Поврзаноста на Света Гора со македонската земја е нераскинлива

Доволно е само да ги споменеме великаните: јеромонасите Јоаким Крчовски и Кирил Пејчиновиќ, архимандритите Анатолиј и Калистрат Зографски, митрополитот Партениј Полјански и Нишавски, како и многу други што извесен период од својот живот го минале на Света Гора или, пак, имале тесни врски со неа. Првенствено, тука доаѓа до израз силната поврзаност на Бигорската обител со повеќе тамошни манастир „Царство без круна, држава без војска, земја без жени, богатство без пари, мудрост без училишта, кујна без месо, молитва без престанок, врска со небесата без прекин, пеење за Христа без замор, смрт без жалење  тоа е Света Гора“, запишал непознат мудрец. Малку зборови, но толку силни, кои најреално ја отсликуваат реалноста на богоблагословената Градина на пресвета Богородица. Кон ова би додале дека Света Гора е историја на православното подвижништво, духовност и светост. Таа е историја на многубројни светии, кои со своите подвизи во љубовта кон Господа и ближните засветлиле од тие мистични гори на Атон и ја облагородиле целата вселена. Монашката земја на Атонскиот Полуостров, како посебен земски удел на божјата Мајка, постојано го има нејзиниот благослов, така што таа осветена почва одгледала безброј светии што ја краселе и сѐ уште ја красат светата црква Христова. Навистина, многумина од нив дале бесценет придонес и за своите татковини и народ, просветувајќи и збогатувајќи ги со спасителното православно предание и со други благотворни нешта. Едноставно речено, Света Гора е благослов и поткрепа за целото православно монаштво, како и за родот христијански во целиот свет.

Света Гора се простира на површина од 400 квадратни километри. Полуостровот Атон е последниот од трите најмали полуострови и се протега на југ од продолжение на полуостровот Халкидики. Од западната страна е Сингитскиот Залив, а од јужна е Егејско Море. Полуостровот Атон е долг 40 километри, широчината се движи меѓу 8 и 16 километри, а врвот Атон, по кој полуостровот го има добиено името, е висок 2.033 метри. На Света Гора на поклонение одат православни верници, атеисти, верници од други вероисповеди, само мажи од целиот свет, кои претходно обезбедиле виза од Одделението за поклоници на Света Гора во Солун.Кога архимандрит Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, ми јави дека ми е доделена виза за престој на Света Гора, ме обзедоа голема радост и возбуда. Неколкуте дена пред тргнувањето ми беа исполнети со подготовки, а мислите насочени како деновите ќе ги минам во светата држава Атон, единствена на светот во која нема раѓање, туку само умирања, земја во која живеат само мажи. Голема беше возбудата да ја посетиш Света Гора, да им се поклониш на светците, да се помолиш за здравје, да престојуваш во простор на беспрекорен мир, духовно да се напојуваш на местото на кое секое камче, секоја педа земја, сѐ е свето, чудесно, волшебно, мистично… бидејќи никаде на друго место во светот не може да се сретне толку многу светост на едно место. За десетина дена посетив дванаесет манастири од вкупно 20, исто толку скитови и ќелии. Средбите со монасите беа непосредни, топли, дознав многу непознати нешта за монашкиот живот, за посветеноста кон Исус Христос, ми станаа многу појасни. Речиси сите монаси со кои имав разговори беа со факултетска диплома од природни или општествени науки, теолози, магистри и доктори на науки.

Во манастирот „Ставроникита“, во кој ноќевав и минав триесетина часа, како и во манастирот „Констамонити“, овде времето застанало, речиси ништо не е променето од пред десетина века, кога биле изградени. Струја нема, сѐ уште газиени ламби и свеќи служат за осветлување, загревањето се врши со печки на дрва, што не е случај во другите 18 манастири, во кои условите за живеење на монасите се на повисок стандард. Во „Ставроникита“, претпоследниот манастир во кој ноќевавме, последен ни беше „Григоријат“ во репортерскиот бележник ги бележев впечатоците, импресиите, разговорите што ги имав со игумените, со монасите и со поклониците. Темно е. На масата се наоѓаше газиена ламба, која ми го осветлуваше просторот и ми овозможуваше да пишувам и да ги бележам доживувањата. Надвор ветерот дува ли дува, морските бранови ги заплискуваат темелите на манастирот, кој е изграден на голема карпа, на 30 метри од морето. Амбиентот волшебен, несекојдневен, а мене ми дава инспирација да пишувам, не знам кога ме совлада заморот и заспав. Според тоа што го имав сработено, претпоставувам дека било во зорите.

