Србија го презеде претседавањето на ОБСЕ

Србија вчера го презеде претседателството со Форумот за  безбедност на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ). Вицепремиерот и министер за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ изјави дека официјален Белград ќе вложи напори да се стави фокусот на оваа организација на политичката и воена безбедност преку разговори и консултации за безбедноста и стабилноста во регионот, пишува денеска белградскиот весник „Политика”.

Дачиќ ги наброи бројните предизвици со кои се соочува регионот со растечка радикализација и тероризам, движења на мигранти и бегалци, злоупотреба на информатичко-комуникациските технологии, шверц на луѓе, дрога и оружје, истакнувајќи дека сите тие ја загрозуваат целокупната безбедносна ситуација во Европа. Додека ОБСЕ продолжува да бара како на најдобар начин да одговори на овие предизвици, јасно е дека со нив успешно може да се справиме само преку заеднички напори на земјите учеснички, изјави српскиот министер за надворешни работи. Србија ќе претседава со Форумот до крајот на годинава.