Трамп издаде указ за промена на името на Пентагон во Министерство за војна

Претседателот на САД, Доналд Трамп, стави потпис на извршна директива со која се врши преименување на Министерството за одбрана во Министерство за војна, чекор кој го најавуваше подолго време.

„Тоа е многу поприкладнo име, посебно имајќи предвид во каква ситуација е светот во моментов. Одлучивме да се „разбудиме“ и да го смениме името на Министерството за одбрана. Значи, се префрламе во Министерство за војна“, изјави Трамп при официјалното потпишување на директивата во Овалната соба на Белата куќа.

Првиот човек на Пентагон, Пит Хегсет, кој се обрати пред медиумите заедно со Трамп, истакна дека САД „не добиле голема војна“ откако Министерството за војна беше преименувано во Министерство за одбрана. „Одиме во напад, не само во одбрана“, потенцираше Хегсет.

Трамп исто така соопшти дека се одлучил за друг град во САД каде планира да распореди припадници на Националната гарда со цел да помогнат во справувањето со криминалот. Обраќајќи се кон новинарите во Овалната соба, Трамп одби да го открие името на градот за кој станува збор.

Во изминативе недели, тој го отвори прашањето за испраќање војници во неколку градови со демократско водство, меѓу кои Балтимор, Чикаго и Њу Орлеанс, како дел од поширока акција за воспоставување ред и мир.