
Убавите жени
Убавите жени во мојот народ
тие брзо прецутувале
како цут од кајсија
како мајски јоргован.
О неправда!
Тие им припаѓале на неизбрани мажи,
нивните коси дење сплетени во прцлиња
ноќе распуштени по градите и колковите.
Нивниот постап на препелица
набрзо го сопинала унечка,
нивната младост поминувала
како мирис на липа што го одвева ветрот.
Набрзо тие седнувале на порта
со наведната глава и издадени коленици,
со нечујна издишка.
Убавите жени, несреќните жени
тие брзо прецутувале
како цут од кајсија
како мајски јоргован.
Блаже Конески
Некои жени и денес брзо прецутувааат.
Идеалната слика ја отсликува жената како еден од темелите на општеството, која треба да биде симбол на достоинство, сигурност и почит. Таа не е само дел од семејството, туку и важен фактор во развојот на културата, моралот и човечноста на една држава. Што би рекол Блаже Конески: „Жената е вечна инспирација и сила на животот.“ И вчера, и денес, и утре.
Но, понекогаш жените се соочуваат со сиромаштија, питачење, насилство и дури со најтешката последица – убиство, оти е жена. Ај, да бидам модерна, да речам фемицид. Чинам, Блажевата песна најдобро го одразува животното патешествие на жената, онаа која брзо прецутува, седната со наведната глава, со нечујна издишка. Тоа е оној игнориран дел од македонските жени соочен со поразувачка реална професија – питачењето, како една од најтешките последици на сиромаштијата и социјалната исклученост. Жените кои се принудени да питачат најчесто се наоѓаат во безизлезна положба, без образование, без постојана работа и без социјална поддршка. Понекогаш тие се мајки кои се обидуваат да обезбедат основни услови за своите деца, но најпоразителниот факт е што децата се злоупотребуваат при питачењето независно од временските услови. Таквите жени се жртви на околности кои ги турнале на работ на општеството при што се губи достоинството и сигурноста, а животот се сведува на секојдневна борба за опстанок. На таквите жени потребна им е помош не утре, туку вчера.
Покрај питачењето и сиромаштијата, насилството врз жените, како сериозен и загрижувачки проблем, може да биде физичко, психолошко или економско, што влијае и во односите меѓу членовите на семејството или блиската средина. Овие ситуации оставаат длабоки последици врз жената, ја нарушуваат нејзината сигурност и ја лишуваат од чувството на слобода. Блаже Конески во своите размислувања за човечноста и достоинството нагласува дека човекот се мери според начинот на кој се однесува кон другиот. Токму затоа, секое насилство претставува понижување не само на жртвата, туку и на целото семејство. А на понижените потребна им е помош не утре, туку вчера.
Најтрагичната и најекстремната форма на насилство врз жената е фемицидот – убиство на жена поради тоа што е жена. Овој поим го опишува насилството кое произлегува од омраза, посесивност или чувство на надмоќ над жената. Фемицидот најчесто е последица на долготрајно семејно насилство, љубомора или обиди за контрола врз животот на жената. Секој ваков трагичен случај претставува потсетник дека општеството боледува. Но, и дека мора посериозно да се справи со насилството врз жените и да создаде механизми за нивна заштита. Не утре, туку вчера.
Жената која е жртва на насилство, поради страв од реакциите на партнерот, може да ја изгуби работата, а со тоа и економската сигурност, што ќе ја доведе до сиромаштија или на улица. Кај одредени жени, недостатокот на образование, немањето работни способности и можности, како и немањето поддршка, дополнително ја влошуваат нејзината положба. Сепак, и покрај сите тешкотии, жената поседува голема внатрешна сила. Како што укажува Блаже Конески, човековата истрајност и достоинство се најголемата вредност што може да го одржи човекот и во најтешките моменти. За да истрае, на понижената жена потребна ѝ е помош за да истрае во најтешкото. Не утре, туку вчера.
Жената заслужува живот исполнет со достоинство, сигурност и почит. Насилството и фемицидот не смеат да бидат дел од нејзината реалност, туку проблеми кои општеството мора решително да ги спречи. Не утре, туку вчера.
Можеби овој текст ќе ви се види како „ум продавање“, ама се обидувам уште еднаш да предочам дека историскиот 8-ми Март не е ден за кафани, пијанки и дотеруванки, особено кога покрај нас живеат жени во страв и беда, а шлаканицата од болната загуба на незаштитени животи е свежа.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden