Шкотска втор референдум за независност

 

Шкотската премиерка Никола Старџен најави план за нов референдум за независноста на Шкотска. Во говорот во Единбург, Старџен изјави дека доколку Британија сака да излезе од Европската Унија, не земајќи ги предвид желбите на граѓаните на Шкотска, кои на референдумот гласаа против брегзит, тоа во голема мера ќе ги отежне преговорите. Таа оцени дека британската влада не се поместила „ниту инч“ и оти шкотскиот народ ќе одлучува за својата иднина, пренесува Би-би-си. На прашањето дали ќе поднесе оставка доколку не успее да се избори за втор референдум, Старџен одговори дека ќе го направи она што е најдобро за Шкотска и оти „не планира да изгуби“.

Шкотската премиерка изрази голем оптимизам дека може да се изгласа независност на вториот референдум. Во меѓувреме светските медиуми пренесуваат дека британската премиерка Тереза Меј би можела уште денеска да го отвори членот 50 од Лисабонската спогодба, за излез на Британија од ЕУ и на тој начин формално да го започне процесот на брегзит. Меј претходно соопшти дека Лондон ќе го почне процесот за брегзит тогаш кога британската влада ќе биде подготвена, но не подоцна од крајот на март. Брисел и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, веќе соопштија дека ЕУ за 48 часа ќе биде подготвена да ги започне преговорите, додека ирскиот премиер Енда Кени обелодени оти доколку Меј го почне процесот за брегзит до средината на март, тогаш во почетокот на април ЕУ ќе одржи вонреден самит за позициите на земјите-членки околу преговорите со Британија.

Advertisement