ММДЧП: Мојата етничка припадност е нападната

Дон Лемон и други новинари прашуваат дали ако го игнорирате расизмот сте расист. Па, кога еден кандидат за претседател на САД се однесуваше расистички кон мојот народ, ја доведуваше во прашање нашата легитимност како етничка група, бараше од мојата земја да си го смени името и идентитетот за да им удоволи на нашите потчинители, и поведе државен удар за промена на владата на мојата земја, се’ мотивирано од целите на несоодветната – и расистичка – надворешна политика на САД, не можев да си дозволам да пропуштам да одговорам на расизам. Затоа, во повеќе наврати ја апострофирав Хилари Клинтон.


Никогаш не го игнорирам расизмот. Против никого. Од оваа причина, како претседател на група за човекови права, ги бранам СИТЕ етнички групи од омраза. Затоа, кога Доналд Трамп (кој не заслужува да се нарече Претседател) одново ќе нападне некоја малцинска група, јас ќе ги бранам како и секогаш. Па сепак, владеат запрепастувачки двојни стандарди кога мојата етничка група моли за каква било поддршка за одбрана на своето постоење и за спречување на зголемените напади на мојот народ – но безуспешно. Многуте колумни што сум ги напишал во Д Хил / The Hill го опишуваат мачното и осамено страдање на македонскиот народ. Битно е да се одбрани секоја група од омраза, и јас целосно се согласувам и учествувам во нивната одбрана.

Да се поправам, требаше да кажам „речиси секоја група“, зошто Македонците не ги брани никој. Сакаме да видиме барем малку гнев поттикнат од се’ поизразените напади врз нашата народност и независност.

Во одредени случаи во минатото и ќе сме биле одбранети. Но не сега, зашто надворешната политика на САД бара поинаку. САД одлучиле дека иако ја признаваат Македонија под нејзиното уставно име, би било полесно Македонија да ги прифати барањата на нашите традиционални потчинители (Бугарија, Албанија, Грција и Србија) и да го смени името, идентитетот и, веројатно наскоро, границите на земјата.

Македонија веќе беше поделена во 1913, и сега тоа повторно се случува. И не ми зборувајте за руското влијание без да го потенцираме вистинскиот проблем: масовното надворешно мешање на САД кое продолжува да предизвикува глобален хаос.

Републиканската партија всушност изрази незадоволство и започна истрага во Конгресот за мешањето на американскиот Стејт Департмент во Македонија (како продолжение на политиката кон Македонија на администрацијата на Обама), но не стори ништо повеќе. „Шокантно“ е што американскиот народ нема доверба во Конгресот од причина што тој не успева да направи буквално ништо, дури ни да го изусти тој еден збор кој треба да му се каже на Стејт Департментот: ПРЕСТАНЕТЕ. Македонското фијаско би било завршено. Толку е едноставно.

Да се вратиме на навистина важното прашање на господинот Лемон: како воопшто некој може да го игнорира расизмот и пак да гласа за Трамп. Но со ова се претпоставува дека Хилари Клинтон била очигледниот, морален избор. Да сте Македонец, што би направиле? Но, да го оставиме македонскиот аспект на страна во моментов (како што прават сите). „Доминантните“ медиуми се всушност во право за едно нешто – изјавите на Трамп во ситуација на зголемен расизам се одвратни. Но, би сакал да отидам и чекор подалеку: треба да се потенцира дека е тој очигледно Е расист. Недоволен број на новинари искрено го одговараат прашањето „Дали е Доналд Трамп расист?“, и пречесто ја слушам реченицата „не знаеме што чувствува“…

Ова не’ води до клучна поента за новото име на водечките медиуми: „лажни вести“. За жал и за чудо, Трамп овде е во право, иако не заради бесмислените причини кои тој ги наведува. Западните медиуми се комплетно непримерни и бесрамно пристрасни. Би требало да е нелегално Fox News да го користи својот некогашен слоган, “Fair and Balanced” (фер и избалансирано), но колку и да се жалат левичарските медиуми, и нивната самобендисаност и неморалност се навистина одвратни. Зошто? Затоа што, дали од мрза, наивност или од соучесништво, западното известување за македонската криза целосно им оди во прилог на нашите потчинители.

Кога медиумите целосно ги игнорираат двомесечните, дотогаш невидени протести за поддршка на македонската независност, а против надворешното мешање на САД и Албанија, за масовно да известуваат за релативно малите српски прозападни протести, се поставува прашањето „зошто“? Затоа што САД инсталираа марионетска влада во Македонија која можат подобро да ја контролираат.

Протест на 200 лица во Македонија за локално прашање беше покриен во западните медиуми, а протести на стотици илјади Македонци, во земја од два милиони, не беа ни спомнати. Ова би било аналогно на тоа 50 милиони Американци да протестираат во одбрана на својата земја, територијален интегритет и национален идентитет, но медиумите за тоа да не известуваат. Оваа медиумска политика е намерна и вредна за презир.

Денационализацијата во Македонија се одвива секојдневно, на задоволство на нејзиниот архитект, Стејт Департментот на САД и неговите сојузници од Европската Унија, иако ако ова се случуваше на некоја друга етничка група, веднаш би следел гневен одговор во ОДБРАНА на таа група. Во случајот на Македонија не е така. Моќните европски земји кои истапиле во одбрана на Македонија се занемарени и изигнорирани, затоа што тоа не и’ оди во прилог на политиката на САД. Сум се сретнал со бројни уредници на редакции и сум им го поставил токму ова прашање. Одговорот, од сите, е дека мнозинството западни медиумски куќи ги добиваат своите информации од еден извор: „големците“ од новинските агенции. Ова е признание на вина која води до уништување на цела една земја. Сум се сретнал и со разни западни влади и шефови на држави, и сум го добил истиот одговор за „големците“, но со подипломатски речник. Во нивниот случај, „големците“ не се само западните медиуми, туку, побитно, Соединетите Држави. Не смее да постои сомнеж дека САД се светскиот диригент.

Затоа, западни медиуми, не делувајте подобро. Бидете подобри. Не тврдете дека сте морален авторитет кога дискриминирате против цели етнички групи. Проверете дали некому давате повод да ве употреби како пример за двојни стандарди.

Кога ќе изразите – очигледно оправдан – револт за најновиот ексцес на Трамп, не потпаѓајте под таа категорија со своите постапки. Како што напишав во една од своите колумни, „Ако од некоја причина не разбирате зошто нешто е расистичко, а засегнатата етничка група тврди дека е расистичко – тогаш е.“

Го напишав ова во одбрана на домородечките групи кои, со право, беа навредени со имињата на Washington Redskins (Вашингтонските Црвенокошци) и Cleveland Indians (Кливлендските Индијанци). Коментаторот на Торонто Блу Џејс, Џери Хоуат, одлучи пред неколку години веќе да не ги употребува овие навредливи прекари во своите обраќања.

И се гордеев со ова, како активист за човекови права и како канадски Македонец. Би сакал етничките групи кои сум ги бранел да застанат во одбрана на мојата етничка група од време на време, но не, не го очекувам тоа. Затоа што е едноставно „полесно“ да се игнорира очигледно кршење на човекови права ако истото не е општо познато. Не дај Боже некој да го испита истото или едноставно да го препрочита мојот цитат од погоре. Дали од мрза, наивност или од соучесништво, но еве го пак: „Ако од некоја причина не разбирате зошто нешто е расистичко, а засегнатата етничка група тврди дека е расистичко – тогаш е.“ стои во соопштението потпишано од Бил Николов, претседател Македонско Меѓународно Движење за Човекови Права.

Advertisement