
Со векови античкото племе Калаши потомци на Александар Македонски беа оставени во заборав, но заштитени од надворешниот свет во далечните планински предели во северозападен Пакистан. Калашите велат дека се потомци на војниците на Александар Македонски од пред 2.300 години. Оваа заедница денес брои околу 4.000 луѓе кои имаат посебен јазик, вера и начин на живеење. Но, тие долго време не можеа да се водат како посебна етничка група во Пакистан. Тоа се смени во април годинава кога регионалниот суд во градот Пешавар и официјално ја призна оваа заедница како посебна етничка и верска група. Тие сега ќе можат да се изјаснуваат како Калаши на првиот попис во Пакистан што се одржува по 20 години. Човекот зад петицијата за признавање на Калашите кој со години се борел за тоа вели дека се остварил неговиот сон.
„Веста се прошири низ нашите села како оган“, изјави 32 годишниот Вазир Зада, додавајќи дека луѓето се многу среќни. „Дури и нашите муслимански соседи се среќни. Тие велат „нашите браќа сега добија идентитет“, додава Заба, наведувајќи дека сега ќе ги добијат сите права и обврски како што ги имаат другите заедници во Пакистан. Калашите не наликуваат на ниту една друга заедница во Пакистан. Половината од нив практикуваат форма на антички Хиндуизам со влијание на пагански верувања. Тие прославуваат верски празници со музика, игри и алкохол кои сами го произведуваат. Нивните ритуали вклучуваат мажени жени да бегаат за други мажи, како и момчиња да имаат сексуален однос со која било жена што ќе ја изберат кога ќе достигнат пубертет. Други ритуали вклучуваат жртвување десетици кози.
Секој мај, Калашите го прослават доаѓањето на летото со фестивалот Чилам Јоши. Тие се собираат на танц и музика, ги покриваат нивните домови со цвеќиња и нудат млечни пијалаци. Калашите лесно се препознаваат. Многумина носат прстени во нивната коса и светло обоени капи на главите. Жените понекогаш имаат истетовирани лица и носат црна облека со шарени везови. Тие зборуваат на јазик познат како „калаша“ подгрупа на индо-ариевските јазици кои се зборуваат во северозападниот дел на Пакистан, во спорниот хималајски регион Кашмир и во источниот дел на Авганистан. Калашите се соочуваат со постојана битка за спас на својот традиционален начин на живот. Нивниот број е намален во текот на изминатите неколку децении, поради насилства, исламот и природни катастрофи. Нивнто место на живеење, во немирниот северозападен Пакистан, е многу сиромашно. Многу од Калашите се потпираат врз заработката од малиот број туристи кои доаѓаат таму. Зада се надева дека официјалното признавање на групата ќе ја убеди Владата да одвои средства за нивно образование, за кое вели дека е „клучно“ за заштита на културно наследство и јазикот на групата. Калашите кај конзервативните муслимани во Пакистан се познати како „црни кафири“, што значи неверници.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden