Тркалезна маса на тема “Предизвикот за малцинските права се уште без одговор” во Албанија

Вчера во Тирана, по повод Меѓународниот ден на човековите права, а во организација на грчката партија во Албанија – Партија за човекови права, се одржа тркалезна маса на тема “Предизвикот за малцинските права се уште без одговор”. Со свои дискусии на тркалезната маса учествуваа преставници на грчката, македонската, влашката, ромската, српската, бошњачката и египтјанската етничка заедница во Албанија.

Преставниците на малцинствата беа едногласни дека “Законот за заштита на националните малцинства во Република Албанија” не ги решава проблемите на националните малцинства и не ги признава малцинските права на целата територија на земјата. Иако овој закон е донесен пред една година, се’ уште не е влезен во сила, бидејќи не се усвоени подзаконските акти со коишто ќе се овозможи негова примена.

Претставниците на националните малцинства постигнаа договор за формирање на кординативно тело за малцинските слободи и права со претставници од сите етнички заедници во Албанија, а со цел заеднички да ги бараат своите слободи и права во Албанија, гарантирани со меѓународното право и конвенции. На тркалезната маса присуствуваше Васил Стерјовски, претседател на Македонско друштво “Сонце”!