Од белешките што ги водев на Света Гора, во оваа пригода ќе пренесам дел. Поврзаноста на Света Гора со македонската земја е мошне древна, длабока, непосредна, жива и нераскинлива. Со сигурност не можеме да кажеме кога првпат монаси од Македонија почнале да се подвизуваат на Атон. Но поради географската близина, лесно е да се претпостави дека тоа се случило уште во самите почетоци на монашкиот живот таму. Историјата на светогорското монаштво покажува дека нашите благочестиви предци негувале преголема почит кон Градината на пресвета Богородица и со пожртвувана љубов ја помагале, ги граделе и полнеле со монаси нејзините манастири, скитови, ридови и пештери. Нашиот народ низ вековите на Света Гора ѝ дал голем број ктитори, градители, подвижници, иконописци, резбари… Во оваа пригода, без да навлегувам подлабоко во историската фактографија, како пример ќе наведам дека ктитори на еден од најголемите и најубави атонски манастири „Св. вмч. Георгиј Победоносец-Зограф“, биле тројца браќа од Охрид, преподобните Мојсеј, Арон и Иван.

 

 

Игуменот на манастирот, архимандрит Амвросиј, пред фреската на тројцата браќа во манастирската црква, нѐ запозна дека тројцата богољубиви браќа, барајќи тивко место за подвизување, по божја промисла стигнале на местото каде што и го изградиле манастирот. Потоа, игуменот мене и четворицата од групата со кои престојував нѐ внесе во ризницата на манастирот и ни даде можност да ја разгледаме. Бевме едни од ретките посетители на кои им е дадена привилегија да го држат в раце жезолот на последниот поглавар на Охридската архиепископија, Арсениј. Во гостинската соба неколку часа со игуменот Амвросиј и со неколку монаси разговаравме за духовноста на Зограф, за животот, за прославите, за богослужбите, за производството на вино и ракија, кои се меѓу најдобрите на Света Гора. На игуменот му говорев за Бигорскиот манастир и сето тоа го поткрепив со голем број фотографии. Притоа, од името на игуменот Партениј, за што добив благослов, го поканив да го посети Бигорскиот манастир. Не поминаа два месеца и игуменот Амвросиј и неколкумина монаси беа гости на Бигорскиот манастир.

Сознанијата ги збогативме и со тоа што Света Гора на нашата татковина ѝ подарила непроценливо духовно богатство. Преку нејзините монаси таа го пренесувала и кај нас благословот на царицата небесна, а преку тој благослов и монашкото предание, просветителството, црковната уметност… Особено е значајна улогата на Света Гора за појавата и подемот на просветителството во Македонија во 19 век. Општопознато е дека многумина од нашите преродбеници своето монашко искуство и образование ги стекнале токму во некои од атонските манастири, па потоа истото тоа го пренеле и овде. Доволно е само да ги споменеме великаните: јеромонасите Јоаким Крчовски и Кирил Пејчиновиќ, архимандритите Анатолиј и Калистрат Зографски, митрополитот Партениј Полјански и Нишавски, како и многу други што извесен период од својот живот го минале на Света Гора или, пак, имале тесни врски со неа. Првенствено, тука доаѓа до израз силната поврзаност на Бигорската обител со повеќе тамошни манастири, а најмногу, се разбира, со манастирот „Зограф“. Всушност, овие два манастира биле, на некој начин, духовно сосема сродени. Веќе споменатиот бигорски монах Анатолиј, со време станал игумен во „Зограф“. Неговото духовно чедо Партениј од Галичник, кој исто така бил бигорски воспитаник, ги следел стапките на својот духовен отец. И ден-денес во бигорската книгохранителница се чуваат книги што со посвета биле подарени од зографските монаси, за „општее ползование“ на бигорските браќа.

