Почина Павли Никола еден најголемите поборници за правата на Македонците во Голо Брдо 1937 – 2018

Павли Борис Никола роден е во село Врница областа Голо Брдо на 16.11.1937 година. Откако го заврши основното образование во неговото родно село, како и сите негови соселани, отиде на печалба во Тирана. Во 1950 година почна како обичен работник во изградбата на Комбинатот за текстил во Тирана. Осмолетката и средното училиште ги заврши во вечерните училишта. Од 1957 – 1959 година служеше војска. Откако ја заврши воената служба повторно се враќа во градежното претпријатие „21 Декември” во Тирана, каде работеше како специјалист и бригадир во различни објекти, кои се градеа во тоа време. При работењето во градежништвото, неговата работа беше вреднувана. Од 1967 – 1969 година беше доброволец во планинските села на Тирана. Потоа пак се враќа во градежното претпријатие „21 Декември” во Тирана.

Тој беше не само добар градител, туку и општествен деец. Со години по ред беше избран за претседател на професионалното здружение (синдикатот) во претпријатието. Од 1973 – 1976 го завршува високото партиско школо. Откако го заврши двегодишниот курс во Економскиот факултет, беше именуван како специјалист во претпријатието за надворешна трговија (Макинаимпорт), каде работеше од 1978 – 1992 година како специјалист и претседател на отсек. Во 1993 година излегува на пензија. Павли Никола беше долгорочен активист на Македонците од Голо Брдо, автор на неколку книги и стати. Со неговите дела помогнал многу за пренесување на македонските обичаи, фолклор, традици за помладите генерации на Македонците во Република Албанија.