Кремљ и Руската православна црква денес изразија загриженост поради спремноста што јавно ја искажа турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган некогашната византиска базилика Св.Софија (Аја Софија) во Истанбул да ја претвори во џамија. Рускиот патријарх Кирил во соопштение порача дека е „многу загрижен“ поради евентуалната промена на статусот на „еден од најголемите споменици на христијанската култура“ од „огромно значење за руската црква“, која е заснована врз византиската традиција.
„Секој обид да се понижи и згази вековното духовно наследство на Цариградската црква рускиот народ, и денес како и некогаш, го доживува со горчина и негодување“, предупреди московскиот патријарх.
„Заканата за Света Софија е закана за целата христијанска цивилизација, а со тоа и за нашата духовност, историја“, додаде тој, предупредувајќи ја турската влада да биде „обѕирна“.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков кажа дека се надева дека Анкара „ќе води сметка за статусот на базиликата Света Софија како споменик што му припаѓа на светското културно наследство“. Тој оцени дека „Света Софија е свето нешто за Русите“, истакнувајќи сепак дека нејзиното преуредување е „предмет на турската внатрешна политика“.
И заменик шефот на руската дипломатија Сергеј Вершењин ја повика Анкара „да не го занемарува меѓународното значење“ на некогашната византиска базилика. Турскиот висок управен суд го разгледуваше во четвртокот барањето за претворање на поранешната базилика Св.Софија (Аја Софија) во џамија, што е планот на претседателот Ердоган со опасност да предизвика тензии со повеќе земји. Судот одлуката би требало да ја донесе за две недели.
Во ремек-делото на византиската архитектура од 6 век Византијците ги крунисувале царевите, а денес е на листата на УНЕСКО на светското културно наследство и една од главните туристички атракции на Истанбул. Кога османлиите во 1453 година го освоиле Цариград ја претвориле во џамија, а во 1935 година младиот Мустафа Кемал Ататурк ја претвори во музеј за да му ја „предаде на човештвото“.