свет каде што има раселени Македонци. Нашата цел е ова движење да кулминира во текот на овој викенд, со мирни собири на 15 локации низ светот, а централниот да биде во Скопје. Нашите барања се итен прекин на преговорите за заштита на името на државата, на националниот идентитет и на јазикот. Сите локации каде што ќе се одржуваат протестите ќе бидат поврзани со видеоврски – вели Ана Дуковска, претставничка на македонската дијаспора во Вашингтон, која е и во организацијата на протестите. Покрај во Скопје, протести ќе се одржат и во Вашингтон, Франкфурт, Хаг, Лондон, Малме, Прага, Италија, Словенија и на Малта, а во Австралија ќе се организира дијаспората во: Перт, Бризбејн, Сиднеј, Мелбурн и во Окланд. Всушност, протестите во Германија, во Шведска и во САД ќе се одржат веќе в сабота, на 3 март. Целта на собирот, според Ана Дуковска, е да покаже дека Македонците се обединиле во ставот за прекин на преговорите. Покрај тоа, движењето „Ние сме Македонија“ сака да покаже дека Македонците од целиот свет се организираат за поддршка на Македонците во Македонија. Во случај и покрај протестите да не дојде до прекин на преговорите за името меѓу Република Македонија и Република Грција, како што бараат од движењето „Ние сме Македонија“, велат дека немаат изградено позиција каков предлог би поддржале. Односно тие стриктно инсистираат и не отстапуваат од нивните барања во декларацијата.

КОИ СЕ БАРАЊАТА ВО ДЕКЛАРАЦИЈАТА НА „НИЕ СМЕ МАКЕДОНИЈА“
1. Итен прекин на разговорите околу името на државата што Владата на Република Македонија ги води во тајност под покровителство на ОН, и неменување на уставното име – Република Македонија, и поднесување резолуцијата во Генералното собрание на ОН за признавање на истото тоа.
2. Повлекување на противуставниот Закон за јазици од понатамошен процес во Собранието на РМ.
3. Организирање попис под мониторинг на реномирана меѓународна организација на територијата на Република Македонија во период не подолг од 6 месеци од приемот на оваа декларација.
4. Неменување на историјата на Македонија, статусот на МПЦ-ОА и интензивирање на грижата за Македонците во соседните држави.
5. Доколку Владата на Република Македонија не е способна да го стори горенаведеното, тогаш повикуваме на итно самораспуштање на Собранието на Република Македонија и организирање непосредни избори каде што и на македонските граѓани од дијаспората ќе им бидат овозможени свои претставници во новиот парламентарен состав, според принципот на пропорционалност.