Проф. д-р Катерина Тодороска: Ве поздрави западот 

Можеби вам ова не ви значи ништо, ама ете јас имам потреба да споделам дел од едно мое искуство со вас. По кој знае кој пат приказната е за Македонците во Албанија. Мојата прва средба со Македонците од Албанија датира од 1994 год. кога прв пат бев на истражување во Тирана. Слободното време го користев за средба со Македонците кои доаѓаа во Македонската амбасада за визи, со цел да ги посетат своите блиски во Македонија. Во тоа време, амбасадор беше Никола Тодорчевски, а тој и останатиот персонал беа луѓе кои секоја минута ја користеа да помогнат, да објаснат, да завршат некоја работа во врска со потребите на македонските жители кои живееја или престојуваа во Албанија.

Мојот интерес за историјата на нашите во Албанија продолжи и наредните години, а согледувањата и потребата за организирано истражување на македонскиот говор, фолклор, традиција ги споделував со одговорните во македонските институции со молба да се формира тим од научници кои би престојувале во Албанија и би го документирале богатството наречено македонско наследство сред населението кое не живее во рамките на македонската држава. Се што добив, во сите овие години, беше молк. Никогаш немаше доволно средства или потреба за формирање на тимот кој беше неопходен за таква работа. Затоа пак, интересот на одделни ентузијасти во Македонија за спомнатите области растеше до степен на самофинансирање на истражувања и собирање на документација, секој во свој домен. Бидејќи дребните средства за наука во Македонија станаа смешни, но и тоа зависеше од името и презимето на научникот.

Во меѓувреме источниот сосед на Македонија ја процени глувоста на дотогашните и актуелните владетели во Македонија, формираше тимови од научен кадар кои требаше да најдат „бугарски“ корени сред македонското население во Албанија. Глувоста и молкот на македонската држава одлично се вклопија во бугарската политика за „докажување“ на „б‘лгарските корени“ на население кое немало допирна точка со Бугари. Тие научници „ја преораа“ Албанија барајќи „Бугари“ и „бугарски говор“ и „бугарски мелос“ и „бугарска традиција“ онаму каде ја немало и ја нема. Но, како во народната „сто пати кажаната лага станува вистина“, така и дел од Македонците станаа „Бугари“.  Со тоа продолжи да се остварува долго пропагираната теза дека „доколку на исток и запад од Македонија живеат Бугари, тие на средина не се ништо друго туку Бугари“.

Минатата година во Албанија беше донесен нов Закон за малцинствата, при што и покрај фактот што според пописот на населението, нема ниту еден изјаснет како Бугарин во Албанија, беше признато бугарско малцинство во Албанија. И тоа не би било спорно ако тоа не се случуваше истовремено со подготовките на Бугарија за преземање на шестмесечното претседавање со ЕУ. Таквата позиција беше нашироко протежирана од бугарската Влада за „објаснување“ до албанскта Влада дека Бугарија ќе „помогне“ за побрзо зачленување на Албанија во ЕУ, доколку во Законт „внесе“ непостоечко бугарско малцинство и тоа ПРВЕНСТВЕНО во деловите на Албанија каде живеат Македонци.

Македонските владетели и овој пат останаа глуви на барањата од македонското население од Албанија да застане зад вистината и нивните интереси, на ист или соодветен начин како што бугарската амбасада и држава го правеа тоа за „новоосвестените Бугари“ во Албанија. Но, проблемите на Македонците од запад на Македонија не застануваат тука. Од осамостојувањето на Република Македонија до оваа година, нашата држава навреме распишуваше оглас за стипендирање на студенти од соседните држави. Меѓу нив, интерес покажуваа и децата од Мала Преспа, кои најчесто целеа на студиите по македонски јазик, историја, но и други. И секако, навреме сите конкурираа и добиваа информации дали се примени и каде, каде се сместени и од кога, колкава е стипендијата. Сето тоа им овозможуваше да се подготват за новата студентска година во Македонија. Оваа година Македонија оглас не беше пуштен, а слушам дека македонската Владата пред неколку дни го разгледувала Огласот и го одобрила. Македонската партија во Албанија и Македонското друштво „Илинден“ навреме имаат собрано документи на македонски деца кои сакаат да студираат во Македонија и се чека само информацијата од македонската Влада.

Она што немам информација е дали македонската држава организирано има одобрено стипендии за последипломски и докторски студии за заинтересирани кандидати од соседните држави. Но, со сигурност знам дека Институтот за национална историја нема ни денар земено за последипломци кои сакаат да магистрираат на наставните групи кои ги практикува. Сакам да верувам дека ова е пракса, а не исклучок. Во меѓувреме, треба ли да говорам за стипендиите за студирање, последипломски и докторски студии во Софија, Бугарија? Чинам, не. Знам дека розовонаочарливите нема да ја видат потребата од оваа моја забелешка, а за оние другите ќе објаснам. Некои од матурантите чекајќи го Огласот на македонската Влада веќе аплицирале за студирање во Софија стравувајќи дека нема да има Оглас оваа година, иако претставниците на македонските организации им ветувале дека и оваа година ќе има Оглас. Но, прашањето и на родителите и на децата е кому да му веруваат, на реченото или стореното? Та нели нивниот, исклучително почитуван, градоначалник седи во домашен притвор, а на судење го носат со придружба, за нешто што нив ги понижува? Нели оние кои им ги издале личните карти и другите лични документи не седат во домашен притвор и не одат на судење со придружба? Нели….

И за крај на ова писание. При една средба на актуелниот премиер на Р. Македонија со претставници на Македонците од Албанија било спомнато моето име за можен амбасадор во Р. Албанија како долгогодишен познавач на состојбите во Албанија. За оние лесно кострешливите, да пишам дека ова не е прв пат моето име да биде спомнувано за оваа позиција, но како непартиски човек, секогаш бев понепогодна од партиските кандидати. Оние пак, кои проговориле за мојата кандидатура за тоа место, не се оние кои денес ги шетаат како „човечиња од Албанија“ на минитзи низ Македонија во замена за бенефиции во Скопје. Напротив, овие се оние кои го величеа и нозе му бакнуваа на Груевски,оние кои уста не отворија во Албанија кога се бараа „Бугари“ сред нив. Ама, топката е округла па може уште многупати да се сврти. Но, да се вратиме на амбасадорувањето. Фактот што премиерот во една изјава кажа дека има лица кои се стручни, но не сакаат да прифатат обврски за кои се контактирани од Владата, пролетва доставив писма (до советник на премиерот и до советник во МНР) за мојата заинтересираност за преземање на овбрската во однос на амбасадорското место во Тирана. Но, молкот продолжува. Патем, 27-годишнината од независноста на Македонија ја прославивме со нашинците во Пустец, на запад од Македонија. А Македонците од западот ве поздравија сите вас, со истата љубов со која ние бевме пречекани како своештина во нивните домови.