Одбележување 75 години од холокаустот на македонските Евреи

 

Со положување цвеќе, симболичен Марш на живите, изложби голем број настани денеска и утре во Скопје, Битола и Штип ја одбележуваат 75-годишнината од холокаустот на македонските Евреи во Втората светска војна. Дводневната комеморативна програма започна во Битола со положување цвеќе пред споменикот на депортираните Евреи од Битола и споменикот на народниот херој Естреја Овадија-Мара.

Холокаустот е еден од најмрачните периоди на човековата цивилизација во минатиот век затоа што на најбрутален начин беа ликвидирани над шест милиони мажи, жени, деца и стари, само затоа што беа Евреи, а меѓу нив и 7 144 Евреи од територијата на денешна Република Македонија, рече претседателот на Собранието Талат Џафери. Посакуваме и порачуваме дека човештвото не треба да дозволи такви настани воопшто повеќе да се случуваат“, изјави Џафери.

Маршот во чест на депортираните еврејски семејства од Македонија треба во светот да испрати порака за мир, заедништво и соживот, изјави генералниот  секретар на СДСМ Александар Кирацовски. Овој трагичен настан во Битола испраќа порака до светот, како истиот може да биде суров, да биде ранлив, доколку навреме не се спротивставиме на злото“, изјави Кирацовски. Денешниот ден е еден од најтажните денови во македонската историја, напиша на својот фејсбук профил лидерот на опозициската ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

„Еврејските маала во Битола, Штип и Скопје останале празни, останале празни куќи и домови, а ние сме останале без нашите сограѓани, соседи и пријатели. По повод 75 годишнината од депортирањето на македонските Евреи би сакал да оддадам почит и жалење за она на кое што Еврејската заедница во Македонија била подложна во минатото. Не смееме никогаш да го заборавиме плачот и тагата на овие семејства и нивната голгота“, напиша Мицкоски.

Во рамки на комеморативната програма утре во Скопје покрај симболичениот  Марш на живите,  доаѓа во посета бугарскиот премиер  Бојко Борисов и претседателката на Еврејската заедница во Македонија Берта Романо Николиќ, кој заедно со премиерот Зоран Заев ќе положат цвеќе  на споменикот на 7.144 македонски Евреи, по што ќе следи  комеморативна седница во Собранието на РМ.