Преговорите за името со Грција се закана за опстанокот на Македонија

Честитки за Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) за успешно започнатата кампања „Нашето име е Македонија“, која вклучува билборди во Скопје, Битола, Тетово, а наскоро и други градови во Македонија, со понатамошно додавање на реклами на телевизија, радио, во весници и на интернет. Целосно го поддржуваме повикот на ММДЧП за итно запирање на преговорите за името со Грција.

Членот 5 од Времената Спогодба меѓу Македонија и Грција ги обврзува и двете страни да продолжат со преговорите за решавање на прашањето со името. Но Македонија не е веќе обврзана да ги продолжи преговорите затоа што Грција ја прекина Спогодбата со своето вето на приемот на Македонија во НАТО во 2008 година. Поранешниот Претседател Црвенковски во декември 2007 година рече дека „евентуалното вето на Грција на приемот на Македонија во НАТО би бил грубо прекршување на Времената Спогодба од 1995 година, па следствено овој документ веќе не би бил важечки ниту во Република Македонија.“ И Нимиц изјави дека грчкото вето ја прекинува Спогодбата.

Метју Нимиц е претставник на Генералниот Секретар на ООН само про форма. Генералниот Секретар на ООН се држи на дистанца од преговорите со името. Но Помошник-секретарот на Американскиот Стејт Департмент, Даниел Фрид, официјално ја презеде од Нимиц обврската за посредување на состанок со Милошоски и Бакојанис на 21 март 2008 година во Брисел, каде се обидуваше да издејствува од двете страни договор пред почетокот на самитот на НАТО во Букурешт на 2 април 2008. САД се длабоко вмешани и имаат големо влијание на исходот од преговорите за името.

Сегашната Македонска влада, под водство на Зоран Заев и СДСМ, планира да спроведе промена на името на Македонија. Интересно е да се повторат зборовите на Претседателот Бранко Црвенковски, и самиот поранешен председател на СДСМ, во интервју со телевизија Алсат-М: „Ако треба да го направиме крајниот избор – членство во НАТО за промена на името на државата – ќе застанеме зад името“.

Амбасадорот Робин О’Нил, прв посредник во прашањето со името изјави: „Македонија не смее и нема да го промени името за да и’ удоволи на Грција. Ако Македонија подлегне под притисокот и го смени името, тоа ќе и’ даде дополнителна сила на Грција во постигнување на нејзината крајна цел – бришење на Македонија од картата“.

Преговорите за името мора веднаш да престанат. Во продолжение следи список на предлог-промени на името на Македонија, со делумна хронологија. Колку подолго продолжуваат овие бизарни преговори, толку е поголем ризикот за преживувањето на Македонија – стои во соопштението потпишана од Мендо Бакаловски, претседател на Организацијата Обединети Македонци во Канада.

Advertisement