Фреската Св.Георгиј Победоносец-Зограф со тројцата браќа од Охрид, преподобните Мојсеј, Арон и Иван

Би можеле да заклучиме дека Света Гора и Македонија имаат толку богата историска, духовна и културна поврзаност што томови и томови книги не би биле доволни да го опишат сето тоа. Така било низ минатото, но така е и денес. Ете, и денешното општежително монаштво во македонските манастири, кое во време на безбожниот материјалистички режим беше сосема замрено, повторно е возобновено со благословот на пресвета Богородица. Современото македонско општежително монаштво ѝ должи огромна благодарност на Света Гора, особено на манастирот „Григоријат“ и нејзиниот претходен старец и игумен, блаженоупокоениот архимандрит Георгиј Капсанис. Овој голем христољубив духовник свети во нашата црква како незгаслив факел, разгорен со пламенот на неговата евангелска татковска љубов, со која широко ги отвори вратите од својата обител за љубителите на рамноангелскиот живот од нашата татковина, во период кога општежитието кај нас беше целосно замрено – ни објаснува архимандрит Партениј, игумен на бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“.

Во многу свежо сеќавање му е сликата од првата средба со манастирот и неговиот игумен. Се сеќавам, кога, според големата милост божја, првпат го поминав прагот на Григоријатскиот манастир, останав занемен пред една неопислива и дотогаш неспознаена љубов, која се гледаше во очите, насмевките, во гостољубието на сите негови жители. Сепак, доволен беше само еден благ татковски поглед на старецот Георгиј, за да го препознам во него живиот извор на таа за мојата душа успокојувачка љубов што не познава граници. Беше тоа и татковска поткрепа и мајчинска грижа, и утеха и храна и сила, со која старецот штедро ги опсипуваше сите, без разлика кои и од каде се, без разлика дали се монаси или мирјани, домашни или странци. За сите нив во неговото срце имаше место за љубов и внимание. А монашкото братство, секојдневно воспитувано во подвигот на Христовата љубов, која се отсликуваше во старецот, беше една апостолска заедница, толку сплотена во пожртвувано братољубие, што сите беа неразделни како еден. Со истото срдечно братољубие тие и за мене, недостојниот, ги отворија своите срца, а старецот ме прегрна во својата грижа како свое најмало чедо. Тој не дозволи ниту еднаш ние, Македонците, да се почувствуваме навредено или понижено што доаѓаме од држава што имаше политички несогласувања со нивната земја во поглед на името, поради што проблеми имаше и самата наша црква, туку нѐ сметаше за свои најближни, не разликувајќи нѐ од другите браќа. Под неговото мудро духовно раководство израснаа и моите возљубени браќа, сегашните архијереи на МПЦ-ОА, митрополитот струмички, г. Наум, и епископот хераклејски, г. Климент, кои, секако важат за возобновители на општежителното монаштво кај нас – продолжи да ни говори старецот на Бигорскиот манастир.

За соработката на монасите на Бигорскиот манастир со манастирите на Света Гора игуменот на Бигорскиот манастир ни потврди дека имаат прекрасни односи со неколку светогорски манастири, за слава божја. Повеќепати монаси откај нас биле на поклонение и посета кај своите собраќа монаси од Света Гора, но и светогорци честопати доаѓале кај нас. Секако тие врски имаат не само чисто пријателски карактер туку содржат и голем степен на сотрудништво на полето на евангелската проповед и грижата за спасението во Христа на што повеќе души. Пример за тоа меѓу другото, е и големото дарение на книги пред неколку години од страна на Зографската обител за потребите на нашето братство и верниците. Исто така голема драгоценост за верните кај нас се и прекрасните богослужби за светите битолски и пречистански преподобномаченици што пред пет години ги состави химнографот на великата Христова црква симонопетрискиот јеромонах и наш драг пријател и брат во Христа, о. Атанасиј. На наша огромна радост, о. Атанасиј неодамна ја доврши и богослужбата за преподобниот Јоаникиј Ракотинци, кој треба да биде впишан во диптихот на светиите во текот на оваа година. Сето тоа докажува дека вистинската љубов во Христа ги надминува сите земски ограничувања, препреки и искушенија-додава отец Партениј./www.novamakedonija.mk
Advertisement