
Растат стравувањата од зголемување на тензиите на Блискиот Исток, откако Израел и Хезболах извршија меѓусебни гранатирања. Од Белата куќа велат дека САД и сојузниците работат на спречување на ескалација на регионален конфликт.
„Загрижени сме поради тоа што конфликтот може да ескалира во сеопфатна регионална војна од 7-ми октомври и работевме деноноќно со партнерите и сојузниците, придвижувајќи ги воените средства, ангажирајќи се во интензивна дипломатија, јавно и приватно за да го спречиме тоа. Продолжуваме да работиме за да спречиме таков исход, а нашата надеж е настаните од минатата ноќ да не се прелеат во ескалација што ќе доведе до регионална војна“, изјави Џејк Саливан, советник за национална безбедност на САД.
Хезболах не успеал да нападне ниту една воена база во Израел, тврдат Израелските одбранбени сили. Уништени се илјадници ракетни фрлачи на милитантната група на повеќе од 40 локации. За време на воздушните напади биле убиени најмалку шест милитанти, а Хезболах објавиле за смртта на само тројца.
„Само во последната недела елиминиравме околу 30 терористи, вклучително и команданти на Хезболах. Околу 90% од целите беа ракети со краток дострел насочени кон северот на земјата. Го следевме Хезболах со недели со технолошки средства и воздушни патроли со авиони на воздухопловните сили. Откривме дека имаат намера да извршат напади и ги елиминиравме повеќето од нив“, изјави Даниел Хагари, портпарол на Израелската одбрана.
Водачот на Хезболах убедува дека одмаздничкиот напад врз Израел за атентатот на еден од нејзините команданти е завршен и луѓето можат да се вратат во домовите во Либан. По масовното ракетирање врз Северен Израел и Голанската висорамнина, лидерот на либанската група тврди дека целта била израелската воена разузнавачка база блиску до Тел Авив.
„Изјавите на непријателот дека погодиле стратешки, балистички ракети, дека го спасиле Тел Авив заедно со други витални објекти и ги уништиле овие проектили, сето тоа е лага. Немавме намера да ги користиме овие проектили сега, но можеби ќе ги користиме во иднина“, изјави Хасан Насрала, лидер на Хезболах.
Хезболах изведува напади врз израелски цели откако почна војната во Газа на 7-ми октомври. Групата вели дека ќе запре со гранатирањата во моментот кога ќе се постигне примирје. Во меѓувреме, Хамас ги отфрли новите израелски услови за преговорите за примирје во Газа. Клучна точка на несогласување во тековните разговори со посредство на САД, Египет и Катар е присуството на Израел во таканаречениот коридор Филаделфија, долж јужната граница на Газа и Египет.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden